Српска историја на бесчестието

12.07.2010 15:03
Српска историја на бесчестието

Во деновите кога Собранието на Србија расправаше за „Резолуцијата за Сребреница“, обидувајќи се барем на некој начин морално да се прочисти себе си, на улиците се појавија луѓе со маици на кои пишуваше „ Резолуцијата за Сребреница - Не во мое име“.

 
Не требаше многу време за на Фејсбук да се појават групи со слични, па дури и пострашни имиња. Се разбира, интернетот некако сите нè охрабрува, па така и во овие групи беа смислувани начини како да се оневозможи Собранието во својата мисија. По усвојувањето на Резолуцијата следеше разочарување, исполнето со чувство на горчина поради предавството кое ни сторија нашите српски браќа.
 
Се разбира, по повод оваа прилика се огласија сите. Сите беа согласни во едно: Резолуцијата ќе им донесе одговорност за нешто што не се случило на сите Срби и на цела Србија, и уште повеќе ќе ја отежне ситуацијата во која се наоѓа Република Српска, која е во постојан грч да опстане во неприродната творба наречена Босна и Херецеговина. Според тоа, мораме на сите да им кажеме дека Резолуцијата не е донесена во наше име.
 
Во ред, да речеме дека Резолуцијата не е донесена во наше име.
 
Мене ме интересира: во чие име е извршено злосторството во Сребреница?
 
1995 година
 
Се сетив на сите оние мачни снимки со момчиња и возрасни мажи кои ги водат српските сили за да, како што рече генералот, да им се одмаздат за Косовската битка. Им пукаат во тилот, а потоа ги остават одредено време за да им се исуши топлата крв на врелото јулско сонце. Потоа, како потепани ѕверови, ги натоваруваат во камиони, едни врз други, и на крајот ги фрлаат во дупка, надевајќи се дека со тоа е завршено – и Косово е одмаздено, и царот Лазар, и сите други, Србите вон Србија се самостојни, благосостојбата и среќата ќе завладеат со српските земји.
 
Сликите потоа се нижат, сами од себе: неколку дена пред освојувањето на Сребреница, војниците во униформи побожно му се доближуваат на свештеникот да го бакнат крстот и да примат благослов пред заминувањето во борба за Крстот Чесен и Слободата Златна. Свештеникот за таа прилика одржа и соодветна реч во која ги потсетува нашите мили војничиња дека Турците повторно се повампириле. А потоа ги праќа да им забијат дрвен колец во срцата.
 
 
Колку години имаш?
 
Откако муслиманската одбрана конечно попушти, генералот влегува во градот. Им дели бонбони на децата. „Како се викаш?“, прашува едно дете. Малиот одговара, или можеби не – не се сеќавам, а генералот ги уверува сите дека ништо лошо нема да им се случи. Жените си ги прибираат децата до себе и гледаат во војниците кои ги опколуваат.
 
Што се случило со мажите?
 
Веројатно се бореле, можеби и се пробиле до Тузла и останатиот дел од слободните територии за нив? Еден дел загинал. Над градот по повеќедневните борби завладеа тишина. Заробените сигурно ќе ги разменат. И онака се чувствува дека војната е при крај.
 
Балиите се поразени
 
Генералот ни подари уште еден град кој ќе го нанижеме на ѓерданот ослободени градови на Република Српска...
 
Меѓутоа, набрзо се појавуваат секакви гласини. Жените во ослободениот град почнуваат да прашуваат што се случило со сопрузите, синовите, татковците... Децата се нервозни, многу е топло, гладни се, изморени. Им ветуваат дека ќе ги пренесат во ослободените територии. И Србија прискокнува во помош и обезбедува автобуси за превоз. За мажите никој ништо не споменува. Меѓутоа, многу камиони доаѓаат во градот. Веројатно за да се одвезат нивните работи како воен плен...
 
Набрзо почнуваат да кружат разни сценарија, првин од уста до уста, па преку медиумите. Воената Тв Сараево известува за илјадници убиени, СРТ известува за ослободениот град и ја исмејува муслиманската пропаганда која измислува жртви. Народот во Република Српска претпоставува дека се случило нешто во источна Босна, особено оние чии синови се вратиле од борбите околу Сребреница. Веројатно повторно се работи за познатото муслиманско претерување... Набрзо следи бомбардирањето, па Дејтонскиот мировен договор, па несигурниот мир...
 
 
2010 година
 
Пред неколку години Меѓународниот суд во Хаг злосторството во Сребреница го окарактеризира како геноцид.
 
Ние Србите сме многу чувствителни на овој збор.
 
Власта на Република Српска веќе неколку години суштински го игнорира 11 јули. По војната инсистиравме на комеморација во Братунац, за загинатите Срби, бидејќи чувствувавме дека со тоа барем делумно ќе ја оправдаме својата одговорност за она што не сме го направиле, бидејќи никогаш не се ни случило. Подоцна дојде до помрднување од позициите, меѓутоа, очигледно е дека како општество сè уште не сме подготвени да одговориме на некои прашања за понатамошен напредок, па се вративме на старото. Сега повторно сме во фаза на негирање. Имено, можеби и би признале нешто, во случај од другите и од меѓународната заедница како еквивалент за тоа добиеме и дека и другите биле виновни за нешто. Да – така би признале нешто. Инаку, зошто? Само непотребно би се оцрниле, бидејќи, се разбира, сè додека ние не признаваме нешто, тоа не е вистина и не се случило.
 
Децата кои денес се борат за српската вистина за Сребреница најчесто се зачнати или во 1995 г. или неколку години претходно. Нивната „борба“ ја поддржуваат најчесто оние кои не ни ја почувствувале војната. Како и секогаш, на масите им е потребен clumping factor за поединците и слабите да се чувствуваат заштитени. Лесно е да се извикува „Нож, жица, Сребреница“, многу полесно отколку да се гледа во безперспективната иднина и да се молчи. Најтешко е, се разбира, да се преземе нешто.
 
А во 1995 г. имаше доволно такви кои беа спремни за работа. Покажавме дека како народ имаме смисла за организација и систематичност. Бавно го одработивме тоа. Дури и снимивме сè, за спомен на идните поколенија. Бидејќи кога Српството бара жртви – Србинот е должен да ги поднесе или принесе – во зависност од ситуацијата. Иако жртвите подразбираа борба против сопственото национално наследство, менување на сликата за себе во светот, злоупотреба на историјата и предците... И, се разбира, уништувањето други луѓе, и туѓи народи.
 
Зошто ни е тешко да признаеме дека сме виновни, не знам. Единствено преку осознавањето на таа вистина, за сопствената вина, би можеле да продолжиме понатаму, но ништо од наведеното не е битно, бидејќи опиумот од 90-те сè уште делува...
 
Низ сета таа опиеност, уште еднаш би прашал: „Во чие име е извршено злосторството во Сребреница?“.
 
Мислам дека е јасно. Да.
 
Авторот на овој текст е анонимен читател на Песчаник од Бања Лука.
 
Извор: pescanik.net

Илустрации: Дмитриј Лигај

Одличен напис, многу добро

Одличен напис, многу добро што сте го превеле и објавиле, на „песчаник“ се наоѓаат многу добри написи, уште подобро е да се преведуваат на македонски. Една мала забелешка околу преводот, имено, Крст часни во превод е Свештен крст, а не чесен крст.

ОкоБоли главаВицФото