Јавно предавање на Себастијан Цихочки на интернационалниот симпозиум „Кураторски размени“

19.05.2017 05:06
Јавно предавање на Себастијан Цихочки на интернационалниот симпозиум „Кураторски размени“

Јавно предавање на Себастијан Цихочки, во рамки на 6-тиот Интернационален симпозиум „Кураторски размени: Простори, функции, фикции и други заеднички именители“ организиран од Проектен простор Прес ту егзит од Скопје

Во сабота, (20 мај 2017), во Музејот на современата уметност во Скопје со почеток во 19:00 часот ќе се одржи отворено предавање и дискусија со Себастијан Цихочки, водечки куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава, Полска, со наслов „Ова е уметност и уметноста е многу нешта”*.

Како што е наведено од кураторот, во 1970-тите години Јиржи Лудвински (Jirzi Ludwiński), полски уметник, теоретичар и критичар, го најавил доаѓањето на пост-уметничкото време. Тој забележал дека трансформацијата на уметноста е резултат на преземање на сосема нова форма; онаа која критичниот јазик на неговото време не беше во можност да ја критикува. Лудвински тврди дека пост-уметноста има неспорно поголем потенцијал отколку активностите кои се традиционално признаени како уметнички. Тој напишал: „Сите претходни концепции кои се однесуваат на уметноста се откажани, дури и онаа на авторството. Она што е важно се тензиите креирани преку колективен труд на многу индивидуи што придонесуваат за донесување систем кој пулсира со живот, како некое гигантско дело на природата. Уметност = реалност“.

Таквите пост-уметнички времиња најавуваат ера во која високиот „коефициент на уметноста“ (како феномен кој теоретичарот Стивен Рајт го опишал повикувајќи се на предавањето на Марсел Дишан „Креативен чин“, 1957) е присутен во многу области од животот; кога работата на уметникот не секогаш се материјализира во форма на уметничко дело; кога и самата уметност се создава во размер 1:1, наместо да производува модели за ситуации и нешта.

Како може да се измери коефициентот на уметноста во еден уред кој собира магла и кој ги снабдува со вода жителите на пустината во Чиле? Колку уметноста е присутна во процесот на соработка меѓу турски пчелар и кошница пчели во текот на производството на психоактивен мед? Прашањето што навистина вреди да се постави е: Постои ли повеќе уметност во или вон ѕидовите на музејот?

* Насловот на предавањето го парафразира насловот на изложбата: „Ова е изложба, и изложбата е многу нешта“ во S.M.A.K. во Гент (1994), опишана како „забавна палата, урнебесна соба, дисконт магацин, музеј без ѕидови, пустелија и кабинет за куриозитети на прекрасното и безначајното“.

Себастијан Цихочки (Sebastian Cichocki) е куратор, писател и уметнички критичар. Тој е водечки куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава и куратор на Sculpture Park во Bródno дистриктот во Варшава. Во периодот од 2005-2008 година бил директор на Центарот за современа уметност Kronika во Битом (Полска). Главниот фокус на истражувањето на Цихочки е пост-уметничкото и 1:1 размерните практики, концептуалните рефлекси во уметноста, ленд артот, теоријата на нештата и книгата како форма на изложба. Тој е куратор на голем број самостојни и групни изложби, вклучувајќи го претставувањето на Моника Сосновска на полскиот павилјон на 52-то, и Yael Bartana на 54-то Биенале во Венеција. Има реализирано голем број експериментални изложби во форма на книги, либрета, како и резиденциски програми и предавања. Цихочки живее и работи во Варшава.

Шестиот Интернационален симпозиум „Кураторски размени“ е годишен симпозиум кој ја третира локалната и регионална потреба од квалитативна размена на знаење и искуства кои се однесуваат на теоретски и уметнички истражувања, кураторски практики и едукација.

Симпозиумот е куриран, организиран и реализиран од страна на историчарката на уметност и кураторка Јованка Попова, и уметниците и коосновачите на Проектниот простор Прес ту егзит, Јане Чаловски и Христина Иваноска. 

Годинашниот симпозиум е организиран во соработка со: Музејот на современа уметност, Социјалниот центар „Дуња“ и Клуб ГЕМ, а поддржан од: Министерство за култура на Република Македонија, Австриска амбасада, Амбасада на Кралството Шпанија и Aмбасада на Република Полска.