Дали вреди?

29.05.2017 12:34
Дали вреди?

Ако веќе во првите денови од почетокот на потенцијалниот ветен и (сведочевме „во живо“) со крв изборен „нов живот“ – за што всушност сите нормални луѓе не само во оваа држава оддадоа признание – се започне со една прилично дискутабилна или двозначна дилема од типот „дали вреди“ да се прави ова или она, тогаш некои нешта уште на почетокот прилично се заматуваат. И нема врска дали дилемата е искажана од висок функционер на партијата заслужна за рушењето на режимот (инаку и самиот жртва во крвавиот четврток!) и во кој и каков контекст, па нека е и во контекстот на омразеното од сите скопјани „Скопје 2014“, односно дека евентуалната дислокација на чудовиштено среде плоштадот, а што се одзива на името Аце Македонски, би чинела „најмалку четири-пет милиони евра“, па следствено дали вреди да се потрошат тие пари за таа намена. Предметот на дилемата е, да речеме, второстепен (иако не е, но за тоа подоцна), битна е дилемата, нејзината „звучност“ сега и овде, нејзината потенцијална повторливост, нејзините можни скриени значења итн.

Сигурен сум дека дилемата „дали вреди“ да се направи ова или она ќе ја слушаме прилично често во идните месеци. Бидејќи наследството со кое што веднаш (ќе) се судрува новата власт е катастрофално, (ќе) бара ладна глава но некогаш и итна интервенција – како онаа со екстерното тестирање, (ќе) бара и многу мудрост но и храброст. За што и како ќе се определува таа нова власт, ќе видиме. Но, најмалку на што можат да се „вадат“ е дека не знаеле со што (ќе) се соочуваат. Верувам дека многу детали и финеси во генералните случувања во државава, па и по области, не им се познати и тие допрва ќе се откриваат. Тоа ќе биде и прилично мачен процес зашто, велат, голем дел од документацијата била или е во фаза на „преработка“, луѓето се сè уште исплашени отворено да говорат и слично. За тоа треба време. Но, за многу нешта работите се чисти, што се вели, како солза. Како што беше екстерното, на пример, а особено кога станува збор и за „Скопје 2014“! Се разбира, не мислам дека сите нивни решенија/одлуки ќе бидат по кеиф на сите. Такво нешто односно таква власт не постои. Но, ако веќе се прокламира дека ќе се воспостави систем на функционирање „во кој што граѓаните Владата ќе ја чувствуваат за своја“ (Шилегов), тоа не остава простор речиси за никакви големи дилеми (иако и тука има простор за пазарење дали баш се мисли на сите граѓани, на мнозинството граѓани итн.)!

Сеедно, но дилемата „дали вреди“, со која што, како што реков, мислам дека често ќе се среќаваме, некако не ми звучи на соодветен политички одговор за кое и да е важно прашање. А сите прашања поставени од граѓаните се – важни прашања! Особено од гласачите токму за оваа политичка опција чија што верба и глас се темелеа на кажани, но и претпоставени идни акции. Зашто, дилемата „дали вреди“ не само што не е политика, туку не е ни (нај)разумен или (нај)рационален квалификатив за која и да е операција. Освен, се разбира, за онаа која што се темели само и единствено на некакви квантификации разбрани како економска цена на чинење на нештата. Што, секако, како став не е спорно, особено во нашево актуелно до зла бога осиромашено секојдневие. А сепак, за одделни „операции“, и таквите економски квантификации се несоодветни. И овде го потенцирам зборот економски, зашто наведениот на почетокот пример односно дилема „дали вреди“ се поврзува исклучиво со цената на чинење на „операцијата“ дислокација на споменикот на Александар Македонски од Плоштадот „Македонија“. Како што може да се однесува, и ќе се однесува во некоја друга прилика, на некоја друга „операција“ за која што ќе бидат заинтересирани граѓаните на оваа држава.

Меѓутоа, треба да се има предвид дека посочената дилема како исказ нема само економска резолутност односно значење, туку може да има и мноштво други аспекти, како на пример морално, и етичко, и стручно, и секакво друго значење. Таа, дилемата, може да се однесува токму на моралниот аспект на некоја активност односно „операција“ на идната влада, па може да упатува прашање односно дилема од чисто стручен т.е. професионален аспект, итн. И поставувањето на дилемата во кој и да е од наведените аспекти може да биде релевантно, па дури и во извесна смисла – политички издржано. Иако, од друга страна, тоа претставува обврска, на извесен начин, таа влада така да постапува и во сите, или во повеќето други ситуации од интерес за граѓаните, односно да се раководи од таа и таква дилема согледана во сите нејзини аспекти. Зашто такво е, нели, ветувањето!

Во таа насока, искажаната дилема „дали вреди“ може да биде и опасна дилема. Прво, може да се чита како обид да се внесе економска логика таму каде што не ѝ е местото. Иако економистите (можеби) би кажале дека нема такви места односно дека економската логика е применлива, дури добредојдена секаде и по сите прашања. Не знам, не сум сигурен. На пример, ако ја примениме исклучиво економската логика „дали вреди“ односно колку (ќе) ја чини државата приведувањето, притворот, судењето, издржувањето на казната … на сите кои се или ќе бидат судени за крвавиот четврток, ќе биде ли тоа економски оправдано? Или е пооправдано (економски, се разбира) тие да бидат испрашани и веднаш пуштени дома? (Или, ако сакате, може ли онаа „судијка“ што условно ги пушти дома дел од криминалците од крвавиот четврток да каже дека применувала економска логика?)!

Некој можеби ќе рече: натегната дилема. Е па, не е. Како што не е ни прашањето дали за промптната одлука за укинувањето на екстерната проверка на знаењата на децата се земени предвид сите можни дилеми? На крај памет не ми паѓа да го бранам екстерното зашто светот, цивилизираниот, се разбира, се залага за што поголемо ослободување на децата од такви стресни „едукативни“ методи. Згора, неговото укинување беше и предизборно ветување. Ама, да не подзаборава некој дека и „Скопје 2014“ долго беше жешка предизборна тема, со многу ветувања и без економски калкулации? Зашто, сепак, парите не се најбитната ставка на нештата, нели?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото