Царици!

23.05.2017 02:46
Царици!

Уште една прес-конференција на СЈО. Уште едно слатко-кисело парче од надеж, свежина, чемер и јад. Уште едно темелно разоткривање на вистината од страна на обвинителното трио Јанева-Фетаи-Ристовска кое ме остава без зборови. Сè уште под силен впечаток на моќта на нивниот настап, во моментов, можам само силно да викнам – ЦАРИЦИ.

Не дека се жени, што воопшто не е небитно, не дека се решителни жени, што во себе носи исклучителна симболика, не дека се храбри жени, што на нашиве балкански ридишта и според стереотипите се смета исклучиво за машка привилегија, туку самиот факт дека ги доживувам како олицетворение на правото и правдата, кај мене предизвикува восхит, доверба и почит.

Замислете, ви се молам, додека нема кој да му каже в лице на Груевски дека веќе не е премиер, додека лефтерно и безгрижно врши увид на објектите во изградба и бара отчет за сработеното од неговите „евет ефенди“, додека грофот сè уште си дозволува последен да доаѓа, со својственото му доцнење на свечености и слични „настани“, трите жени од СЈО му ги плеснаа в лице предметите Талир и Траекторија. Всушност, до резил и арам го разголија механизмот на неговата партиска моќ.

Не сум шокирана, морам да признаам. Знаевме дека се криминалци, знаевме дека се недемократи, знаевме дека се тоталитаристи, знаевме дека се популисти и клиентелисти. Дополнително дознавме дека се и друмски разбојници и џепчии од најдолен мајштаб и без трошка морал. Тие ја продале својата партија, переле пари преку своето членство, а своите поддржувачи ги ставиле на кантарот на сопствените интереси. Секако, интересите претежнуваат над идеалите.

Еј, тврдокорни и заедничари, гдомовци, контрапленумци, патриоти и домољуби од ВМРО-ДПМНЕ, овие вашите, со Груевски на чело, краделе во името на вашата партија за сопствени интереси. Истите тие - вашите, предводени од вашиот капо ди тути капи, кои ви продаваат патриотизам, кои ѓоамити бдеат над унитарноста на државата и кои ви ги полнат главите со разноразни ќосиња, ками и пиштоли, купувале имот за себе во името на вашите четири свети букви.

Еј, обневидени, ќе прогледате ли некогаш?

Да бидам искрена, отсекогаш сум мислела дека и најголемите криминалци имаат одредени црвени линии и скрупули, дека имаат некои непишани правила и принципи до каде можат и смеат да одат во своите злосторства и дека, на крајот на краиштата, и тие се луѓе со некаква чест, па макар и криминална. Овие тукашниве со Груевски на чело, не се ништо од тоа. Само мрачни, бедни ликови излезени од сенките на злото, со една и единствена мисија – да уништат сè. По секоја цена и на секој можен начин.

Им благодарам на трите обвинителки и на нивниот тим, на нивната посветеност да си ја завршат работата достоинствено и чесно. Им благодарам што аргументирано ни покажаа како од позиција на власт се мрази сопствената земја и сопствениот народ, како се опустошува сопствената татковина и како се понижуваат нејзините жители и како секое дно има уште подлабоко дно. Во пресрет на промената на власта, во предвечерјето на една гарнитура во заминување, нивните обвинувања се посмртен марш на груевизмот во неговото најгрдо лице.

Знам дека токму сега пред наши очи се одвива последниот чин од македонската трагедија наречена по едно забегано грандоманско човеченце, како што знам дека нашата историја ќе биде побогата за имиња на три храбри жени.

Царици!!!

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Небојша Гелевски