Вистинското извинување може да биде тешка задача

19.05.2017 04:18
Вистинското извинување може да биде тешка задача

Повеќето луѓе го изговараат зборот „извини“ многу пати од тривијални причини – кога случајно ќе се судрат со некого, или кога некој некому нема да му ја задржи вратата. Ваквите извинувања се прифаќаат многу лесно. Но кога зборот „извини“ треба да исправи нешто навистина болно, било да е тоа нешто изговорено, нешто сторено или несторено, тогаш зборов може да биде многу тежок.

Дури и кога извинувањето се нуди од најискрени побуди, тоа може да биде поткопано од начинот на неговото формулирање. Наместо да ја избрише емотивната болка, лошо скроеното извинување може да доведе до долготраен бес и антагонизам, или да поткопа некоја значајна врска.

Признавам дека цел живот си имав проблем со извинувањата, но неодамна открив дека искреното извинување може да биде моќен лек, кој подеднакво благотворно влијае и на оној кој го дава и на оној кој го прима. Откако дознав дека соседот што вербално ме нападна всушност бил бесен заради превидот што сум го направила, а не сум била свесна за тоа, му напишав писмо со надеж дека ќе успеам да го намалам непријателството. Се извинив за она што изгледаше како отсуство на бонтон и почит. Реков дека не барам ниту очекувам простување, туку дека за во иднина само се надевам на пристоен однос, кој не мора да биде пријателски; писмото го испратив заедно со тегла мармалад што самата го направив. Се чуствував многу подобро. Не само што се ослободив од еден непријател, туку стекнав и пријател.

По една недела сфатив дека и психологот д-р Хариет Лернер предлага токму вакви извинувања. Во првиот дел од нејзината книга „Зошто не сакаш да се извиниш?“, авторката наведува дека извинувањата проследени со рационализација никогаш не се доволно добри и може да направат повеќе штета отколку полза. Кога зборот „но“ е закачен до извинувањето, тоа е само изговор кој служи како контра на искреноста на оригиналната порака. Најдобрите извинувања се кратки и не содржат никакви додатни разјаснувања што можат да ги доведат во сомнеж.

Никакво барање за простување не би требало да биде дел од извинувањето. Навредената страна може да прифати искрено извинување, но сè уште не е подготвена да го прости престапот. Простувањето, ако дојде до него, може да зависи ако навредената страна се увери дека престапот нема да се повтори.

„Ние никому не треба да кажуваме да прости или да не прости“, вели Лернер која се спротивставува на популарното мислење дека отфрлањето на простувањето е лошо за здравјето и дека може да доведе до живот удавен во горчина и омраза. „Не постои само еден пат кој води до исцелувањето. Постојат многу улици што нè водат до напуштање на корозивните емоции и без да се прости, како што се: терапија, медитација, лекови, па дури и пливање“, вели таа.

Според неа, најтешко е да му се прости на некој што не се извинува, како што беше мојата тетка што ја сакав како родена мајка. Но кога јас, која потекнувам од еврејско семејство, одлучив да се омажам за христијанин, таа одби да дојде на свадбата и никогаш не ми се извини за големата болка што ми ја нанесе со нејзиното недоаѓање. Иако неколку пати се обидував да ја обновам таа врска, таа секогаш успеваше да се дистанцира и денес, повеќе од половина век подоцна, јас не можам да ѝ простам.

Фокусот на извинувањето треба да биде на она што го рекол или што го направил престапникот, а не реакцијата на тоа. Кога ќе кажете: „Жал ми е што така се чувствуваш“, го префрлате фокусот на личноста што е навредена, наместо на оној што наводно се извинува; на тој начин „извини“ се претвора во „воопшто не ми е жал“, пишува Лернер.

Но зошто на многу луѓе им е толку тешко да понудат искрено и спонтано извинување? Докторката Лернер смета дека дека е тоа „зашто луѓето се направени да бидат дефанзивни“. Таа тврди дека извинувањето е од пресудно значење за здравјето, како за физичкото, така и за емотивното здравје. „I’m sorry“ се двата најлековити зборови во англискиот јазик, вели таа.

Беверли Енгел, авторка на книгата „Моќта на извинувањето“, се присетува како се променил нејзиниот живот по извинувањето од нејзината мајка која цел живот емотивно ја злоставувала.

„Тоа беше магија, извинувањето има моќ да ги избрише лошите работи, да ги обнови врските, да ги залечи раните и да го залепи скршеното срце. Извинувањето вистински влијае и врз телесните функции на личноста која го прима – крвниот притисок се намалува, отчукувањата на срцето се побавни, а дишењето станува постабилно“, пишува Енгел.

Извор: The New York Times

Слични содржини

Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Наука / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото