Љубовни песни

26.05.2017 13:05
Љубовни песни

 

Љубов

Никакви објаснувања. Цитати.
Фусноти. Одредници.
Гезмиња на молчаливите чокоти.

Сè зависи од тоа
колку долго ќе бидеме засекогаш.


Коњски трки

За оваа љубов потребни се
задгробен живот и коњски трки.

Впрочем нема да успееме да се разделиме.
Ниту ќе успееме меѓусебно да се изневериме.

Триумфална капија во трпезаријата.
Утро од блискиот јувелир.

Пловиме во наследната гондола на јазикот.
Тропско либрето. Бесилка на времето.


Нашата борба за трофеј

Повеќе пати сме сами
во нашата куќа во Вембли.

Разварено пладне.

Мојата барокна жена
го чисти јазикот од мини.

Знаеш, потполно заборавив, дека те сакам.

Пиеме црвено вино.
Надвор студено предјадење.

Оваа среда нашата борба за трофеј
завршува со реми.


Уште еднаш нашиот компјутер

Појадувајќи
разменуваме информации
од банкарските весници.

Банкноти од јаболков колач.
Кафе
од кое излетува пеперугата мртовечка глава.

Се огледувам
во фолдерот на твојот црвен фустан
и ти додавам нож.

Љубовта на наше место
истото би го направила.


Љубов

Љубовта е видовита.
Се предвидува себе тебе и мене.

Потекнува од избран народ
и се служи со јазик
со висок напон.

Во Народната библиотека
ги дамкосува дури
и непрочитаните книги.

Во лавината од хорови
го открива одекот
на еуфоријата и смртта.

А кога ќе те нападне
потруди се да бидеш дома.
Или во нешто слично.
Само да се сретнете.


Соборци на љубовта

Ние соборци на љубовта
ја фрламе цигарата во мракот.

Нè повикува Етна
додека лежиме под оловното ќебе на облакот.

Пред зори
ставаме в уста батерии
и зборуваме
зборуваме
зборуваме
до изнемоштеност.


Колач со сливи

Од твоето лице симнувам
трошка сипкаво тесто со сливи.
Микроскопско словце нежност.
Далеку од секоја помисла
го оставам врз стариот порцелан на страницата.
Засекогаш нека се запише.
Не се знае кога
провевот оддува сè.
Некој го отворил прозорецот. Некој вратата.
После многу година сеуште
ги обиколувам слаткарниците.
Жалам што само ми се причинуваш.
Дури ни ноќта не домислува
кога сме заедно.


Оттаму

Од тортана знаеме
дека има веќе десет. Дваесет години. Приближно. Приближно.
Трепери раката што го зема лажичето.
Сениците само на тоа чекаат.

Погледни ме в очи. Дали вредеше?
Ѝ се смееме на празнината.
Последната патрола на починката
нè наговара на љубов.

Гласникот Оттаму е веќе дојден
Ама нема да брза.
Нешто уште ќе изеде. Ќе прошета низ градот.
Ќе ја посети изложбата на птиците и надреалистите.
Со гробиштата ќе се договори за подоцнежен термин.

После можеби ќе го вовлече
Рѓосувачката ноќ. Наркотичната љубовница.
Вотката што тече во потоци.
Просто нашиот живот.

За оние Оттаму смртта е безгрижност.
Во случајна улица
неслучаен случај.

Дали така треба да биде? Дали е тоа судбина?
Ѝ се смееме на празнината
одложувајќи ги за подоцна
сите последни моменти.

Избор и превод: П. В.
Слики: JAN DE MAESSCHALCK

Ева Липска e родена 1945. во Краков. Завршила Ликовна академија, но се определила за поезија. Пишувала и проза и драми, но и текстови за краковското кабаре Подрумот кај овните и текстови за рок бендови. Не припаѓала на ниедна книжевна група ни правец, иако критичарите ја вредуваат во Новиот бран. Преведувана е на сите попознати јазици. Добитник е на најпрестижните полски и светски книжевни награди. Последниве години е и кандидатка за Нобеловата награда.

ОкоБоли главаВицФото