Награда за најдобра необјавена дебитантска стихозбирка „Игор Исаковски“

25.05.2017 13:08
Награда за најдобра необјавена дебитантска стихозбирка „Игор Исаковски“

Со желба да го промовира пишувањето поезија на македонски јазик кај помладите генерации и да го чествува името на својот основач, културната установа „Блесок“ со задоволство го објавува првиот повик за доделување на наградата за најдобра необјавена стихозбирка „Игор Исаковски“:

Пропозициите на конкурсот се следниве:

- Доставените текстови треба да бидат напишани во стихови, на македонски литературен јазик;
- Текстовите треба да бидат напишани со кирилична поддршка и да содржат минимум 500, а максимум 1.000 стихови;
- Авторите на текстовите не треба да имаат претходно издадени авторски книги, а во текот на 2017 година не треба да наполнат повеќе од 21 година;
- Песните во доставените текстови не треба да бидат претходно објавувани во печатена форма, а по исклучок можат да бидат објавувани по социјалните мрежи;
- Освен текстот на стихозбирката, авторите треба да достават и куса биографија.

Текстовите треба да се доставуваат електронски, на kalina@blesok.mk, во периодот од 10 мај до 25 август 2017 година. За наградата ќе одлучува жири составено од членови на редакцијата на „Блесок“ и надворешни членови кои се познавачи и вљубеници во поезијата. Одлуката за наградата ќе биде објавена до 10 септември 2017 година.
Наградата не е парична. „Блесок“ ќе ја објави наградената збирка и ќе организира промоција на роденденот на Игор Исаковски, 19 септември 2017 година.


Игор Исаковски (1970 – 2014), поет, прозаист, уредник, преведувач. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). Тој е основач на Културната установа Блесок. (www.blesok.mk), каде што работеше како главен и одговорен уредник од 1998 година до неговата смрт. Објавил повеќе книги поезија и уредил четири антологии. Преведувал поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, српско-хрватски-босански-црногорски, и од словенечки на македонски. Во негов превод на македонски, објавени се 60 книги. Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји. Застапен е во голем број избори и антологии во Македонија и во странство.

ОкоБоли главаВицФото