Невидливата ориентација: Асексуалност

19.05.2017 10:09
Невидливата ориентација: Асексуалност

Многу луѓе ми се допаѓаа како личности и бев заљубена до уши, но никогаш не ми падна на ум дека со кој било од нив би сакала да имам секс. (Џени, 35)

Никогаш не разбирав зошто луѓето се жалат ако немале секс, на пример, два месеци, а јас размислувам зашто не сакам и не би ми било важно ако немам секс до крајот на животот. (Ник, 31)

Откако знам за себе, иако може да им се допадне убаво лице или тело, никогаш не сретнав личност за која помислив дека е секси и да посакам да имам секс со него – без разлика дали тоа е најпопуларното момче во училиштето, најзгодниот глумец на светот, моето сопствено момче или сопруг. (Анет, 47)

Порното и еротските материјали воопшто не ме возбудуваа никогаш и никогаш не можев да се вклучам во разговорите за тоа со другарите „кој би сакал со која девојка“. Во еден момент се загрижив дека сум прикриен геј, но од друга страна мажите воопшто не ме привлекуваат сексуално. (Алекс, 23)

Дали се пронаоѓате во некоја од овие изјави? Ако вашиот одговор е да, можеби сте асексуални.

Според официјалната, едноставна дефиниција асексуалноста е недостаток на интерес и желба за секс, или поинаку кажано, потполно отсуство на сексуална привлечност кон другите. Некои асексуалноста ја дефинираат како отуство на сексуална ориентација, односно, отсуство на привлечност кон кој било пол. Меѓутоа, заедничко на сите дефиниции е тоа што асексуалноста се одредува според негативниот критериум, односно, како отсуство на нешто што самото по себе е тешко да се дефинира и мери.

Затоа, можеби е најлесно да објасниме што е асексуалноста токму преку она што не е.

Што не е асексуалност

Асексуалноста НЕ Е избор. Прво и најважно да се спомене е дека сексуалноста не е целибат или воздржување од секс од какви било причини (верски, обичајни, лични). Асексуалните луѓе немаат желба за сексуални односи – зашто сексот едноставно не ги интересира.

Асексуалноса НЕ Е ментално нарушување. Важно е да се напомене дека асексуалноста не е последица на некоја психолошка траума од детството. Секако, постојат луѓе кои не се впуштаат во сексуален живот заради различни стравови од минатото (сексуално злоставување во детството, силување, гадење или срам од сопственото тело, лошо искуство итн.) но за овие луѓе не би било правилно да се каже дека се асексуални самите по себе.

Асексуалноста НЕ Е сексуална дисфункција. Асексуалноста не е ни физичко нарушување, зашто иако истражувањата покажуваат дека сексуалните луѓе имаат помало либидо (додуша, контроверзно е прашањето што е „нормално“ либидо) тие немаат никаков хормонален дисбаланс или патологија. Ниту нивните полови органи се оштетени на кој било начин, за што сведочи тоа што со стимулација имаат нормални телесни одговори во вид на ерекција или навлажнување. Воопшто, асексуалноста не е исто што и нарушувањето на сексуалната дисфункција, зашто „таму долу“, а и „таму горе“ сè е во ред.

Асексуалноста НЕ ЗНАЧИ дека личноста не сака романтичен партнер, семејство и деца.

Желбата за блискост и романтична љубов не им е непозната на асексуалците. Еј, и асексуалците се луѓе. Само, тие во таа врска немаат желба за секс со својата сакана личност. Сепак, бидејќи многу асексуалци се во врска со сексуални личности, често се согласуваат и со сексуалната страна од врската за да ги задоволат своите партнери. Многу асексуалци ќе се впуштат во сексуални односи од желба за деца, или заради притисокот од околината и социјалните норми. Но, сексуалниот чин самиот по себе, или иницирањето на истиот, речиси воопшто не ги интересира и не им претставува ништо повеќе од обична механика.

Тука е важно раздвојувањето на две димензии: сексуалноста и романтичноста. Како и сите (сексуални) луѓе, асексуалците можат да бидат хетероромантични (заљубување во личност од спротивниот пол), хоморомантични (заљубување во личност од ист пол) или биромантични (во двата пола). Она што е заедничко за сите е што асексуалците не сакаат сексуален однос со нив. Врвот на љубовта за асексуалецот е речиси платонска, несексуална љубов. Постојат и аромантични асексуалци: луѓе на кои не им се допаѓа ниту романтичното, ниту сексуалното, ниту луѓе од ист или од спротивен пол.

Асексуалноста НЕ Е страв од сопствената сексуалност. Често е претпоставувањето од страна на семејството и пријателите дека одредена личност всушност е лезбејка или геј кој негира, ја потиснува и прикрива својата сексуалност. Тоа повторно произлегува од длабокото уверување дека личноста МОРА да биде сексуална на некој начин и дека нејзиниот сексуален статус ќе се „измени“ кога ќе си го признае тоа на себеси. Меѓутоа, ова воопшто не мора да биде вистина. Како што објаснивме претходно, хетероромантичните асексуалци емотивно се врзуваат исклучиво за личности од спротивниот пол и не чувствуваат никаква привлечност кон личностите од истиот пол, додека хоморомантичните асексуалци најнормално ја признаваат својата заљубеност и влегуваат во врски со личности од ист пол, но без желба за сексуален контакт со нив.

