Србија на југот

20.05.2017 16:14
Србија на југот

По одржувањето на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година и особено по пропаѓањето на коалицијата помеѓу ДПМНЕ и ДУИ, во српската политичка и медиумска сфера се јавува засилен интерес за случувањата во Р. Македонија. Развојот на настаните во земјата со почетокот на преговорите помеѓу СДСМ и албанските партии и следствено почетокот на кампањата на ДПМНЕ за отфрлање на т.н. Тиранска платформа ја смести Македонија на насловните страници на српските медиуми, проследена со секојдневни соопштенија на тамошната влада. Ако се направи макар и само површна анализа, лесно се воочува дека во сите владини соопштенија провејува суптилна, но сепак јасна поддршка кон ставовите на ДПМНЕ, најчесто обвиткани во дипломатските фрази за заложбите на Србија за стабилна Македонија и стабилен регион, и во нив не се пропушта да се искаже дека Србија ќе го избегне т.н. македонско сценарио само со спроведувањето на тековна владина политика. Така, на пример, во соопштението на српскиот премиер и избран претседател, Александар Вучиќ, по средбата со Владимир Путин во Москва, во нему својствен стил со цитирање на изјави на други политичари ги пренесува и своите изјави, се вели дека „за разлика од западот кој го протежира Заев и неговата коалиција, Путин ја преферира солуцијата на влада предводена од Никола Груевски и ДПМНЕ“. Во изјавите на Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи и „најрускиот“ елемент во владата на Србија, кој инаку и во минатото не го криел презирот кон фактот дека Р. Македонија треба и мора да води сопствена надворешна политика кон прашањето за Косово, провејуваат ставови за тоа дека состојбата во Македонија е изгубена посочувајќи го западот како главен виновник поради протежирањето на едната опција наспроти, според него, потребниот компромис со другата опција, без да каже како тоа би требало да се постигне. Состојбата во средствата за јавно информирање е уште поеднострана. Пред да ја опишеме истата мора да го истакнеме фактот дека состојбата во медиумскиот простор во Србија сè повеќе наликува на онаа во Македонија со доминантно влијание на владините структури во уредувачката политика во повеќето електронски и печатени медиуми, проследено со потполната потчинетост на тамошното регулаторно тело за медиуми. Состојбата се нотира и со последните известувања на меѓународните организации каде индексот на медиумските слободи во Србија е во значителен пад, а парадоксално, проследена е со истите млаки соопштенија на ЕУ како и во случајот со РМ во минатиот период. Со оглед на претходно наведеното, не е тешко да се заклучи дека медиумите ослободени од дипломатските фрази на официјалните власти директно и навивачки го поддржуваат Никола Груевски и ДПМНЕ во сите негови ставови и изјави, нарекувајќи ја другата страна (Заев и СДСМ) полтрони и послушници на западот кои свесно ја одработуваат „големоалбанската агенда“ во регионот. Интересно, но и загрижувачки, е тоа што и оние мали делови на преостанати независни и посветени на демократијата медиуми, во помала мера но сепак повеќе натежнуваат на страната на ДПМНЕ. Така, на пример, неделникот Време во извештаите од настаните од 27 април се повикува најчесто на извори од МТВ, Сител телевизија и Нова Македонија, без да цитира ниту еден опозициски извор. Во случајот со дневниот весник Данас се забележува промена во извесувањето дури откога дотогашниот дописник од Скопје, кој прилично отворено ги протежираше ставовите на ДПМНЕ, престана да биде извор на информирање, со што и ставовите на другата страна почнаа да се објавуват во склопот на пообјективно информирање за овдешните настани.

Која е сепак причината за овие ставови на северниот сосед?

За почеток, малку историја.

 

