Политички Франкештајни во руво на патриоти (2): Краста под лажливите, трепкави очи

27.05.2017 09:32
Политички Франкештајни во руво на патриоти (2): Краста под лажливите, трепкави очи

Љубчо, онака „смело“ и „искрено“, во продолжение на разговорот со Чомовски, ни кажа дека тој (кога беше премиер) и неговите соработници, не ги рекетирале фирмите. Дури, ни препорача да ги прашаме бизнисмените, како сведоци. Ако е така, нам не ни преостанува ништо друго, освен да заклучиме дека фирмите самите им давале, зашто пак ако не е така, нема да знаеме како тој стана „средно богат“ бизнисмен и како многу луѓе околу него, само за четири години, стекнаа имот што не би го стекнале ниту за четиристотини години. Да се чудиш и да не веруваш.

Не бе, Љубчо, ти не рекетираше никого!

Драг наш шегобиец Љубчо! „Благовестие“ на твојата почитувана сопруга не рекетираше туку, ненадејно, фирмите самите почнаа доброволно да ѝ префрлаат пари. Од чист хуманизам. Торбите со кеш што секој ден ги прибираше твојот директор на Царинарницата на Македонија (осуден во отсуство, скриен со години кај соседите), „доброволно“ му ги полнеа транспортните организации и тој „дневен пазар“, или дневен „доброволен прилог“ (од увозниците и од извозниците) „самариќански“ им го подарувавте на сиромашните (или пак, си го делевте меѓу себе?); и никој не зеде мито во милионски износи од продажбата на „Окта“, на „Телеком“ и на други компании (златни кокошки во економијата на Македонија); и не формиравте, преку ноќ, фирми на свои блиски и, „различно“ од последниот и најголем Монструм, не им ги дававте јавните тендери ним; вие не го празневте буџетот преку вашите фирми, туку го полневте за да има за народот.

Во врска со последново, би се согласил дека тоа не мора да се нарече рекетирање на фирми, посоодветно е да се каже рекетирање на Буџетот на РМ. Ти и твојот легендарен Војо (чие судење и притворање, кое, според вас, беше „тенденциозен“ чин на екс-комунистите) не го празневте Фондот за здравствено осигурување на Македонија за себе. И преку Фондот за стоковни резерви на државата, директоруван од твојот роднокраец (подоцна суден и осуден), не извлекувавте големи државни пари за лични потреби. Тоа (имаш право) не е рекетирање на фирми, туку рекетирање на Фондот за стоковни резерви.

Не беше ти оној што лично му дозволи на одвратниот апаш, бизнисменот Смиленски (со помош на тогашниот гувернер на НБРМ, Љубе Трпевски), да цица ќар од девизните резерви на НБРМ – туку него го одбравте „случајно“, онака, за ништо, со студиозно проучување на неговите способности и добри намери и љубов кон Македонија. Исто како што не беше ти оној што купи плац на Водно, за „малку“ милиони евра, а потоа, под притисок на јавноста, веднаш го пренесе на друг сатрап (како што подоцна стори и Монструмот, кој ѝ извади душа на државата (од 2006 до 2017 година); маркицата за зградата „Лумикс“, или, како ли се нарекува оној чир пред зградата на Електростопанство, „не беше одобрена“ од тогашниот твој министер за транспорт, сообраќај и градежништво. Тоа го направивте баш таму од естетски причини, исто како и бандата на твојот наследник, кој го задуши плоштадот од „нелукративни“ причини.

Веднаш штом дојдовте на власт, заедно со Тупурковски, ја инсталиравте, поточно ѝ се приклучивте на таканаречената, во светот добро позната, „долар-дипломатија“, која ја практикуваат најгнилите режими во светот. На 16 јануари 1999 година ја признавте кинеската провинција Тајван како суверена држава, за ветените 1 милијарда долари наводна помош на Македонија. Знам дека на тоа те навлече Тупурковски. Но, ти беше премиер. А аналфабет и алчен премиер не може да биде добар за Македонија. Не знаеме кој и колку секој од вас има примено лично „дарови“ во таа срамна и опасна за земјата епизода, освен што знаеме за некои „услуги“ што Тајванците им ги направиле на поединци од твоето тогашно друштво. Меѓутоа, ги знаеме целосно сите „екстерналии“ (видливи негативни последици) за Македонија, од таа будалаштина: Кина веднаш ги прекина дипломатските односи со Македонија; стави вето во Советот за безбедност на Обединетите нации за продолжување на мандатот на безбедносните сили кои дотогаш ни ја обезбедуваа границата со Косово и Србија (УНПРЕДЕП), а потоа стигна војната во 2001 година, за која велевте дека ни била „испорачана“ токму преку таа граница.

Корупција и незнаење, Љубчо наш, не произведуваат безбедност. Затоа, твоето (само)портретирање како „возљубено чедо“ во Македонија (според терминологијата на твојот Владика) се планетарна „измамничка маска“. Со примери од наведениот вид, „војводо“ наш, можам да продолжам до недоглед. Во зависност од „климатските услови“, оваа тема може да ја продолжиме.

Економијата во Љубчово време беше јадење на супстанцата на капиталот

Како што те излажале, „наш Љубчо - наша судбо“, за тајванската милијарда и сè во врска со неа, така некој те излажал и во врска со економијата. Анализа не се прави врз основа на „наслушнати муабети“. Крадењето јавни пари и давањето на најпрофитните јавни фирми на странци не се економски политики што унапредуваат било чија економија.

Па, еве нешто, за твоја информација: континуираниот пад на македонската економија, по распадот на СФРЈ, заврши во 1995 година. Во трите години пред твоето доаѓање за премиер на Владата на РМ, просечниот реален раст на БДП изнесуваше 2 проценти, со тоа што растот во 1998 година беше 3,4 проценти, што значеше дека исцрпената економија веќе фаќа чекор на забрзување; во твоите целосни четири години (1999-2002) просечниот раст изнесуваше само 1,8 проценти – нешто над 4 проценти во 1999 и 2000 година, а потоа пад (-3,1 проценти), поради војната која не ја спречивте и поради веќе забревтаната корупција, и мал раст (1,5 проценти) во 2002, така што, сè заедно, како што реков, просечно годишно само 1,8 проценти. Во четирите години на коалицијата на СДСМ (2003-2006) која работеше мошне лошо (па затоа ги изгуби изборите), просечниот годишен раст изнесуваше 4,2 проценти (највисок четиригодишен раст во сите 27 години од осамостојувањето), во период кога јавниот долг се намалуваше како процент од БДП. И, конечно, во десетте години на најголемиот „Политички Франкенштајн“, со најголем скок на јавниот долг, просечниот годишен раст изнесува 2,8 проценти.

Во твојот мандат, „патриоту“ наш, ги јадевте парите од продадениот Телеком и во последните две години (2001 и 2002), правевте буџетски дефицит од по 5 проценти од БДП, што за двете години, кумулативно, изнесуваше околу 450 милиони евра. За твоја информација, во тие две години, БДП изнесуваше 4,2 односно 4,4 милијарди евра. Сведено на денешни бројки, односно вредности, тој дефицит (долг) има еквивалент од околу 1 милијарда евра.

Пред да дојдеш на власт ветуваше дека ќе градиш национална економија. Исто како и национална репрезентација. Тогаш се прашував, има ли абер што зборува овој човек? Кога дојде на власт, како што сите знаат, веднаш почна да ја отуѓуваш националната економија. Брзаше да не ја земе некој друг провизијата. Во Министерството за финансии, се надевам, може да се најдат извештаите од тоа време, за тоа како ги потрошивте парите од продадените претпријатија на странците. Едно е сигурно, ја јадевте супстанцата на капиталот.

Македонска банка беше партиска банка, твоја Љубчо, и на Никола!

Љубчо, Љубчо! Србите би рекле, „мора да си јео бунике“. (Извини , повторо ги спомнувам Србите). Или, пак, наместо да авансираш во распознавањето на настаните во земјата, ти си авансирал во расипаноста. А можеби има и трето: настаните те заобиколиле, зафатен со броење на салдата на твоите насекаде распространети сметки - полнети во мандатот како премиер, како резултат на твојата „надареност“ за претприемништво.

Ајде да почнеме со затворањето на Македонска банка и твоето тврдење во разговорот со Чомовски дека не била затворена од финансиски причини, туку, нема од што друго, за да го заштитам твојот наследник од матните зделки со нејзиниот газда, веројатно за некоја моја корист од Груевски. Повторно формираш мислење врз основа на некои кафеански муабети. Или од чиста пакост, затоа што со право те нарекувам арамија. Повторно не следиш, не читаш! Зошто, кога сакаш да ми вратиш со нешто, не се подготвиш како што треба, за тоа што го говориш да не изгледа толку глупаво и дилетантски? Да го прочиташе образложението на НБРМ за затворање на Банката, можеби ќе помислеше што зборуваш. А и без да читаш, ти самиот знаеш дека во Банката не бил замешан само Груевски, туку и ти лично, уште повеќе. Но - ти ни тоа не го знаеш! - тој тип на вмешаност не го истражува и не го санкционира НБРМ, туку други институции. Да беше поинаку, и ти и твојот наследник, од мене ќе си го добиевте заслуженото. Криминалци не поднесувам. Но бидејќи јавно спомна, заради таа јавност, да те потсетам.

