Репортажа од отворањето на новата Филхармонија

23.05.2017 13:16
Репортажа од отворањето на новата Филхармонија

На отворањето на новата сала на Македонската филхармонија беше прекрасно: лидерите на купче, скапи костуми, непроценлив накит, фризури на кои би позавиделе сите барокни перики, светнати чевли и мутирана грижа на совест.

Влеговме во салата со уши кои скокаа од радост дека ќе чујат дела од Прокопиев, Прокофјев и Чајковски во изведба на еден голем пијанист и еден голем дигигент. Но, наместо тоа организаторите ни подготвија изненадување и нè почестија со перформанс на експериментална музика, поточно мusique concrète акција во која, не знаејќи, учествувавме сите комплет.

Музичарите си беа на местата а диригентот застана пред оркестарот и само нè гледаше; дури ни првата виолина не ја отсвири иницијалната штим нота туку само трепкаше во ритамот на срцето на диригентот. Не знаевме што се случува; нова сала, можни технички проблеми? И, нормално, почнавме да шушкаме, да шепотиме, да разговараме на мобилни, да четуваме, некој си пееше песничка од Аца Лукас, некој гласно трубеше во носот, но сите звуци, колку и да не им обрнувавме внимание, беа многу поприсутни отколку во некои слични ситуации (како што е општо познато, кај нас е смртен грев некој настан да почне на време, и сиве звуци се само дел од навиките што сме ги собрале како дел од општата „народна“ култура), та шушкањата, мушкањата и гушкањата добија една артифициелна димензија, повеќе наликувајќи на некакви space звуци одошто на џагор на доцнење.

Одеднаш светлата се изгасија и настапи апсолутна темница. Снимените и процесирани звуци од нас самите почнаа да се засилуваат, додека на плафонот одеше проекција за создавањето на вселената, раѓањето на галаксиите, на нашиот сончев систем, на животот... Звуците, ужасно какофонични на почеток, на крајот преминаа во божествени гласови кои прекрасно ја илустрираа сликата за раѓањето на човекот - Господарот на вселената.

И во тој миг пристигна ликата и прилика на Севишниот, совршениот Господар на небото и земјата македонска, и во салата се разлеа таков аплауз што чиниш почна големиот потоп, а Филхармонијата стана Ноева арка, во која ние, избраните, ќе патуваме до новиот свет на мирот и светлината.



Слики: Свирачиња