1008 hPa
48 %
28 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 13:59
Запрашан пред десетина години од прочуениот британски новинар Џереми Пакстон дали ќе се кандидира за прв министер на Велс, легендата на велшката лабуристичка партија Родри Морган, кој почина минатава недела, му одговорил: „Дали ќе се кандидирам? Тоа е како да прашате дали еднонога шатка ќе плива во круг?!“
Што мислите, уште колку претседателски мандати би ѝ биле потребни на нашата претседателска „еднонога шатка“ Иванов – уште 100, 200? – да ја научи оваа духовита рафинираност во високата политика? Замислете, кога би ги поседувал морално-политичките вредности на Иванов, колку би бил опасен по суштествените македонски национални интереси еден таков, промислен и деликатен политичар, каков што не може да биде Иванов?
Оти, кога нашиов Иванов, со својот вообичаено нерафиниран – други би рекле: приземен и опериран од каква било духовитост – стил ѝ објавува дипломатска војна на Германија, никој ниту во Скопје, а уште помалку во Берлин, го сфаќа доволно сериозно, за земјата да има вистински последици од неговото недугаво однесување. Е, тоа се вика среќа во несреќа! Еднонога претседателска шатка, која во политиката, по свој избор, сите овие години шлапка само во кругчиња.
МИЗЕРНО ФИНАЛЕ
Но, да се согласиме: мизерна е ситуацијата во која се наоѓа г. Иванов. Барем во целиот свој втор мандат, тој е политички комплетно делегитимиран и разобличен, чие кариерно и морално финале се случи со неговото учество во настаните од 27 април, за што допрва ќе се води темелна истрага. Тие настани ниту се спонтани, ниту се рефлексија на некакво „народно незадоволство“, туку, напротив, се резултат на детално подготвуван штапски план од страна на полициски и воени професионалци. „Круната“ на тој план, без сомневање, требаше да биде прогласувањето на вонредна состојба во државата од страна на Иванов и, за почеток, воведување на вонредни мерки низ македонските улици, што подразбира и апсења и елиминации на однапред утврден список од повеќе десетици видни луѓе од македонската и албанската опозиција, како и други влијателни личности (новинари, аналитичари и сл.) од невладиниот, медиумскиот и академскиот сектор во општеството.
Тој опасен и зол план се распадна некаде на половината од неговата изведба. И за тоа ќе дојде време да се раскажат повеќе детали од она што веќе е напишано, а и не се баш сите видео снимки покажани. Но, немојте да се сомневате дека оригиналната намера на Иванов, онаа вечер, не му беше на доцната прес-конференција да повика на лидерска средба утредента, за смирување на состојбите, туку да прогласи вонредна состојба. Ќе излезе од некоја фиока и тој подготвен, а непрочитан говор, како што на виделина излегоа „резервните“ снимки од собраниските камери, за чии оригинали, според планот, беше дадена команда да се уништат. Ќе се раскаже и приказната за последниот час пред таа прес-конференција на Иванов, кога е решено да се дигне „белото знаме“ на несудените пучисти, кои ќе бидат судени во редовна постапка пред македонското реформирано судство.
Затоа, помирување во Македонија ќе има, на општествено ниво. Токму како што ќе има и полициско-обвинителски истраги за да се утврди точната улога на секој инспиратор, планер, поддржувач и учесник во изведбата на неуспешниот полициско-воен удар на 27 април. Ѓорге Иванов нема да биде дел од помирувањето, туку предмет на истрагите. Предвидувам дека логичниот след на обвинувањата ќе се одвива по вертикалата Груевски-Мијалков-Чавков-Иванов-Вељаноски-Борис/Бетмен... па останатите планери и ќулафка-изведувачи на тоа сценарио. Оти, куќата се гради од темел, ама кога се разградува – како и рибата што смрди од главата – мора да се почне од покривот, од оџакот, не од визбата. Таму, на таванот, ќе го најдете Иванов скриен во темнината, чучнат со своето говорче за прогласување вонредна состојба во рацете.
„ТИ ВИКАВ ЈА УШТЕ ЛАНИ...!“
Дека тоа разградување на „куќата на стравот“ на ДПМНЕ веќе е започнато, говорат низа неповрзани вести во последните десетина денови: Во куќата на родителите на Антонијо Милошоски пронајдена бомба... Џип „мерцедес“ и автомобил „бе-ем-ве“ запалени во скопски Аеродром, никој не кажува чии се... Осомничен бивш министер и двајца директори на Тутунска банка за перење пари... Неколку градоначалници на ВМРО и на ДУИ под истражно сомневање за сторени криминали... Командантот на специјалците од акцијата во Куманово бара политички азил во Грција... Неколку дузини вмровски удбаши бараат преместување од ДБК во Агенцијата за разузнавање, за да се стават под заштита на Иванов... Сеад Кочан оставил милион евра кауција... Дурловски си дал оставка на сите функции...
Така изгледа една просечна недела кога паѓа и се менува високо криминализирана власт. А уште ни нова влада не е направена! Сега е часот на жените: „Ти викав ја уште лани дека ова вака ќе заврши!!! Ама ти, неее, те Грујо, те бате Саше... Сега, што правиме, они да не те спасуваат??!! Глуп еден!“... (На тоа, ни „Ќути мори, ороспијо една, убаво ти беше кога ги трошеше парите!“ – не помага.)
За очекување е дека вакви и слични вести дневно ќе доминираат низ македонската јавност во месеците што следуваат, бидејќи внатрешните пресметки и закани меѓу криминалните, бизнис и политичките фракции во и околу Фамилијата ќе ги интензивираат меѓусебните пресметки во обид да се спасат, да се заштитат или да се наплатат пред цунамито на правната држава коешто сите го очекуваме. Нема потреба ни да ве потсетувам дека СЈО трпеливо молчи, во очекување на самата завршница во менувањето на власта – можам само да замислам колку десетици нови случаи се таму подготвени, што ќе се процесуираат во наредните години.
ИНТИФАДА ВО ДПМНЕ?
Со други зборови, следуваат месеци на опасно живеење на првите и вторите ешалони на бившата власт на Груевски. Како што гледаме, не е исклучено и со бомби меѓусебно да се поздравуваат, а и од дома за уши да се вадат. Откако им пропаднаа сите „мирнодопски“ трикчиња и насилни обиди за останување на власт, сега ќе следува фазата на „предавства“, забрзано менување дресови, но и неутрализирање на незгодните сведоци и ништење на трагите што водат до парите, до документите, до имотите, до трансферите, до непрочитаните говори и неисполнетите обврски.
Па, најглупавите вмровци што изминативе месеци гласно се закануваа со употреба на методите на Ќосето за пресметка со неистомислениците – Валентина Божиновска, на пример – заборавија дека најголемиот дел од оние што тој несреќник Ќосе ги ликвидирал биле токму припадниците на самата вмровска организација и нејзините разноразни мрежи од соработници, револуционери, фракционери, атентатори, вистински и лажни четници, војводи, селски насилници, предавници, колаборационисти, интелектуалци и, особено, бројните не баш солидни чувари на чекмеџињата и парите на организацијата.
Тој процес на меѓусебни чистења ќе наликува на вистинска партиска интифада во ДПМНЕ, за тоа кој ќе ја наследи власта и имотот на партијата, и покрај нејзиното неславно минато и неизвесна иднина. Летните месеци ќе се искористат за позиционирања, елиминации и привремени сојузништва, за да се дочека крајот на локалните избори во октомври. А, потоа, кој во притвор, кој во Бразил, а некој и на нега во Бардовци, што е секако подобра судбина од сончевите падини на Бутел.
Или, како што би порачал покојниот и неповторлив Родри Морган од почетокот на овој текст, во политиката тоа ви е како „кога дете ќе си ги убие двајцата родители, а потоа се жали на квалитетот на храната во домот за деца без родители“. Што сте дробеле, тоа ќе сркате.
Извор: Слободен печат
Слики: Александар Дојранлиев