Љубчо наш, благонадежен, па нели, кога ти беше претседател на ВМРО-ДПМНЕ, таа Банка сте ја купиле на име на Партијата, или си заборавил; нели потоа сте добиле судско решение дека непрофитна организација (а тоа значи и партија) не може да има ниту банка, ниту каква и да е профитна организација; нели потоа сте си ги поделиле акциите на Банката на поединци од Партијата, вклучително и на вашите возачи, за Партијата да не фигурира како сопственик? Поради сите овие причини, криминалецу еден, нели ММФ бараше вашите членови и пријатели да ги снема како (стварни или формални) сопственици од Банката - таа да биде продадена на здрав акционер.

Па така, вие, поточно ти, не јас, си го нашол балканскиот хохштаплер од Србија, надалеку прочуениот и сега во затвор, Газда Нини (кој според ниту еден закон за банки не смеел да добие дозвола за сопственост на Банка). Во книгите на НБРМ стои дека Банката сте му ја дале за само 900.000 евра. Потоа видовме дека него не го чинела само 900.000 евра. Од Ден Дончев (како ваш партиски посредник во продажбата на Банката на Газда Нини), кого корумпираното судство не го прифати како сведок, разбравме дека Газда Нини, на инсистирање на твојот наследник, тогаш во својство на твој министер за финансии (за да не го попречува правното пренесување на Банката), се согласил „некаде“ да префрли 1,5 милиони евра. Не знаеме дали и колку Газда Нини претходно дал за вашата семејна „Благовестие“; дали и колку дотурил во „дневниот пазар“ на Драган Даравелски, па оттаму, по твоја заповед, каде што треба.

Од банките мораа да заминат Газда Нини, Даравелски, Ѕинго...

Љубчо, ти не знаеш што се финансиски, а што се нефинансиски причини за затворање на Банка. Ниту како премиер, не си прочитал ниту еден член од законите за банки кои ти поминувале на Владата. Дури и кога би прочитал, ти тоа не го разбираш. Патем, да те информирам: на Газда Нини му затворивме две банки во мојот мандат како гувернер: покрај Македонска банка и Радо банка. И во двете банки имаше и финансиски и правен хаос, непочитување на регулативата на НБРМ. (За твоја информација, бесплатно ти кажувам, правниот хаос во најчест случај се трансформира во финансиски загуби). Многу добро знаеш дека главните акционери на двете банки (пред сè балканскиот хохштаплер) беа пријатели на ДПМНЕ и пријатели на сите корумпирани луѓе во институциите на државата. Твои да, мои никако!

Ако ги прочиташе решенијата на НБРМ кон Банката и нејзините акционери, ќе можеше да видиш дека твојот, а не мојот пријател, Газда Нини, или пријателот на твојата претходна партија, којашто ти ја основаше, покрај другите бројни незаконитости, веќе почнал да изнесува депозити од земјата и да ги заложува акциите на Македонска банка за да зема кредити со кои купувал фирми во Србија и прелевал средства во други негови фирми. Ако уште малку го почекавме вашиот (бизнис-партнерот на ВМРО-ДПМНЕ) Газда Нини, на кого, повторувам, вие му ја „продадовте“ Банката, голем дел од парите на нашите граѓани ќе испареа во форма на заложени депозити и заложени акции во, на пример, банка формирана во Русија со српски капитал, наречена „Евро-Аксис“, а преку неа во фирми на инкриминираниот газда.

Да беше ти, на пример, гувернер на НБРМ, тоа сигурно ќе се случеше. Од банкарството, дунстеру наш, мораа да си заминат, освен вашиот партиски пријател Нини и други, како што е твојот Драган Даравелски, кој поседуваше половина од акциите на Кумановска банка, твојот и на Груевски коалиционен партнер, „искрениот борец“ за социјалистичките идеи на Главинов и „крвниот непријател“ на незаконски збогатените олигарси во Македонија, бесмртниот борец за правда - Ѕинго.

Според тоа, ниту функција сум барал од вас, ниту бизнис-партнер сум ви бил, ниту пак за сите пари на светов, би заштитил такви злосторници какви што се потврдивте вие од раководството на ДПМНЕ, со самото стапнување на државните функции. Затоа, од гувернер можев да бидам само сменет. Оставка би дал само ако некој ме попречувал да работам така како што јас мислам. Твојот пример со Трајко Славевски, повторно е твоја површност, тропање глупости. Славевски не си поднесе оставка (како што му кажа на Чомовски) туку беше сменет од Монструмот, не зашто тој не се согласувал со неговите политики, туку зашто не бил доволно вешт (како што покажа наредниот) да позајмува доволно пари (и да прелева од шупливо во празно) за задоволување на лудило на својот Шеф. Трајко, за жал, и ден денес ги брани политиките на Монструмот.

И сѐ додека Македонија ја газат „политички Франкенштајни“ како што сте ти и твојот наследник, а оние што разговараат со таквите не водат сметка за елементарна заштита од крастата што ја ширите, таа никогаш нема да стане пристојно место за живеење.

(крај)

Кон првиот дел

Извор: Плусинфо
Слики: Били Даркарт