„Судијката“ Милка Ангеловска-Васевска помилува убијци зашто се „покајале“?!

26.05.2017 10:51
„Судијката“ Милка Ангеловска-Васевска помилува убијци зашто се „покајале“?!

Госпоѓо Милка Ангеловска-Васевска, намерно не ви се обраќам со судијке, затоа што од вчера, тоа за мене не сте; вчера кога, меѓу другото, ја донесовте пресудата за насилниците во Собранието рековте:

„Судот им определува алтернативни мерки кои се адекватни санкции со кои ќе се исполнат целите на казнувањето.“

Мене досега никој не ме викна, тука мислам на ОЈО, како директен сведок од „најборбеното“ подрачје на 27.04 за да кажам какви беа делата и зошто вашите санкции НЕ СЕ СООДВЕТНИ, ама фала богу, имаше снимки, дел и мои од крвничкото тепање, за да сфатите дека каењето можат да си го продаваат само по дома.

На крвавиот четврток насилниците дојдоа да УБИЈАТ… Во очите, додека ме удираа, секој пат им се гледаше жед за крв, бараа смрт на пратеници, на „предавници“, на новинари кои, како што ми викаа, се платеници на Сорос, слуги на „шиптарите“ и на СДСМ….

Ни една санкција, па ни доживотен затвор, нема да ја намали болката во моето раме на секое менување на времето, или пак на флешовите од крвави лица кои сè уште навечер неповикани ме „напаѓаат“ во сонот, но барем ќе имав чувство дека државата во која сум родена, образувана, растена, во која секојдневно работам и вложувам, бидејќи за разлика од многумина јас немам резервна, се обидела да ја истера правдата на праведната страна, но не, таа помилува УБИЈЦИ затоа што се покајале!

Овој срам ниедна вода никогаш нема да го испере!

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: ШкАрт