Политички франкенштајни во патриотско руво (1): Љубчо, Љубчовци и разни други Шупчовци

26.05.2017 10:00
Политички франкенштајни во патриотско руво (1): Љубчо, Љубчовци и разни други Шупчовци

За да се врати главната еманципаторска идеја во Европа, Славој Жижек, во неговата најнова книга „Refuges, Teror and Other Troubles with the Neighbors“, вели дека има „цела серија левичарски табуа - ставови што ги прават темите за разговор недопирливи (...) - кои ние ќе треба да ги напуштиме“. Според него, првото табу што треба да се напушти е „целосната бесмисленост маскирана во (наводно) длабоката мудрост: Непријател е некој чија приказна ја немате слушнато“.

Македонија 27 години нагазена од политички Франкенштајни

За да нè убеди зошто тој неолибералистички вкоренет став е бесмислен, Жижек користи пример од литературата - готскиот роман „Франкенштајн“, или „Модерниот Прометеј“ од англиската романсиерка Мери Шели (Mery Wollstonecraft Shelley, 1797-1851). Според Жижек, „Шели прави нешто што еден конзервативец никогаш не би го направил... Му дозволува на Монструмот да зборува за себе - да ја каже приказната за себе од неговата сопствена перспектива, нагласувајќи дека токму тоа го изразува, на најрадикален начин, нејзиниот став за слободата на говорот - дека сечија гледна точка треба да биде слушната. Во Франкенштајн, толкува Жижек, Монструмот не е Нешто, ужасен Створ на кој никој не смее да му се спротивстави, туку целосно му се дадени човечки особини. Преку прашањето на авторката упатеното до Монструмот, за тоа како е да бидеш етикетиран, дефиниран, обесправен, екскомунициран, дури и физички уништен од општеството, таа нему му дозволува да се претстави како најголема жртва. И, монструозниот убиец се открива себеси како длабоко повреден, како очајна индивидуа што копнее по друштво и за љубов. Но, токму тука Жижек вели дека „ваквата процедура има јасен лимит“, прашувајќи: „Дали ние, исто така, сме подготвени да тврдиме дека Хитлер бил само еден непријател бидејќи неговата приказна не била слушната? Или, спротивното, дали е тоа случај којшто ни вели, колку повеќе јас го знам и го 'разбирам' Хитлер, толку повеќе Хитлер е мој непријател?“

Всушност, целиот овој вовед Жижек го прави за да ни каже дека: „Поместувањето од надворешноста на еден акт кон неговото внатрешно значење, наративот со чија помош изведувачот го интерпретира и оправдува (својот) акт, е чекор-движење кон измамничка маска. Искуството што ние го имаме за нашите животи однатре, приказната што ние си ја кажуваме себеси за нас самите, за да објасниме што правиме, е фундаментална лага. Всушност, вистината лежи надвор, во нашите акции, во тоа што го правиме“. Оваа важна поента во оценувањето на луѓето не моравме да ја бараме кај Жижек. Сите ја знаеме од деца (најчесто) преку „шегата“, за поповите: „Дете, не гледај што правам, туку слушај што ти зборувам!“

Македонија во изминатите 27 години ја нагазија повеќе „политички Франкенштајни/чиња“. Колку се побројни и потешки екстерно видливите злодела, толку повеќе злосторниците визитарат по разни медиуми, користејќи го или злоупотребувајќи го принципот или (според Жижек) заблудата дека „сечија гледна точка треба да се слушне“, за да ни ги објаснат - оправдаат - релативизираат, па дури и да ги претстават своите злодела како чиста добивка за микро-човештвото наречено Македонија. Секојдневно на дело ја имаме релацијата што Жижек ја опишува како „движење од екстерналитетот на еден (злосторнички) акт кон неговото внатрешно значење“ (дадено од самиот извршител на актот), односно, го имаме натнувањето на една „измамничка маска“ врз очигледното злосторство; фрлањето бел чаршав врз мртвите, а врз него испишана приказна за убавиот живот што им го овозможиле злосторниците.

Меѓу мноштвото измамнички исповеди на најголемите „политички Франкенштајни“ кај нас, во месецот на обидот за државен удар - по сите карактеристики, посебно место во ризницата „измамнички маски“ треба да најдат настапите на најголемиот од нив (злосторникот Груевски) кога на ТВ Телма ја убедуваше нацијата дека тој (насилникот, нарачателот и организаторот, покрај другото и на две тепачки во парламентот) никогаш не се служел со насилство (во освојувањето и одбраната на власта), како и на неговиот создател, познат како Љубчо „Војводата“. Овој текст се задржува на настапот на вториот (од 16.05.2017), на истата телевизија, Телма, во познатата емисија во живо, Топ-тема.

„Никад није касно“... да се потсетиме на фактите

Георгиевски ни кажа дека влегол во историјата на Македонија и дека никој не можел тоа да го избрише: бил прв и единствен за „самостојна Македонија“; барал национална војска, национална репрезентација, национална валута итн. Кажа дека од „тактички“ причини зборувал за „конфедерација“, а не за самостојна држава; како другите да немале право, исто така, од „тактички“ причини да говорат едно, а да мислат на друго. Кажа и дека ниту една друга партија (од 17-те во 1990 година) не се залагала за тоа. Да, тој зборуваше за тоа, почнувајќи од летото 1990, како што зборувале и други пред 1945 и потоа (од различни мотиви), без да знаат кога и како е можно тоа, а неретко, и во чија полза.

Патем речено, покрај толку споменици на разни „патриоти“ наредени на градскиот плоштад, само за тоа тогашно „зборување“, ич немаше да љубоморам ако таму го „истопореа“ и него, во најскапа бронза, излиена од највештите мајстори во Фиренца, со пари од странски кредитори со највисока камата. Зашто, сепак, за разлика од некои од „истопорените“, тој не дојде на власт со домашни пантофли, немаме информација дека бил соработник на КОС, не бил третиран по основ на ИБ итн. А такви има меѓу „истопорените“ и меѓу оние чии имиња им ги налепија на улици, јавни згради и слично. Меѓутоа, „Никад није касно“, е насловот на една емисија на белградската „Гранд“ телевизија. (Ете, за разлика од тебе, јас слушам и српски песни). Но, што пропушта(ат) намерно, или заборава(ат) Љубчо, Љубчовци и разни други Шупчовци, кои си припишуваат себеси голема историска улога?

Пред да се формира која било партија, Делегацијата на тогашниот Сојуз на комунистите на Македонија (во еднопартискиот систем, со мојата „маленкост“ во својство на претседател) одлучи да ја напушти работата на 14-от Вонреден конгрес на СКЈ, кој се одржа во Белград од 20 до 22 јануари 1990 година, во познатиот центар „Сава“, веднаш штом тоа го направија прво делегатите од Словенија, а потоа и делегатите од Хрватска. Дури и за најмрзливите Шупчовци, особено за оние оптоварени со нивната позиција во задгробниот живот (afterlife position), не е тешко да кликнат барем на Википедија и да го прочитаат, меѓу другото, и следното во врска со тој тектонски историски настан со далекосежни импликации, не само за федералните единици на бившата СФРЈ, туку и пошироко: „Вечерта на 22 јануари, словенечката делегација (по жестокиот судир со српската делегација) ја напушти конгресната сала (...), а потоа им се приклучија Хрватите. Милошевиќ повика да се востанови нов кворум и Конгресот да продолжи (...) Но, откако на ставовите на хрватските делегати им се приклучија и македонските (...), Момир Булатовиќ (претседавачот) објави пауза од 15 минути, но до продолжение не дојде. (А продолжението, замислено од Милошевиќ не се случи, токму затоа што и делегацијата на Македонија одлучи да замине). Без учество на Словенија, Хрватска и на Македонија (на таканареченото продолжение), Конгресот е заклучен на 30 јануари 1990 година.... Овој конгрес се смета клучен за распадот на Југославија“. Намерно го подвлекувам зборот „распад“. Се разбира, јас не мора да цитирам никаков извор. Можам самиот уште попрецизно да ја опишам таа ситуација - како учесник.

Што се случи пред Љубчо да влезе во берлинската кафеана?

Но, на што друго треба да бидат потсетени „првозборците“ и другите самонабедени борци за самостојна Македонија?

(1) И Првата Југославија, формирана пред Втората светска војна, и Втората, Титовата, пред сè беа дело на триото СХС. (Среќа што во периодот 1941-1945 некои луѓе во Македонија го сфатиле тогашниот историски момент, па се „залепиле“ на вистинската страна; без тоа ќе ја немаше ниту „зависна“ Македонија). И, секако, од наведеното трио, СХС, а не од другите „ингредиенти“ (простете за преслободниот израз), зависеше нејзиниот опстанок и по 1990 година. Што мислите, што би се случило ако некој друг ентитет (република, покраина), надвор од волјата на овие три нации - републики, претходно направеше обид за одвојување од Југославија? Како ќе поминеше тоа? Со фрлање рози по улиците или со „ползење“ тенкови и разни други воени гасеници? Размислувал ли за ова некој од овие „создавачи“ и наводно „првозборци“ за самостојна Македонија - првозборци и создавачи откако де факто „се распадна“, „се подели“ тогашниот Сојуз на комунисти на СФРЈ, а македонските комунисти одбија да учествуваат во скратениот Сојуз? Па, ете ви тема за размислување.

(2) Можат ли Љубчо и сличните да ги прелистаат весниците од тоа време (македонските и од другите тогашни републики) и да се потсетат колку делегации од ЈНА го посетија партиското седиште на СКМ, мојот тогашен кабинет во „коцкиците“ покрај Вардар, за да ме/нѐ „убедат“ да му се приклучиме на скратениот Сојуз на комунисти (односно на проектираната скратена федерација?); можат ли да се потсетат каква кампања се водеше во Србија, пред сè против мене, зашто не се согласувавме да ѝ се приклучиме на замислената од Милошевиќ скратена федерација? А сето тоа беше пред Љубчо да отпатува во спомнуваната берлинска кафеана да го договара основањето на ВМРО-ДПМНЕ.

(3) За Љубчо, за оние што не читаат, и за оние што имаат амнезија, или намерно забораваат, да потсетам дека СКМ, пред изборите во 1990 година (а на самите избори под името СКМ-ПДП), објави програма отпечатена во повеќе од 200.000 примероци, која ја заокружи неговата трансформација во Социјалдемократска партија и во која беше јасно запишано дека нема Југославија без сите дотогашни републики и дека ако една од нив излезе и Македонија ќе го стори истото. Секако, ние нудевме и алтернативи - од натамошно зголемување на суверенитетот на републиките, преку конфедерација па сè до царинска унија - зашто, една стара мудрост вели: паметните ги преуредуваат односите што не им се допаѓаат, будалите ги раскинуваат (за жал и со илјадници мртви).

„Првозборецот“ не веруваше во македонскиот народ

(4) Откако ставовите на СКМ (СКМ-ПДП) во врска со судбината на Втора(та) Југославија беа јасни, отидовме на првите парламентарни избори, при што, во меѓувреме, беа формирани повеќе партии, вклучително и ВМРО-ДПМНЕ. „Првозборецот“ Љубчо доби 37 пратеници. Треба ли да заклучиме дека неговиот „импресивен“ интелект ги убеди останатите од 120-те пратеници да ги истуркаат работите до актите за самостојна Македонија? Се разбира, не само јас туку и многу други од тоа опкружување, ги знаеме тегавењата, тактизирањата, (не)основаните стравови за тоа дали побрзо-побавно да се носат одлуките за осамостојувањето, го знаеме (и покрај сè) формирањето нови партии како ограноци на „нови југословенски партии“, залудните обиди (и пред сè чии беа тие) за спас на веќе распаднатата Федерација. Но, јасно е дека настаните малку зависеа од сето тоа, а воопшто не од „Првозборецот“. Всушност, никој (од новоформираната парламентарна и извршна власт), без оглед на интимните чувства, немаше „стискавец“ да каже дека сака Македонија да ѝ се приклучи на скратената федерација, којашто тврдоглаво ја форсираше Милошевиќ. И тоа е факт над фактите. Зошто? Затоа што таквиот „некој“ инстантно ќе беше политички мртов. Тоа, дури, не го изустија експлицитно ниту оние партии што се формираа како ограноци на нови „југословенски“ партии, кои до последен миг се бореа да ја спасуваат Југославија, иако беше очигледно дека ѝ нема спас; едноставно, тоа не го сакаше „Триото СХС“.

(5) Кога, пак, повеќе не можеше да се одложува моментот за формалната одлука за прогласување на самостојноста на Републиката, „патриотот“ Љубчо (со своите) сакаше да ги „зезнеме“ граѓаните на Македонија. Веруваше (за волја на вистината, не сам) дека граѓаните на Македонија не сакаат самостојна држава. Премногу биле „врзани“ и „носталгични“ за Југославија; имало големо „просрпско расположение“. Затоа нè малтретираа во Парламентот дека не треба да одиме на Референдум за изјаснување на народот туку, со акт на Парламентот да прогласиме независност. Навиките да се подметнуваат одлуки за кои „водството“ однапред мисли (или знае) дека народот не ги сака, не се нови. Ги има многу од 1945 до 2017 година. Во зависност од тоа каков „политички Франкенштајн“ е на власт, таков е и нивниот квантитет и квалитативната разорна моќ по општеството. Колку народот „не сакаше“ самостојна држава, ни покажа референдумот на 8 септември 1991 година. И тоа без многу да се заморува тогашниот политички врв со смислување трикови како да го „прелаже“, или како да го „убедува“ народот да гласа за своја самостојна држава.

(6) Кога сè уште сме кај темата „патриотизам“, Љубчо никогаш не ни кажал како е можно таков голем македонски патриот, каков што самиот се опишува, истовремено да пишува и говори (познати се неговите статии на таа тема во некогашниот неделник „Пулс“) дека корените, не само неговите, туку на сите етнички Македонци, де факто, се бугарски и дека југословенските комунисти им го наденале тоа погрешно сознание преку фалсификување на историјата? А можеби и со вбризгување посебна течност во мозоците на Македонците? И, како е можно, толку силно определен човек (момче во тоа време) за самостојна Македонија, таков македонски „војвода“, да состави влада за која самиот вели дека две третини од министрите во неа го поседувале ставот дека Македонците, всушност, се Бугари? И, конечно, како еден толку голем патриот, веднаш по премиерскиот мандат, стана државјанин на друга држава, бламирајќи ја државата и народот кои, нели, најмногу ги сака? Дали, за сето погоре кажано, еден од можните одговори е: „Да го направиме првиот чекор кон враќање на „најромантичниот дел од историјата на нашиот 'источен сосед' - одвојувањето од „Србо-Југославија“ (така мнозина од нив ја именуваа СФРЈ) - а за вториот ќе почекаме повторно поволен момент?“ Кога искажував спротивни ставови од оние на српското раководство, луѓе од таквата сорта прилично ме „обичаа“. Привремено!

(продолжува)

Извор: Плусинфо
Слики: Свирачиња