Асексуалците НЕ СЕ ПЛАШАТ од допири и секс. Слично, претпоставката дека асексуалците се плашат од самиот чин на секс паѓа во вода, прво, како што веќе споменавме, зашто заради партнерот често се согласуваат да имаат секс, второ, зашто повеќето асексуалци зборуваат за сексот потполно не-табуирано, слободно, без срам и анксиозност, и со речиси научен интерес. Во младоста често се посветуваат на истражување сешто во врска со сексот, зашто едноставно не им е јасно зошто тој толку им значи на другите луѓе, а зошто ним не им значи ништо.

Иако, постојат некои асексуалци на кои не им одговара допирањето, бакнувањето, и затоа ги избегнуваат, многу е поголем бројот на оние на кои овие нешта им се или неутрални или сосема пријатни и пожелни како израз на интимност. Најпосле, асексуалците имаат исти емотивни потреби како и сите луѓе. Симпатични се собирањата под назив „snuggle parties“ каде се охрабрува потрагата по физички контакт кој никогаш не се комплицира со сексуалниот контакт, кон што вообичаено води таквото однесување.

Асексуалноста НЕ Е проблем. На асексуалците нивната незаинтересираност за секс не им претставува апсолутно никаков проблем, освен тогаш кога другите луѓе ги третираат како да имаат проблем, постојано ги прашуваат за сексуалниот живот и очекуваат нивна промена, или бараат од нив сексуална врска. Асексуалните луѓе живеат сосема нормално – времето кое не го трошат на практикување секс и барање потенцијални сексуални партнери го поминуваат дружејќи се со блиските пријатели, насочувајќи се кон кариерата или занимавајќи се со слични хобија. Знаете, нормални нешта.

Кои се проблемите на асексуалноста

Повеќето луѓе се мошне сексуални на овој или оној начин, без разлика дали се хетеросексуални, хомосексуални или склони кон некоја парафилија. Затоа што им е толку далеку од искуството, на многу луѓе им е незамисливо некој да живее без секс, и не само тоа, туку дека навистина искрено не сака и не чувствува потреба за секс, што речиси се сфаќа како да сте им рекле дека конкретната личност не дише или не јаде. Или дека е амеба. Или вонземјанин кој се оплодува со опрашување.

Заради овие и многу други предрасуди асексуалците поминуваат многу од своето време објаснувајќи им на сите загрижени зошто немаат девојка/момче, зошто не ни го/ја бараат, зошто не сакаат во кревет со нив...

Што велат научните истражувања?

Алфред Кинзи, пионерот во проучувањето на сексуалното однесување кај луѓето, е познат по осмислувањето на првата скала која ја претставува сексуалноста како континуум, на која луѓето можат да се рангираат според своите сексуални преференции. На оваа скала нулата претставува исклучива хетеросексуалност, а 6 исклучива хомосексуалност, додека степените од 1 до 5 опфаќаат различен опсег на бисексуалност. Во студијата на Кинзи учествувале над 17 000 луѓе и дошло до некои револуционерни откритија. Меѓутоа, не е земено предвид едно откритие; било сметано за грешка во студијата. Погодете кое.

Овој „пропуст“ вели дека помеѓу 1 и 3 проценти од мажите и жените одговориле дека не чувствуваат и дека никогаш не чувствувале сексуална привлечност од каков било вид, кон никого. Очигледно, за овие испитаници немало место на скалата на сексуалноста, па Кинзи ги обележал како кластер „Икс“. Овој феномен долго се криел зад мистериозниот Икс и бил целосна непознаница. Денес, сфаќаме дека фамозниот Икс, всушност, се однесувал на А – асексуалност.

Сè уште нема прецизни студии во значаен број за асексуалноста, иако во последните неколку години има сè повеќе. Истражувањата од деведесеттите покажаа дека 2-3 проценти овци за време на парењето не биле заинтересирани ни за мажјаците ни за женките од својот вид, дури ни при повторените тестирања една година подоцна. Кај овие примероци не се најдени никакви хормонални аномалии и општото физичко здравје им било одлично.

Меѓутоа, истражувањата на животните не можат директно да се префрлат на луѓето, затоа се извршени понатамошни испитувања.

Особено интересни резултати даде истражувањето од 2004 година: на прашањето за сексуалната привлечност 1-2 проценти од испитаниците го заокружиле одговорот „Никој не ме привлекол сексуално никогаш“. Ова се смета за рамковен процент асексуални луѓе кај општата популација, што е само малку пониско од 3 проценти, колку според последните мерења во моментов се проценува дека е рамковната застапеност на хомосексуалците кај популацијата, иако е веројатно дека тој број е повисок.