Во српската политика, односно во нејзиниот доминантен корпус кој ги обликувал контурите на нејзиното делување, Македонија и македонскиот народ се сметале за дел од историската српска држава каде Скопје се јавува во еден период како царска престолнина. Во самракот на Отоманската империја со освојување на Вардарска Македонија во Првата балканска војна во 1912 година, политиката на посрбување и на асимилација на македонското население ќе стане официјална српска државна доктрина која во 1918 ќе се преточи во новата државна творба наречена Кралство на СХС (од 1929, кралство Југославија). Историското ВМРО во таа политика ќе гледа смртна закана за опстанокот на македонскиот идентитет и против неа ќе се бори со сите средства, вклучително и со атентати на видни претставници, при што од раката на Владо Черноземски во Марсеј 1934 година смртно ќе насрада и кралот Александар I. По прогласувањето на независностa на Mакедонија во 1991 година, Србија под неприкосновената рака на Слободан Милошевиќ, зафатена со војните во Хрватска и БиХ, навидум ќе ја остави на мира Македонија, сепак погрижувајќи се да ја лиши од целото вооружување кое ЈНА при своето повлекување ќе го однесе од воените магацини, сметајќи дека по претпоставената нестабилност и неизвесност во која новата држава со сложена внатрешна состојба ќе се најде во блиска иднина, ќе го врати како актер кој ќе има одлучувачки фактор. Повремените иницијативи за поделба на Македонија со „големиот пријател“ Грција сепак ќе имаат само цел за психолошко тестирање за стабилноста на Македонија, што не е случај и со атентатот на тогашниот престедател на РМ, Киро Глигоров, кој сè уште не е расветлен и каде една од можните траги води директно кон Белград. По демократските промени во Србија од октомври 2000 година, односите помеѓу двете земји (до 2006 година се работи за заедницата помеѓу Србија и Црна Гора) формално ќе се стабилизираат, но без постоење на некоја стратешка димензија. Важно е да се нагласи дека по промените во Србија улогата на нивните безбедносни служби кои ќе останат имуни на целокупните промени и ќе останат под управа на луѓето од времето на Милошевиќ, ќе биде одлучна во развојот на настаните. Таа структура ќе игра важна улога и во односите помеѓу двете земји, чие финале ќе се официјализира со доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година. Не случајно оттогаш односите со Србија ќе станат еден од темелите на надворешната политика на РМ, при што во едно свое обраќање тогашниот премиер Никола Груевски ќе ја окарактеризира Србија за единствен вистински пријател на Македонија во регионот.

 

Полека доаѓаме до сегашната состојба кога е јасно дека ДПМНЕ заминува во опозиција, а новата власт од страна на Србија е перцепирана како непосакуван партнер. Зошто? Централно прашање на политиката на Србија несомнено е прашањето на статусот на Косово кое од 1999 година е надвор од правниот. Косовското прашање во Србија е поставено на стадиум во кој не е само прашање на губиток на околу 12,5 % од територијата, што само по себе претставува трауматично доживување за една држава, туку и како осакатување на националното ткиво на српскиот народ со откинување на, според нив, најсветиот дел кој е центар на нивната светост (историското седиште на српската црква е Пеќката патријаршија) и на националната свест која е градена врз митот на косовската битка во 1389 година. Во таа битка за минимализација на последиците од сецесијата и евентуално нејзино поништување, Србија ќе се најде без сојузници во регионот (освен делумно Грција), бидејќи тие, следејќи ги сопствените интереси, решија да ја прифатат новата реалност и да ја признаат независноста на Косово. Чинот на признавањето на Косово од страна на Македонија и особено на Црна Гора, Србија ќе го окарактеризира како забивање нож од оние кои таа ги сметала за браќа (Црна Гора) и најблиски народи (Македонија). Бидејќи водењето на надворешната политиката е вештина на проценување на состојбите и перцепцијата за остварливоста на државните интереси, Србија ја пренесе борбата за враќањето на Косово во нејзиниот уставен поредок на теренот на можната дестабилизација на регионот од однесувањето на Албанците во правец на пропагирањето на идејата дека Косово е само дел од крајниот план, чија цел е формирањето на „голема Албанија“ со припојување на делови на јужна Србија, Македонија, Црна Гора и Грција. Втората компонента на таа политика, воедно помошна, е во светлото на општата борба против муслиманскиот екстремизам да се претстави дека територијата населена со мнозинско муслиманско население во Европа е извор од кој тој екстремизам непрекинато ќе се напојува, предизвикувајќи нестабилност во облик на терористички напади во самата Европа. Во спроведувањето на таа политика, природно се поставува изборот на сојузници во регионот и тука на шаховската табла се појавува и Македонија како една од клучните фигури. Сè додека на власт во Македонија беше владата предводена од ДПМНЕ, која иако ја призна независноста на Косово, ќе остане да биде една од кариките за остварување на целите на надворешната политика на Србија која се темели на обостраната реторика во оцрнувањето на албанската популација со поттикнување на страв и омраза кон т.н. големоалбански амбиции за прекројување на териториите. Таа политика беше и сè уште е една од клучните полуги за одржување на власта и своето промовирање за единствени заштитници од тоа зло, уредно придружено со прогласувањето на опозицијата како ненародна, предавничка и полтронска, која со помош на граѓанските организации финансирани од непријателски структури работат во насока на разнебитување на државата. Во моментот кога ДПМНЕ не успеа да ја продолжи коалицијата со ДУИ и кога на повидок почна да се обликува поинаква структура, се вклучи алармот во Србија. Коалицијата на СДСМ со албанските партии не ѝ оди во полза на Србија од најмалку две причини: Првата е содржана во фактот дека партијата СДСМ радикално го смени својот пристап со инкорпорирањето во своите структури на албанскиот етникум и промовирањето на заедничкиот настап базиран на наднационалниот принцип, пристап кој им донесе голем број албански гласови на изборите во декември 2016 година, со што покажаа дека е можна соработка со Албанците за изградба на заедница која е темелена на демократски принципи, а втората причина е самото однесување на Албанците во кризата настаната по изборите, предизвикана од пропагандата на ДПМНЕ против тиранската платформа и настаните што се случија во Собранието на 27 април. Имено, односот на Албанците кои мирно го понесоа товарот од насочената кон нив хајка без да предизвикаат ниту еден инцидент со кој би ги потврдиле горенаведените квалификации и инсистирањето на албанските партии во Македонија на институционално решавање на проблемите, сериозно ја разнишаа претставата за дестабилизаторските претензии на Албанците. За волја на вистината, изјавите на премиерот на Албанија, Еди Рама, за можноста за обединување на Албанија и Косово во случај да има застој или прекин на европските интеграции им донесоа ветар во грбот на српските и на дел од македонските политичари, заедно со шпекулативните известувања за запленување на поголема количина на оружје наменето за предизвикување бунт на Албанците во Македонија кои српската воено -разузнувачка служба ги пушти преку одредени медиуми во Србија.

