Одвеано од виорот

18.05.2017 12:59
Одвеано од виорот

Ако се бара реченица што најкратко и најблиску може да го опише вчерашниот голем настан – шефот на државата Ѓорге Иванов конечно му даде мандат на лидерот на СДСМ и на опозицијата Зоран Заев да состави влада – и, особено, да ја оправда (ако може) радоста во македонската јавност, тогаш не треба да се прескокне култната од романот „Одвеано од виорот“ на Маргарет Мичел: „Конечно, утре е нов ден“.

Можеби заминувањето на десетгодишниот деспотски режим не личеше како да го однел виор, зашто доаѓањето до моментот на вистината, односно до толку посакуваните и очекувани промени беше премногу бавно, долго и мачно патување во ноќта. Можеби сè уште од јавната сцена – културна, работна, нормална – не е вистински и на безбедна далечина одвеано најлошото и најстрашното што го донесоа изминативе 11 години, зашто нашите бескрупулозни владетели, сега основано осомничени за тешки кривични дела, сè уште уживаат во слободата, како и во сè друго што украдоа, грабнаа или го добија незаслужено. Можеби има уште десетици други причини за сомневања и резерви, некои повеќе од оправдани, зашто сè што треба да настапи – парламентарното мнозинство, владата и, воопшто, власта – во државата, во општеството и во нашите животи е ново и непознато. Можеби.

Но, енергијата (позитивна) што ја ослободи чинот на доделувањето на мандатот имаше сила на вистински виор што ги одвеа – барем на еден ден – сите можни уништувачи на забавата. Утре е нов ден. Конечно!

Извор: Слободен печат
Слика: Александар
 Ковачевски