Во Црна Гора е отворен Музеј на корупцијата

20.05.2017 15:23
Во Црна Гора е отворен Музеј на корупцијата

Музејот на корупцијата е регионален проект посветен на унапредување на радикалната свест за борба против корупцијата преку музеолошки методи и уметнички истражувања на корупциските скандали. Музејот беше отворен на 18 мај во Будва со визуелно претставување на најдобрите решенија на тема корупција во своевидната јавна галерија - на билборди низ улиците на црногорскиот град.

Музејот на корупцијата симболично беше отворен на Меѓународниот ден на музеите, чија тема годинава е „Музеите и контроверзната историја. Да се изговори неискажливо“.

На јавниот повик за визуелни есеи на тема корупција, што на уметниците им го упатија „За друга“ од Петровац и „Агора“ од Будва, пристигнале 23 трудови, од кои се избрани десет, врз основа на оценка на жири комисија.

Првата поставка ја сочинуваат дела на студентите од прва година на Факултетот за ликовни уметности во Подгорица, а учествуваат и карикатуристот Горан Шчекиќ, адвокатката Даниеле Чераниќ и стрип авторот Милош Албијаниќ.

Во текот на еден месец, на билбордите ќе бидат изложени различни дела.

Студентите од Факултетот за визуелни уметности претходно ги финализираа своите дела на тридневниот престој во селото Близикуќе и учествуваа во перформансот на завиткување на хотелот „Ас“ во местото Перазиќ. Овој хотел претставува еден вид споменик на неуспешната и фингирана транзиција во Црна Гора, а авторите го препознаваат како совршен експонат на виртуелниот музеј.

Сите дела што пристигнале на конкурсот ќе бидат изложени во Музејот на корупцијата, заедно со други материјали на поединци, невладини организации и државни тела за борба против корупцијата, кои се поканети да дадат свој придонес во вид на рецентни експонати за музејот.

Се работи за регионален проект на невладини и уметнички организации од Србија и Црна Гора со поддршка на меѓународна мрежа Традуки.


Извор: SEEcult.org

ОкоБоли главаВицФото