Деветмина насилници од 27 април добија условни казни

23.05.2017 14:14
Деветмината насилници од 27 април добија условни казни

Сите деветмина обвинети за насилствата во Собранието од 27 април добија условни казни за учество во толпа која ќе спречи службено лице во вршење службена должност.

Најголема казна Судот му изрече на Димче Христовски наречен Жабата кој доби 5 години условна казна, во кои не смее да го повтори делото, инаку му се активира затворска казна од 1 година и 6 месеци.

Останатите осуммина добија условни казни од 1 година во која не смеат да го повторат делото, инаку им се активира затворска казна од 6 месеци.

Како што рече судијката Милка Ангеловска – Васевска кога ја соопштуваше пресудата, тие биле обвинети за рушење на заштитната ограда на Собранието, потоа на влезот од зградата се туркале со полицијата, а откако успеале да влезат во Законодавниот дом се упатиле кон прес- центарот, каде употребиле клоци и тупаници кон лицата од обезбедувањето со цел да пристапат во просторијата.

Од оштетените 21 полицаец, само мал дел се изјаснија и во нивно име обвинетите да се гонат кривично и побараа отштета.

Судот воедно со пресудата го укина и притворот на осудените на кои претходно им беше изречена таква мерка.

На прашањето дали се свесни што сториле, адвокатот на обвинетите рече дека се свесни и дека се каат.

Сите деветмина претходно на рочиштето ја признаа вината за, како што ги товари Обвинителството “учество во толпа која ќе спречи службено лице во извршување службена должност”.

Извор: НоваТВ
Слика: Александар Дојранлиев