Враќањето на геополитиката на Балканот не е неизбежно

19.05.2017 02:44
Враќањето на геополитиката на Балканот не е неизбежно

Политичките кризи, регионалните тензии и влошувањето на демократијата покажуваат дека постои зголемен ризик од конфликт и нестабилност на Балканот. Мирот, демократските реформи и стабилноста на Балканот во последните две декади беа гарантирани од ветувањето за членство во Европската Унија (ЕУ) и од гаранциите за безбедност од САД и од НАТО. Двата столба на стабилноста се ослабени и денес сведочиме на враќање на геополитиката во регионот.

 

Хрватска и Албанија се последните балкански земји кои се зачленија во НАТО во 2009 година. Интеграцијата на Македонија во НАТО е запрена откако Грција стави вето на членството заради спорот со името. Додека Црна Гора сигурно напредува кон полноправно членство во Алијансата, овој напредок имаше цена по внатрешната политичка стабилност со што се зголеми улогата на Русија во земјата. Додека интеграцијата во НАТО е далечен сон за Босна и Херцеговина и Косово, Србија ги затоплува односите со Русија и ја отфрла идејата да се зачлени во Алијансата.

Дополнително, процесот на ЕУ интеграциите, главниот мотор на реформи, е во криза. Во последната декада, земјите од Западен Балкан постепено се приближуваа кон Европската Унија. Но, ЕУ стана преокупирана со политички, економски и финансиски кризи. Во исто време, проширувањето на Унијата стана многу ригидно и не беше во можност да одговори на предизвиците со кои беше соочен регионот.

Предизвици

Статус-квото во евро-атлантските интеграции создаде поволен контекст за балканските „владетели со цврста рака“ кои се додворуваат на различни геополитички играчи или инвеститори, ја зголемуваат личната моќ и клиентелистичките мрежи, и го ограничуваат просторот за демократија, владеење на правото и слободата на медиумите во нивните сопствени земји. Како што аргументиравме во една скорешна студија посветена на состојбата со демократијата на Балканот, демократијата е во пад во регионот и „владетелите со цврста рака“ создаваат нестабилност како што покажа насилството во македонскиот парламент со нападот на пратениците од страна на толпата на 27 април.

Моменталниот вакуум остава повеќе простор за Русија и Турција да ги искористат нивните историски, религиски и бизнис врски со регионот. На Балканот се гледа како на дел од западната сфера, кој сега може да се освои. Русија има добиено повидливо и деструктивно присуство во оваа сфера. Таа поддржува партии и медиуми кои се спротивставуваат на евро-атлантските интеграции и го поткопува процесот на интеграција во ЕУ. Нивното вклучување, пред сè, е опортунистичко и доаѓа како резултат на слабоста на ЕУ, НАТО и на САД во регионот, отколку што е дел од некој нивен стратешки план. Иронично е да се види дека Русија го обвинува Западот, кој веќе е оддалечен од Балканот, како главниот виновник кој стои позади последната сила која бара демократија и одговорност во регионот – а тоа се мобилизираните граѓани.

Надворешниот контекст е драматично променет. Геополитиката ги зголеми влоговите во серијата локални кризи кои можат уште повеќе да ескалираат.

Во Македонија, на пример, владејачката партија се потпира на руска поддршка и се обидува да предизвика етнички тензии. На Самитот на Европската Унија во март 2017 година, лидерите на ЕУ дискутираа за Западниот Балкан после долг период, и изразија загриженост за руското мешање во регионот, како и за другите надворешни влијанија кои ги засилуваат поделбите во повеќе проблематични делови од Балканот.

 

Граѓаните во регионот се фрустрирани и немаат јасна перспектива. Тие беа најголемата група на баратели на азил во ЕУ пред да се случи мигрантската криза во 2015 година. Само мал дел од радикалната младина од Западен Балкан се приклучи на ИСИС или поддржува радикални религиски групи. Но, комбинацијата на игнорирање од страна на ЕУ, лошото владеење и мешањето на надворешни актери создава ризик од создавање плодна почва за насилен екстремизам.

Покрај радикалниот ислам, постои и опасност од разгорен национализам кој зема замав. На пример, радикалниот српски политичар Милорад Додик, претседател на Република Српска, се заканува со референдум за поделба во 2018 година. Слично на тоа, албански политичари во Србија, Косово, Албанија и Македонија сугерираат создавање Голема Албанија во случај да пропадне процесот на интеграција во ЕУ.

Предизвиците во регионот се тесно испреплетени и взаемно се зајакнуваат: авторитарните тенденции меѓу лидерите кои ги отфрлаат демократските институции и правила; интервенцијата од надворешни сили, а особено Русија, да се искористи Балканот како игралиште за поголеми геополитички конфликти; и променливите меѓуетнички односи во делови од регионот кои се инструментализирани од страна на владеачките елити.

Перспективи

Во стратешки интерес на САД и на ЕУ е да го зачуваат поредокот и да поддржат враќање на поголема стабилност, демократски реформи и забрзување на процесот на интеграција во ЕУ. Без овие услови, има опасност регионот да стане предмет на поголема геополитичка битка која може да создаде нестабилност и која може да придонесе за пошироко влошување на односите меѓу ЕУ и САД.

За САД, координацијата со ЕУ за јасна порака дека иднината на регионот останува во евро-атлантските интеграции, може да создаде чиста перспектива која недостига во последните неколку години. Зајакнувањето на оваа посветеност подразбира јасна поддршка за демократското владеење и давање одговор на авторитарниот наплив во регионот. Оваа посветеност е важна бидејќи автократските режими ветуваат краткорочна стабилност додека ги еродираат структурите кои ја гарантираат долгорочната стабилност.

Соединетите Држави, без разлика дали биле водени од републиканци или демократи, имаат заслужена репутација во регионот за поддржување на реформатори и гарантирање на мировни договори. Натпартиската посветеност им даде на САД значително влијание и кредибилност низ целиот регион во последните дваесет години. САД обезбеди сојузници на Балканот и го зголеми својот престиж во регионот со ограничени инвестиции. Ако САД продолжи со истата порака, ако ја поддржи ЕУ, ако ги поттикне земјите да ги надминат билатералните проблеми и да се воздржат од инструментализирање на етничките тензии, тогаш Соединетите Држави може да останат конструктивен актер на Балканот и да помогнат да прекине моменталната несигурност во регионот.

Вклученоста на САД подразбира и финансиска поддршка за владеењето на правото и за демократијата на Балканот. Финансиската поддршка за владеењето на правото и демократијата носи висок поврат и ќе се испрати погрешна порака ако се намалат фондовите. Обновената и јасна посветеност на САД ќе ги држи настрана интервенциите од опортунистичките надворешни актери и ќе го доврши процесот на евро-атлантска интеграција.

Извор: respublica.edu.mk