Тероризмот како секојдневие?

25.05.2017 10:18
Тероризмот како секојдневие?

Значи, сега го погоди и Манчестер. Повторно тероризам среде една европска метропола. Повторно напад на граѓаните кои само сакаа малку да се забавуваат. Повторно бомаш-самоубиец. И повторно одговорноста ја презема таканаречената „Исламска држава“ и тоа пред полицијата да ги соопшти информациите за напаѓачот.

Овојпат, особено подол е изборот на местото за напад: концерт на една тинејџерска ѕвезда. Затоа, меѓу жртвите има толку деца и млади. Оние што се сеќаваат на сопствената младост или сега имаат деца на таа возраст, знаат со колку жар и возбудување се чекаат таквите концерти. Со колкаво возбудување и среќа по концертот се враќаат дома. И токму тогаш на излезот ги дочекува бестијален убиец... Никаков терор, никаде во светот, не може да се оправдува. Но, до која мера некој мора да биде болен, па намерно да избере вакви жртви?

Рутинско известување, рутинска потресеност

Во медиумите, своевидно дежа ву. Насловите личат едни на други: „Што знаеме, а што не знаеме за нападот“, „Хронологија на тероризмот“... Директни и воајерски коментари од местото на настанот: „Сите врескаа и бегаа“, „Секаде наоколу лежеа чевли“... Бројни реакции од светот на поп-музиката и политиката сакаат да демонстрираат потресеност, но сè делува рутински и стандардно. Уште од рано утрината се твитува до бесвест: жртвите на сите им се во мислите. И сите цивилизирани нации се рамо до рамо со Велика Британија – што и да значи тоа во деновите по нападот.

Секако дека во таква атмосфера не смее да недостасуваат ни Ајфеловата кула, Бранденбуршката порта, ниту многу други симболи од европските метрополи во боите на британското знаме. Во медиумите кружат такви слики, исто како што ќе биде случај и со сликите на британската премиерка Тереза Меј кога ќе се појави на местото на нападот. Сето тоа покажува дека Европа, која во меѓувреме редовно на одреден период ја погаѓаат терористички напади, влезе во некаков вид рутина кога станува збор за ужасите. Сето тоа се ритуали кои би требало да прикријат дека едноставни и брзи одговори во борбата против тероризмот – нема. И, дека, според природата на нештата не ни може да ги има.

Како да не се случило ништо

Уште утре животот во Европа ќе тече според својот тек, како да не се случило ништо. Луѓето повторно ќе одат на концерти, во шопинг центри, на фудбалски натпревари или на Црковни денови, кои сега се случуваат во Германија. Можеби со непријатно чувство во желудникот, но ќе одат. Граѓаните уште одамна ја прифатија терористичката закана како дел од секојдневието. Десницата и понатаму ќе го гледа тоа чувство како знак на слабост, па и натаму ќе бара депортација за сите муслимани од Европа. А, сите останати ќе го сметаат тоа чувство како симбол на силата и непоколебливоста. Велат, теророт не смее да нè исплаши ниту да не поколеба.

И покрај сето тоа, политиката би требало да дејствува. Таа има и можности за тоа. На пример, со строга контрола, а по потреба и со забрана, на оние исламски богомили какви што станаа терористите со радикализирање. Такви места има насекаде во Европа. Или, како што во неделата во Ријад прагматично покажа Доналд Трамп кога во негово присуство 50 лидери од муслиманските земји, а пред сè саудискиот крал, потпишаа договор за забрана на директно или индиректно финансирање на „Исламската држава“. Можеби тоа нема многу да помогне во борбата против тероризмот во европските градови – но, сигурно ќе се покаже во иднината – но, во секој случај тоа има повеќе смисла, отколку бесмисленото бомбардирање на градовите на Блискиот исток во кои исто така живеат цивили.

Извор: http://www.dw.com/

ОкоБоли главаВицФото