Кои се можните последици по меѓусебните односи од развојот на новите околности во Македонија?

 

Тврдењата за можна промена на границите се, за среќа, надвор од можностите на која било страна, бидејќи државите во регионот се преслаби за да остварат каква било доминација со која би се предизвикала нестабилност. Освестувањето од романтичарско-националната претстава за сопствената големина или за нанесените неправди во минатото неминовно ќе ги доведе на површина вистинските прашања за сегашната состојба и за перспективите за иднината. А таму ќе мора да се постави прашањето за сопствената способност за изградба на општество во кое индивидуално ќе ни биде овозможена приликата да се изразиме себеси низ сопствената работа и потрагата по среќа во услови на обезбедена функционалност на институциите на државата и почитување на човековите права и принципи, убаво напишани во нашите устави и закони, но никогаш нереализирани. Промените кои се очекуваат во Македонија неминовно ќе се одразат и на нејзината надворешна политика, при што односите со соседите секако треба да се на прво место. Рекомпонирањето на општеството во кое ќе се почитуваат правата на граѓаните и на националните колективитети и ќе се обезбедат стабилни и функционални институции, ќе ја доведат Македонија во положба побргу да се вклучи во европските интеграции, каде ќе внесе своја специфична вредност, а тоа е демократско општество изградено од мултинационален и мултиконфесионален супстракт, на простор во би биле многу скептични дека таков производ може да се оствари. Притоа односите со Србија треба да ги изразуваат тие наши заложби. Проблемот кој Србија го има со Косово и со Албанците воопшто е перцепиран, но не е наш, а интересите на Србија и на Македонија во тој однос не се исти. Нашата и нивна историја на односи со Албанците не е иста и начинот на кој тие сметаат дека треба да се решат тие односи ненужно е ист со нашиот, освен ако се базира на меѓусебни преговори. Понатаму, на Србија мора да ѝ биде јасно дека Македонија е независна држава која води надворешна политика што ги изразува нејзините државни интереси, секако почитувајќи ги принципите на меѓународните договори содржани во повелбите на ООН, ОБСЕ и преземените обврски од договорите со ЕУ. Внатрешните устројувања и односи се суверена работа на самите земји и не смеат да бидат предмет на меѓусебните односи. Ако веќе декларативно сите држави во регионот решиле својата иднина да ја градат во рамките на ЕУ, тогаш во нејзините темелни принципи треба да ги бараме начините на кои би требало да ги решиме проблемите кои постојат. Впрочем, Европската Унија е втемелена од држави кои во минатото исто така имале далеку побројни и покрвави меѓусебни војни од овие нашите, балкански.

Авторот е поранешен македонски амбасадор во Ватикан

Слики: øjeRum