Фашизам во куси панталони

26.05.2017 16:37
Фашизам во куси панталони

Книгава што ја држите в раце е збирка на колумни што редовно, секоја недела излегуваа во дневниот весник „Слободен печат“ и во електронските портали „Плусинфо“ и „Окно“, од есента 2014 до раниот март 2017 година. Таа е хронолошки и тематски продолжеток на мојата прва збирка текстови „Името на злото“, што излезе во издание на „Темплум“ во доцната 2014 година. Како и „Името на злото“ и „Фашизам во куси панталони“ е, всушност, еден вид тегобна и бескрајно итеративна фуга, во која упорно се варира истата тема на моите рефлексии на македонската општествено-политичка и културна калварија под власта на Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ. Кога пред две ипол години излегуваше „Името на злото“, бев убеден дека предолгото пропаѓање во институционална и културна анихилација, и растечката безнадеж што го следеше овој цивилизациски регрес на Македонија, во голема мерка се должат и на неспособноста на политичката опозиција, но и на граѓанското општество - пред се на интелигенцијата - да го препознаат и именуваат злото.

Гледајќи наназад, излезе дека делумно бев во право, зашто во следните две години именувањето на злото стана можно дури кога тоа – добивајќи ја својата звучна појавност – стана болно очигледно и за широката јавност. Вулгарната видливост на клептократската партија-држава на ВМРО беше пресудна за будењето на слободарските сили во македонското општество, што конечно – по цели десет години – ја обезбеди и јавната политичка делегитимација на режимот на Груевски. Но, сепак, предолгото тонење во конформизмот на општествениот самозаборав, како да беа предизвикани и од длабокото идеолошко неразбирање на суштината на феноменот на груевизмот. Тоа е и лајтмотивот на оваа книга, па практично сите колумни во неа се бават со дефинирањето на системската природа на оваа наша историска несреќа; природа што, според моето мислење, најдобро може да се согледа токму таму кадешто скудоумната преродба на ВМРО го однесе целото македонско општество: назад во мрачните децении на фашизмот, во раниот 20 век.

Прегледувајќи ги текстовите, се изненадив колку пати во нив се повторува дека режимот на ВМРО е, всушност, сосем класична капиталистичка авторитарна „органска“ држава со фашистичка идеологија. За жал, исто толку пати резигнирано е заклучено дека либералната демократија како да нема ниту филозофска оптика, ниту идеолошки алатки, дури и да го препознае фашизмот, а не пак ефикасно да се бори со него. И, дека не треба да не залажуваат глупоста и примитивноста, па и трогателната инфантилност на нашиот фашизам во куси пантолони, зашто до сега тој е надмоќниот победник во борбата со македонскиот историски проект: тој зад себе ги остави лешевите на нашата демократија и култура, на нашата модерност и слобода, и на нашето саморазбирање, достоинство и идентитет. Така што, Груевски е можеби политички веќе поразен, но груевизмот како малигна болест на целото општество, за жал, сеуште не е ниту опстојно разбран, та вистинската борба со него уште не ни започнала.

Им благодарам на сите што го помогнаа пишувањето и подготвувањето на оваа книга, а особено на моите пријатели што финансиски овозможија таа да го види белиот ден.