Гласови (1)

20.05.2017 14:06
Гласови

Антонио Поркиа (Antonio Porchia, 1885-1968) е роден во Конфлета (Италија). Во 1902 г. емигрирал во Аргентина, каде што некое време работел разни, лошо платени работи. Заедно со братот во 1918 купиле помала печатница која му овозможувала заработка за пристоен живот. Во 1936-та го напушта печатарскиот живот и сосема му се посветува на одгледувањето ружи.

Гласови е единственото дело кое го напишал и објавил. И денес претставува вистинска мистерија тоа јадровито и жанровски неодредено дело (со елементи на хаику, на афоризми, на мисли и фрагменти...) кое исклучително го ценеле Бретон, Борхес, Хенри Милер... Иако Поркиа оставал слика на „самотник и луд човек“ (Борхес) неговите Гласови се како соголен исечок од нашите животи, претставувајќи ја универзалната димензија на човечката егзистенција.

Во неколку продолженија на Окно ќе го претставиме делото на Поркиа.

 

ГЛАСОВИ

 

Сместен во некоја далечна маглина, го работам она што го работам, така за универзалниот баланс чијшто сум дел да не ја загуби рамнотежата.

 

Кој е испразнет од сè, безмалку знае што исполнува сè.

 

Дребулиите се вечни, а другото, сето друго е минливо.

 

Без таа смешна суета која се покажува кај секого и во сè, не би виделе ништо и ништо ќе немаше.

 

Вистината има многу малку пријатели, а и тоа малку пријатели што ги има се самоубијци.

 

Оној што ме држи на сиџимче, не е јак; јак е сиџимот.

 

Ако ми се отвори една врата, влегувам и излегувам од стотици затворени врати.

 

Знам дека немаш ништо. Затоа ти барам сè.

 

Боже мој, речиси никогаш не верував во тебе, но секогаш те сакав.

 

Да сум како камен а не како облак, моите мисли, кои се како ветар, би ме напуштиле.

Мислам дека злата во душата се душа. Бидејќи душата која ќе се излечи од своето зло, умира.

 

Здравата ствар не дише.

 

Престанав да те залажувам, а не да те сакам. Затоа ти се чини дека престанав да те сакам.

 

Кога сум задоволен со ништо, тогаш сум задоволен со сè.

 

Сто луѓе заедно, сочинуваат стоти дел од човек.

 

Зло не прават сите, но сите ги обвинува.

 

Ќе ти помогнам да дојдеш ако доаѓаш, и да не дојдеш ако не доаѓаш.

 

Кој не го исполнува својот свет со духови, останува сам.

 

Поради тоа што си најдобар на овој свет, веруваш дека си најдобар за светов. Како нè мамат нашите убедувања!

 

Да, ова е лошо. Но беше добро. И сега не разбирам како можело да биде добро. И сега не разбирам како може да биде лошо.

 

Кој ја зборува вистината, речиси ништо не зборува.

Додека не стане цела, работата е бучава. А кога е цела, таа е тишина.

 

Калта одвоена од калта, веќе не е кал.

 

Ништо не е само ништо. Тоа е, исто така, нашиот затвор.

 

Да, ќе се обидам да бидам. Оти мислам дека е гордост да не се биде.

 

Несфатливото во човека не е лошото што постои во него, туку доброто.

 

Не, не влегувам. Оти, ако влезам, нема да има никој.

 

Да, постојат милиони ѕвезди. А милиони ѕвезди се двете очи што ве гледаат.

 

Зборувам мислејќи дека не треба да зборувам: така зборувам.

 

Понекогаш мислам дека не постои сето она што го гледам. Зашто сето она што го гледам е сето она што сум го видел. А сè што сум видел, не постои.

 

Химерите доаѓаат сами, а заминуваат во друштво.

 

Постојат болки кои го загубиле помнењето и не се сеќаваат зошто болат.

 

Човек, кога не се кае, речиси и не постои.

Едно крило не е ни небо ни земја.

Имаме еден свет за секој, но немаме еден свет за сите.

 

Лошото слабо ме вознемирува; јакото ме смирува.

 

Кога ме следиш, тогаш верувам дека сум човек; кога верувам дека ти си човек, не си ми никакво друштво, оти човек сум кога верувам дека јас сум човек.

 

Човек е воздух во воздухот и за да биде точка во воздухот мора да падне.

 

Разлогот се губи со образложувањето.

 

Поради тоа што ти сакам добро, би сакал да можам да направам да веруваш колку јас престанав да верувам.

 

Не давај ми ништо. Оти, кога ти барам ништо, не ми даваш ништо.

 

Толку се помирив со тоа дека немам некои работи, што сега не би можел да се помирам со тоа да ги имам.

 

Бог му дал многу на човека; но човекот сака нешто и од човека.

 

Кога сè е направено, утрата се тажни.

Избор и превод: П. В.
Слики: Matt Duffin

ОкоБоли главаВицФото