Контраспин: „Сопот“ е чист пример на неправда „кумувана“ и од ВМРО-ДПМНЕ

25.05.2017 00:30
Контраспин: „Сопот“ е чист пример на неправда „кумувана“ и од ВМРО-ДПМНЕ

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски на прес конференција меѓу другото го изрече и следното, што го сметаме за спин:

Спин: Од пресот на СЈО се забележуваат две цели. Првата цел е најава за притисок врз судството, отворена политичка најава за силен притисок врз судството, кој што ќе следува во наредниот период. Втората цел, преку таквиот притисок кон судството да се издејствуваат судски пресуди, кои што се веќе дел од некој политички или коалиционен договор. Таквата најава денеска СЈО ја соопшти, преку споменувањето на случајот Сопот. Договорот е преку судски пресуди, издејствувани со политички притисок, да се ослободат обвинетите од случајот Сопот, за којшто веќе има пресуда, дека не извршиле некакво убиство или друго незаконско дејствие. Со самото тоа ќе се отвори врата за спроведување на другите договорени политички пресуди кои се однесуваат на случајот Монструм и убиените малолетници за време на велигденските празници и случајот Диво Насеље, поврзан со терористичката група којашто дејствуваше во Куманово…

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страница, датум: 22.05.2017]

Контраспин: Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски со извртени вистини околу случајот „Сопот“, се обидува да инпутира наводен притисок врз судството од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), со цел да му овозможеле на СДСМ и Зоран Заев да исполни некакви политички договори за „договорени политички пресуди“ и во случаите „Монструм“ и „Диво Насеље“, како дел од некаков политички „дил“ меѓу партнерите во новото парламентарно мнозинство.

Зборувајќи на вчерашната прес конференција свикана по повод најновите три отворени истраги на СЈО, а на чиј почеток беше дадена и информацијата за тековните активности во случајот „Сопот“, Милошоски ги наведе овие обвинувања без ниту една аргументација, поради што овој дел од изјавата ја оценуваме како спинување од негова страна.

Случајот „Сопот“ е случај од 2003 година, кога по експлозија на противтенковска мина на локален пат помеѓу кумановските села Сопот и Сушево, загинуваат двајца полски војници од составот на НАТО и еден Македонец, а уште две македонски државјанки се повредени. Полицијата пронаоѓа осомничени лица, обвинителството покренува обвинителни акти и во одделни судски процеси судот осудува 11 лица на долгогодишни затворски казни.

Иако во 2010 година Апелација пронашла процесни недоследности, случајот, сепак, е потврден и од второстепниот суд. Но, бидејќи Постојаната анкетна комисија на Собранието отвори расправа за овој случај уште во 2009 година, а ја заврши во 2010 година со потврдување на фактот дека изјавите на клучниот сведок се дадени под присила од полицијата, надлежните судски органи решаваат да го спојат случајот во еден предмет и одново да се суди во првостепена постапка. И повторно правдата никако да стигне, бидејќи и по шест цели години, повторното судење започнато пролетта 2011 година, ниту во почетокот на оваа 2017 година нема изгледи да заврши.

Еве што изјави обвинителката Фатиме Фетаи на пресот на СЈО на 22.05.2017:

„…Дојдовме до заклучок дека исказот на сведокот Рамадан Бајрами, на кој доказ се темелеле сите осудителни пресуди, кои сега се укинати и повторно се води постапка, е изнуден исказ. Таквиот исказ е производ на употребена сила и закани по неговиот личен интегритет, од страна на службени лица од МВР, со што од страна на овие лица кои постапувале за време на испитувањето на сведокот, е сторено кривично дело – тортура, од член 141 од КЗ. Таквите факти ги потврдува и наведениот сведок, меѓутоа и дел од службените лица, испитани во предистражната постапка пред ова обвинителство.

Делото сторено од страна на службените лица застарело во 2008 година. Сепак, и покрај застареност за гонење, овие докази и факти кои произлегоа од нив, имаат директни импликации врз постапката која се води пред Основниот суд Скопје 1 Скопје и, доколку ни биде доставен предметот на надлежност, истите ќе ги презентираме пред судот и ќе донесеме соодветна јавнообвинителска одлука. Во спротивно, до Обвинителството за организиран криминал ќе доставиме извештај со сите овие факти и докази во прилог на утврдената фактичка состојба…“

Од каде, пак, СЈО се заинтересирало за случајот „Сопот“, бидејќи делото и првичните пресуди се далеку пред 2008 година, периодот кој е граничен за постапување на СЈО? Одговорот е во нелегално сниманите телефонски разговори, од кои дел објавуваше СДСМ во 2015 година. Во една од бомбите се слуша телефонски разговор помеѓу тогашниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков и поранешната министерка за внатрешнни работи Гордана Јанкуловска, кој упатува на заклучок дека процесот бил политички монтиран, а главното признание е изнудено со „ќутек“:

СМ: И они го имаат докажувано нашиве, со ќутек.
ГЈ: Да, да, да. И немаше реално, значи и таму ние тогаш ги, знаеш у принцип ја ако не се договориме нешто да им даваме, ништо не им давам, кој и да дојде. Ама реално се сеќавам и у книгата на настани имаше нешто незаведено, баш што викаш со ќутек.
СМ: Да.
ГЈ: Значи немаше предмет таму. Нешто пишуваше, они се бунеа, демек човекот го снемало тој што бил како сведок за „Сопот“ и после одеднаш човекот сам признава дека било…
СМ: Значи они имаат окапано, имаат одлежено и сега ако се повлечат обвиненијата што? Они одлежале и вака и така.
ГЈ: Они одлежале…
СМ: Ама тоа ќе биде од друга страна, значи сме ги осудиле, лежеле луѓено…
ГЈ: Е па тоа е проблемот.
СМ: Тоа што лежеле.
ГЈ: И плус ќе тужат за штета, за сите тие работи, толку време.
СМ: Не, договорот би бил да не тужат.
ГЈ: Ти направи муабет, ако може нешто така на средина. Не знам ни на колку се осудени, многу време се они таму.
СМ: На 14 години беа осудени…

Поаѓајќи од оваа снимка која јасно укажува дека предметот во најмала рака е сомнителен, иако самиот Мијалков вели не, таму нема предмет, СЈО го бара овој предмет од Јавното обвинителство, но не го добива. Советот на јавни обвинители вели дека немале надлежност, оти бил пред 2008 година.

Но и да не го добие, СЈО вели дека сите докази што ги прибавиле во нивната предистрага укажуваат на неправда нанесена врз повеќе луѓе и дека таквите докази ќе му ги достават на Обвинителството за организиран криминал, кој го тера овој, повторно отворен случај пред Кривичниот суд во Скопје.

И каде виде тука Милошоски спрега меѓу СДСМ и албанските коалициони партнери, која се одвива преку СЈО?

Целиот случај „мириса“ на тешка местенка или на грешка на полициско-обвинителско-судските кругови од 2003 година, кои можеби поради политички притисок на домашната и меѓународна јавност брзале да изнесат конкретни резултати за сторителите на терористичкиот акт.

Од снимката од бомбите станува очигледно дека истиот случај повторно е дело на политички, а не на правни средства, бидејќи се ползувал како маша „што да им се даде, што да не им се даде“ на ДУИ, коалициониот партнер на ВМРО-ДПМНЕ во тоа време.

Поради сè погоре наведено, овој судски процес треба што побрзо да заврши, но само врз основа на сите факти и докази што постојат за вината или невиноста на осудените, вклучувајќи ги и наодите до кои дошло СЈО во меѓувреме. Сè останато, вклучувајќи ја и изјавата на Милошоски, е извртување на вистината или спинување со намера да се прикрие сопствената (на партиските другари), вина за овој срамен случај.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Слики: Свирачиња