Македонскиот политички канцер наречен ВМРОма

24.05.2017 19:36
Македонскиот политички канцер наречен ВМРОма

Не сакам да ја расипувам свечената атмосфера на историскиот момент, кога криминалецот со прекар Хорхе „му го довери“ мандатот за составување влада на легитимниот мандатар Заев, но, рака на срце, тоа парче хартија што Хорхе го извади од неговото тајно подрумско ковчеже, не е ништо повеќе од подметната крадена стока. Не е потребно никакво посебно познавање на правото, почитувани читатели, за да заклучиме дека доколку некој на противправен начин се стекнал со нешто, та дури отворено и разбојнички ја откраднал пред очите на вџашениот свет, тој извршил кривично дело, додека нештото станало крадена стока.

А, друмскиот разбојник Хорхе го стори токму тоа: кога требаше по уставна должност да му го довери мандатот на Заев, тој ја злоупотреби својата положба и, газејќи со своите широки чапунки преку Уставот, го открадна мандатот од правниот поредок, и ја креираше кризата која – според вмровското сценарио – требаше да заврши со егзекуции на легалниот мандатар и другите политички лидери од собраниското мнозинство, и на крајот, со вонредна состојба и отворена диктатура.

Искупувањето на ништожникот

Што да речам: моралната интуиција ми јачи од сцениве со коишто, практично, на еден мегакриминалец му се простува злосторот во име на нежната љубов кон институцијата претседател и, веројатно, во слава на божествените капацитети на либералната демократија институционално да ги решава своите неволји. На мојата напатена душа многу повеќе би ѝ годела, на пример, сцената како на Хорхе му се соопштува дека кочијата со мандатарот ќе помине по калливиот пат недалеку од неговото долче, а нему му се дава последна шанса „да се испере“ од злосторот, доколку биде доволно брз во трк да му го врачи украдениот мандат на законскиот сопственик.

И, така, Хорхе чека и кисне во калта на тешкиот пролетен дожд, а кочијата со мандатарот никако да наиде! Туку наеднаш, се задава торжествениот шестопрег од зад ридот, во бесен галоп, и го полива Хорхета со црната кал што се одвојува од брзите коњски копита... Тој се созема и почнува да трча по кочијата, лапајќи тона кал што лета од задните тркала, ги цеди последните сили од „газовето“ што му се пафтаат одзади и се фрла јуначки кон подотвореното прозорче на кочијата, го уфрла внатре мандатот, и пресреќен пљаснува во водениот ѓол среде патот... Кочијата со мандатарот одминува фуриозно, а во кадарот што се шири, на селското џаде, сред локвите каллива вода, останува ничкум да лежи Хорхе, ко џиновска кравја лепешка, што испарува и се раствора во поројот... Е, такво „давање“ на мандатот би посакувал да видам, како милосрдна шанса за искупувањето на еден ништожник! Да! Но, да не се занесов малку, почитувани читатели, хм?

Системска болест

Елем, најважната работа што на мандатарот и на новата влада ќе мора да им биде водилка во формирањето на нивните политички приоритети, е сознанието за вистинската природа на режимот на Груевски и неговата ВМРО. А, тоа значи и увид во вистинската дијагноза на болеста на македонското општество, исто како и во сеопфатната клиничка состојба на пациентот, односно последиците од десетгодишното уништување на македонската држава, култура и цивилно општество. Зашто, причината за оваа наша голгота не се криминалните дејанија на Груевски, неговата фамилија и вмровската врхушка – како што веќе пречесто се кажува, туку се работи за фашизам, за системска болест на општеството, што ги има зафатено сите државни органи, културни и економски институции и субјекти.

Партизираната држава на ВМРО што десет години пенетрира во сите пори на општеството е како малиген тумор, како канцер што првите две години го „растеше“ својот примарен партиски тумор во органите на извршната и парламентарната власт, додека останатите осум и пол години метастазираше во сите ткива на општеството. И, тука, медицинската споредба не е употребена како литературна метафора, туку како вистинска функционална аналогија: канцерот е болест во која мутираните клетки почнуваат интензивно да се множат и развиваат според „свое“ генетско сценарио, без каква и да е врска со организмот домаќин. Убиственоста на канцерот се состои во базичното својство на мутираните клетки – да се множат и да се развиваат многу поинтензивно отколку што е тоа случајот со генетски усогласениот ритам на создавање и умирање на здравите клетки на организмот.

Џабе ладни облоги

По некое време на хистерично множење и дисеминирање по организмот, одвратното аморфно и дисфункционално тело на канцерот буквално го зазема просторот на вистинските органи и ткива и така ја предизвикува смртта на „домаќинот“. Малигнитетот на канцерот се состои токму во „емитирањето“ на неговите клетки низ целиот организам, каде што овие метастази формираат нови, секундарни тумори.

Станува збор за потполно истиот механизам со кој ВМРО ги исполни со дисфункционална, глупа и зла партиска материја првин органите на државата, а потоа метастазираше и во ткивата на општеството. И, како што различните канцери во медицината се нарекуваат во зависност од типот на малигнитетот и диспозицијата на примарниот тумор, како што се карцинома, саркома и лимфома, овој нашиот, што почна во злосторничката организација ВМРО-ДПМНЕ, а метастазира низ целото македонско општество се вика ВМРОма.

А кусата политичка поука од оваа сурова медицинска аналогија е дека првата и најважната задача на реформската власт мора да биде успешното корнење на македонската смртоносна ВМРОма од ткивата на општеството! Ако ова не им е јасно, или ако се одлучат за терапија со ладни облоги, оваа историска победа над Злото ќе се претвори само во краткотрајна ремисија на канцерот, кој по кусо време ќе се врати да го заврши започнатото.

Слики: Наташа Костовска
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото