Само вистина, само со Стевче

25.05.2017 10:58
Само вистина, само со Стевче

Сончогледите се вртат, ама коренот останува. Дури и политички маргиналец како Стевчо Јакимовски може да влијае на програмата на Канал 5. Најавената дебата во „Само вистина“ со мене, се претвори во губитнички, политичко-пропаганден монолог на некогашниот заколнат СДСМ-овец, основач на ГРОМ и коалиционен партнер на ДПМНЕ. Од што се исплаши Јакимовски?

Дали ќе кажеше „само вистина“ додека јас бев во студиото? Тешко.

Нема одговор за менувањето на ДУП-от како ќе му текне нему и на неговите вемеровски шефови, за уништувањето на зеленилото во општина Карпош и за агресивните приватни градежни зафати на општинско земјиште. Нема одговор ни за бизнисите кои ги тера преку тендерите кои ги добиваат неговите другарчиња.

Плацови над зелената линија на Водно ги претвори во градежно земјиште и ги даде на „своите“. После, загадувањето му доаѓало од Косово и баш Карпош го погоди и го направи една од најзагадените општини. Улицата во Момин Поток не ја асфалтира со години. Кога врне, автобусите не смеат да се движат по неа, дупките се толку големи што може да се превртат. Но, затоа го асфалтираше патот до станицата за технички преглед за која велат дека е на батето на оној што не смее да каже дома дека не е веќе премиер. Фасадите на повеќе згради не се завршени од страната која не гледа кон улиците. Синдром: Потемкин.

Власта му е многу важна. „Где је печат?“ ќе остане една од најисмејуваните епизоди во неговата бескрупулозна борба да остане на власт. Откако остана градоначалник по секоја цена, побрза да го регистрира ГРОМ. „ Не може нам нико ништа, јачи смо од судбинеее“, пееше Стевче и, под закана со отказ, ги принуди повеќето вработени во општината да станат основачи на партијата. Тие што му се спротивставија, ги отпушти или ги деградира и распоредува во канцеларии во Бардовци, Злокуќани, кај апсурдниот надвозник во Влае...

Учествуваше во изборната измама во 2014 со сите средства кои ги имаше на располагање во општината. Меѓу многуте други изборни измамнички практики во 2016, ќе спомнам само дека ги користеше и децата кои го кршеа изборниот молк и агитираа, не за ГРОМ, туку за вемеро.

Сметките на општина Карпош се блокирани подолго време. Тој веќе не е градоначалник, но оди на работа секој ден и ги тера бизнисите. Звучи познато, нели?

Извор: Плусинфо
Слика: Свирачиња