Уа шверцери!

22.05.2017 11:20
Уа шверцери!

Без намера да фаќам страна за „скандалот Нетфликс“ на годинашниот Филмски фестивал во Кан, француската публика, критиката, филмскиот бизнис, а богами и голем дел од филмските професионалци – од Алмодовар како претседател на жирито па натаму – покажаа како (треба да) се реагира на вистински начин за сериозни (не)културни и (не)уметнички прашања: со напуштање на проекции, со свиркање, со извици „уа“ и слично.

И речиси истиот ден и македонската култура, поточно Македонската филхармонија, покажа како ние реагираме дури и на потешки и помалку контроверзни проблеми: на Груевски, скришно, шверцерски му доделија некаква плакета, награда ли, што ли, за особен придонес во македонската култура и уметност! На најголемиот злосторник (не само) во оваа област, на понижувачот, уназадувачот, исмејувачот, кочничарот на македонската култура и уметност тие му доделуваат плакета за – особен придонес! И го шетаа низ новиот објект небаре тој со негови пари го финансирал, неморално го наместија и големиот диригент да му објаснува таму нешто на еден шарлатан, па и ги сликаа заедно... Сосе онаа Елизабет како негова десна и лева рака во сите културни злосторства во оваа држава во изминатава деценија. Во услови на само неколку дена до нова влада, со познат мандатар, кога бившата министерка за некултура не е ништо друго туку само обичен граѓанин и дунстер токму за областа што ја урнисуваше десет години, а шарлатанот само осомничен криминалец и сè уште претседател на најкриминалната партија во современата македонска историја! Да се соберат и последните ловорики, колку и да се незаслужени?

Е тоа се разликите во разбирањата и однесувањата на културите, тоа се впрочем и разликите во разбирањата на моралот, на етиката, на професионализмот... при што во еден случај гледате традиција на изградени културни стандарди, критериуми и однесување, еден цивилизиран, критичен, достоинствен начин на изразување на легитимниот став во интерес на сопствената култура, а во другиот, нашиот, ве удира в лице кукавички, џгановски, простачки менталитет негуван низ годиниве токму од главните протагонисти. Се разбира, се заборави дека тој објект се градеше безмалу десет години проследени со секакви идиотлуци и смејурии и дека неговата изградба се влечкаше токму заради волјата на тоа умислено диктаторче-шарлатанче кого сега го наградуваат. А впрочем, ако тој е толку заслужен, ако тој е вистинскиот кој треба да биде награден, зошто тоа не го сторија вечерта на самото отворање на објектот, па на „заслужниот“ да му се поклонат и ракоплескаат и другите присутни? Туку одбраа ваков кукавички и во суштина подмолен начин? Само што и тие, македонските партиски филхармоничари, заедно со шарлатанот и неговата десна и лева инквизициска рака во културата не разбираат – а впрочем толку им е и капацитетот – дека таквиот шверцерски чин на наградување, таквото подло и во основа скришно (иако пред неколку новинари!) „славење“ е само уште поголемо понижување и на наградениот и на тие што го наградувале. Но, впрочем, тоа е тој македонски културен клиентелистички џган создаден и негуван во изминатава деценија, дресиран да гледа и слуша само партиски и праволиниски, да коленичи и ведне глава пред измислени и/или самопрогласени локални величини. Но тоа да ти бил само првиот чин во претставата!

Во вториот чин, за резилот на шверцериве да биде поголем, се покажа дека на свеченото отворање не бил ни поканет мандатарот на новата влада, ниту некој од раководството од новото парламентарно мнозинство, потврдувајќи ги сомнежите дека тоа всушност бил само уште еден – за среќа последен – партиски џгановски собир во државен објект изграден со наши пари. Инквизиторката Елизабет за ова со мудар одговор: билетите биле на време пуштени во продажба и секој можел да си купи, ако сакал. Не кажа како онаа багра, од Хорхета па надаље, успеа да „си купти“ билети во ист ред, еден до друг? Ги легитимираа на билетарницата, им земаа отисоци на прсти за да ги сместат еден до друг? Но, „славната“ ни Елизабет не кажа ни дали и таа и шарлатанон самите си ги купиле билетите. Не кажа ниту како од почетните 6 милиони евра во далечната 2009 година цената на објектот порасна на фантастични 39 милиони евра!? Добро, има време кога ќе зборува!

И, се разбира, третиот чин – маестралниот завршеток на скандалозната партиска журка – всушност бил самиот почеток на партискиот концерт, со доцнење од триесет минути за да стигне шарлатанот. И го чекале сите, од Ашкенази, преку Трпчевски, до целиот оркестар, станувајќи така соучесници во најсрамниот настан во македонската култура. А шарлатанот бил пречекан со аплауз од неговите партиски пајташи! Браво!!!

А инаку, да имавме сериозна и писмена културна јавност, да имавме и достоинствени филхармоничари и солисти, тие сето ова ќе го проследеа со исвиркување на овој џган на свеченото отворање на новиот објект на Македонската филхармонија! И ќе си станеа и заминеа – дома. Ќе му дадеа на знаење на шарлатанот и неговата клика дека таквото клиентелистичко партиско однесување е веќе минато – и тоа нивно, не и наше – а ако тие сакаат и понатаму да си го негуваат, нека одат и нека си држат концерти во нивното партиско седиште. Додека можат, додека го имаат! Ама тоа, се разбира, не се случи. Иако тоа требаше да им се случува нон-стоп, не само на партискиве симфоничари, туку и на отворањето на изложбите, во театрите, на разноразните промоции на нивните пулени писатели итн. Не дека и тогаш ќе разбереа кои се и какви се, ама македонската култура ќе си запишеше еден голем цивилизациски плус. Впрочем, затоа и остануваме провинциска клиентелистичка квазикултура без елементарен морал и професионалност.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Јавни простори / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото