Лажеш, Канческа Милевска

22.05.2017 12:54
Лажеш, Канческа Милевска

Лажеш дека концертот беше за љубителите на музиката и дека секој можел и бил слободен да си купи карта, ако сака. Дури и цената на картата беше лажна. Не беше само висока, туку беше и лажна, за да послужи како покритие дека божем има карта за секого. Лажеш, исто како што излажа дека не ги знаеш насилниците што те прегрнуваа и ти бацуваа рака, додека во другата соба ги масакрираа твоите колеги. Како кучка лажеш (да ми простат кучињата на фразата). Поточно, штом ќе зинеш лажеш. И самата веќе не знаеш кога лажеш, а кога кажуваш вистина. Мора да е многу тешко така да се живее, во хаос од лаги и полувистини. Лажна ти е насмевката, лажен стајлингот, и фризурата и шминката со кои попусто се обидуваш да ја сокриеш сопствената беда и стравот од тоа што носи утре, прилепена за својот луд шеф, кој ќе те фрли како крпа во оној момент кога ќе може тоа добро да го наплати.

Лажна ти е и улогата што ја глумиш, како што е лажно и местото на кое стоеше вчера, пред новиот објект, кога ги прекоруваше новинарите дека го уништуваат свечениот момент... Ах, колку трогателно сакаше да ни покажеш дека уживаш во моментот. А знаеш и самата дека и тоа беше лага.

А каде е твоето место, Канческа Милевска, денес и овде? Нема да кажам зад решетки. За тоа ќе треба да има и судење, нели, ќе потрае уште некое време. Но, твоето место сигурно не е да сечеш ленти пред нови објекти, па нека е тоа и Македонската филхармонија на која се чека 70 години. Како што не е ни да дочекуваш и држиш пресови со светски познати уметници...

Твоето место е во партискиот штаб во кој 24/7 треба да разговарате и да се договарате како да ни излезете пред очи, нам на граѓаните на оваа земја, по масакрот од црниот четврток. Како да им излезете пред очи на оние чии глави беа искршени и животи загрозени, во ваше, безбедно присуство. Твојата работна задача е таму, каде што заеднички, со своите сопартијци, ќе барате начин како утре кога ќе се сретнете со своите колеги да им погледнете в очи и како ќе продолжите заедно. И можете ли да продолжите заедно? Тоа ние, граѓаните, треба да го видиме и знаеме. Ни го должите тоа уверување дека можете да продолжите и после сè, независно кој за кого гласал.

Или можеби, ти, Канческа Милевска - а гледам и другите дотерани и насмеани - си мислевте: секое чудо за три дена? И дека до толку ни се испиени мозоците што вечно дрндупки со нас ќе си играте? Е па - НЕ! Работата сега ви е во мозгањето, да измозгате што и како да се направи Собранието да ни стане нормално и одговорно законодавно тело кое уште утре ќе почне да носи здрави одлуки за доброто на сите. Не ви е местото во лажниот гламур што ни го продавате, за скапи пари.

Тие што ме знаат, знаат дека ова не е мој начин на комуникација и јазик. Но, избирам да го користам зашто е тоа и твој јазик, јазик на некултурата и простотијата, што најдобро го владееш; а јас само сакам подобро да ме разбереш. Тоа е јазикот на Министерството за култура, кое со лага го водеше, и сè уште продолжуваш да го водиш, лажно. Министерство кое под твое водство уништи сè што беше автентично, вредно и со децении негувано во нашите животи. Министерство што го помати, испомеша и го закопа чувството за убаво, оригинално, за вистинските вредности кои со години ги бевме култивирале, тешко и со мака. Кај многумина таа чувствителност и префинетост никогаш и не успеа да се појави и изгради, повторно благодарение на тебе и твојата промоторска мисија на квази уметноста, кичот, фејк-културата и лагата. Цела една културна епоха е збришана до темел, и тоа само заради привилегиите што ги уживаше со лојалноста и исполнувањето на сите желби на еден лудак. Колку банално и страшно.

Но, не си ти единствената одговорна за она што ни се случи. Не смееме да се изземеме себеси од одговорноста. Предолго ни требаше да сфатиме колку лагата може да биде погубна. И колку е важно, исто како и насилството, таа да се раскринка и обезличи, веднаш и одлучно. Многу време изгубивме играјќи си мајтап со вашите лажни слики и појави, исмевајќи ги, наместо да ги сфатиме сериозно нивните далекусежни и непоправливи последици по нашите животи. Ние сме тие кои дозволивме тие да земат таков замав и да се прифатат како вистински вредности.

Сепак, едно ме теши, ако има нешто такво, воопшто. Јас знам, Канческа Милевска, дека немаш сон, и дека молиш бога сето ова да е лош сон од кој само што не си се разбудила. Знам дека неизвесноста со која ние живееме со години, борејќи се за основни услови за создавање и работа, за тоа што најдобро го умееме, те мачи сега и тебе. Но, ние барем имаме чиста совест, за разлика од тебе, и не сме уплашени од она што ќе биде со нас, утре. А ти умираш од страв. Зашто, кога завесата ќе падне и аплаузот ќе замре, и кога сите ќе се разотидат по дома, ти ќе останеш сама со себе и со своите демони. Не може тогаш да не го почувствуваш горкиот вкус на лажниот сјај и на твоето лажно уживање во звуците на пијаното и оркестарот, дури и кога доаѓаат од големи мајстори.

Слики: Свирачиња