Асексуалноста и сексуалната револуција

За време на сексуалната револуција во 20 век сексуалноста почнуваме да ја гледаме како нешто повеќе од обична репродукција. Затоа, асексуалноста најмногу се јавува како западен концепт во врска со себеси и идентинетот. Многу општества и понатаму ја гледаат асексуалноста само како средство за размножување, па со отфрлањето на таквите идеи и се отвора можност личноста да го најде своето место на спектарот на сексуалноста и да ги гледа сексуалните односи како чин на уживање. Со тоа се појавуваат и луѓе кои одлучуваат да не практикуваат секс зашто едноставно не уживаат.

По толку години борба за сексуалните права, сексуалноста најпосле полека излегува од сенка и престанува да биде табу. За неа се зборува отворено сè повеќе и сè полесно се прифаќа определбата на другите, иако битката е далеку од извојувана. И покрај сексуалната револуција, и натаму се смета дека еден од основните човечки инстинкти е инстинктот за секс и размножување, па е чудно што постојат луѓе кои едноставно го немаат тој инстинкт. Асексуалноста излегува од „нормалната“ сексуалност во светот каде е очекувано сите да чувствуваат сексуален нагон и желба. Се создава парадокс дека сексуалната слобода не подразбира слобода да се одлучиш да немаш секс

ЛГБТ+ или квир или ништо од понудените одговори?

Постојат многу ставови за тоа каде на спектарот на сексуалноста всушност припаѓа асексуалноста. Од една страна, таа може да се категоризира во ЛГБТ+ односно терминот квир чадор зашто не е општо прифатена сексуална определба. Но, од друга страна, некои, како квир активистот Ден Севиџ, мислат дека асексуалните луѓе не би требало да учествуваат во парадите на гордоста. Според неговото мислење тие „не мораат да маршираат за права. Само останете дома и не правете ништо“. Дури и во рамки на самата асексуална заедница мислењата се разликуваат, и се отвора прашањето дали е подобро да се прошири терминот ЛГБТ+, или да се категоризира асексуалноста како квир, или, пак, да се избегне категоризацијата. Конечен одговор нема. Токму заради фактот дека ниедна страна не ги прифаќа сосема, позицијата на асексуалните луѓе е мошне тешка.

Асексуалните ликови и познатите луѓе

Не е можно точно да се дознае кои луѓе низ историјата се идентификувале како асексуални зашто сексуалната ориентација е релативно модерен конструкт. Во минатото, воздржувањето од секс главно било вид идеолошки или религиски целибат. Но, личноста за која се верува дека немала интерес за сексуални односи е познатиот физичар и математичар Исак Њутн. Не се оженил никогаш, немал деца, ниту е познато дали имал некакви односи со жени и мажи. Дури се верува дека никогаш во животот немал сексуални односи. Уште еден познат научник за кој се смета дека бил асексуален е Никола Тесла. Единствената прилика кога ја споменал љубовта на начин „како што мажот ја сака жената“ мислел на својот омилен гулаб.

Денес, идејата за асексуалноста како сексуална ориентација е веќе раширена и прифатена, па некои јавни личности се идентификуваат како асексуални. Еден од првите кој го направи тоа е британскиот музичар Морисеј кој поголемиот дел од кариерата го истакнуваше недоволниот интерес за секс и наведуваше дека е во целибат.

Се поставува прашањето зошто денес, кога во медиумите сè повеќе се прикажуваат луѓе со различни ориентации, не постои поголема репрезентација на асексуалците на телевизија, во филмовите или во книжевноста. Еден од ретките ликови кој се смета за асексуален е создаден уште на крајот од 19 век. Се работи за познатиот детектив Шерлок Холмс, кој не се впушта во врска со ниеден од ликовите во текот на целата приказна, и покрај тенденцијата на фановите да го стават во разни романтични или сексуални ситуации, првенствено со помошникот Џон Вотсон. Творецот на неговиот лик, Артур Конан Дојл, уште и рекол дека Холмс „е асексуален во сржта, без еротски интерес за жени или мажи“.

Еден од ретките асексуални ликови кој стана популарен во последно време е Шелдон Купер од серијата Big Bang Theory. За жал, неговата асексуалност повеќе се користи во комични цели отколку како канал за испраќање позитивни пораки или подигнување на свеста за асексуалноста. Затоа, асексуалците и понатаму остануваат без ликови со кои можат да се идентификуваат, што само може да ја потврди медиумската фокусираност на сексуалните односи и потребата сите ликови да имаат романтични интереси во текот на приказната.

Борбата за видливост

Благодарение на интернетот денес сè повеќе се подигнува свеста за асексуалните луѓе и конфликтите со кои се соочуваат. Како поддршка за асексуалците (но, и луѓето кои им се блиски) најмногу се истакнува The Asexual Visibility and Education Network (AVEN) која претставува сигурно место за дискусија и размена на искуства. Токму заради истата причина неделата од 26 октомври до 2 ноември се прославува како Недела за подигнување на свеста за асексуалноста.

Извор: http://kulturkokoska.rs

ОкоБоли главаВицФото