Бестежинската состојба на груевизмот

29.05.2017 13:54
Бестежинската состојба на груевизмот

Морам да признам дека како некакво дете на претшколска возраст, по малку му се восхитувам на паралелниот свет во кој живее Никола Груевски. Тоа е една потполно заокружена налудничавост, со брзи патишта, филхармонии и нови клинички центри во неа.

Една мешавина на Неверленд и Ла-Ла-Ленд, на едно вечно Труман шоу во кое розови слонови летаат како Ѕвончици, а сништата се изградени од шеќерни кули со барокни чоколадни фасади и балкони направени од црвено желе. Во таквата виртуелна реалност сите со кои се дружи нашата „Николина“ во Земјата на Чудата се ботоксирани милионери или странски инвеститори од искрадениот наш, домашен капитал, луѓе што редовно вежбаат и држат егзотични диети за да доживеат 100-та, му аплаудираат и кога доцни по еден час и, генерално, го опсипуваат со комплименти за неговиот изглед, за смислата за хумор, за далекувидото политичко и економско водство на земјата, за ненадминатата интелигенција и за одличниот образовен бекграунд. Дури, кога го викаат во својство на обвинет во СЈО, медиумите не се известени, а претходно ја празнат зградата од вработените или преостанатите не смеат да излегуваат од канцелариите, за на Груевски да не му падне непријатно од средбите по ходниците зашто е осомничен за поттикнување и извршување тешки кривични дела. Тоа ви е еден внимателно негуван, скапо платен, комплексен пропаганден холограм на виртуелна реалност што се одржува околу него, во кој никој не смее да трепне, да се накашла или да кивне, оти ако него го прашате дали е свесен дека одамна не е премиер или шеф на техничкиот премиер и на претседателот, тој по малку отсутно ќе ви одговори: „Се извинувам, не сега, имаме настан“ (?!); а тој „настан“ си е испланиран и е реалната реалност во која живеат општествените иверки на груевизмот, наспроти илузијата содржана во дрското нецензурирано новинарско прашање за вистинската реалност којашто за нив е нереална. Груевски не е таму за да даде информација за новата реалност, туку да служи како конфирмација за старата, удобна реалност на изобилие и декаденција во која концентричните партиски кругови околу него „скалесто“ се башкареа со години, на наша сметка.

Во таквата бестежинска состојба на балонот на сопствената пропагандна реалност што и денеска ја негува од петни жили, некни Груевски се сети јавно да побара („веднаш“?!) покана за влез на Македонија во НАТО и за отворање на преговорите со ЕУ!

„СМРТ ЗА ПРЕДАВНИЦИТЕ“!

Груевски како да не разбира дека токму тоа – рестартирањето на процесот за нашето зачленување во НАТО и во ЕУ – е драматичната точка на судир на виртуелната реалност во која тој ја зароби Македонија во изминатите години, и на вистинската реалност во која, всушност, ќе треба да продолжиме со нашите животи без него: имено, најсвежиот услов за зачленување, јасно формулиран и повторен неодамна и во Брисел од страна на НАТО и ЕУ е токму тој и другите членови на Фамилијата да бидат кривично процесуирани за сите свои изминати злодела во правната држава што треба да ја возобновиме. Од тука натаму, брзината на нашето зачленување во евроатлантските институции, на што и на сомнабулниот Груевски сега му текна загрижено да инсистира, е поврзана со брзината на трајното заминување на Фамилијата не само од јавната политичка сцена, туку и од јавната граѓанска сцена, сфатена како слобода на движење и секакво јавно делување.

Според тоа, расправата за политичката и правната иднина на Фамилијата не е тема од минатото, нешто на што би се навраќале како потреба за евентуална одмазда или за морално-политичка и материјална компензација за претрпените штети, омаловажувања и сите малтретирања низ коишто поминавме, туку е суштествено врзана за нашата иднина, почнувајќи од моментот кога ќе завршите со прочитувањето на оваа реченица. Концептот за „Македонија во која ќе има живот за сите!“ не смее буквално да се сфати, бидејќи во неа не смее да има јавен и дејствителен „живот“ за оние што не само до вчера, туку и денеска пропагираат и делуваат врз платформата за смрт (без наводници) за неистомислениците и политичките опоненти. Значи, нивното заминување на долг затворски престој би можело да се дефинира како прашање на борба за општите човекови права во Македонија, па – како што видовме при неуспешниот државен удар изведен на 27 април – и борба за наш гол живот.

ПРИМАРЕН БЕЗБЕДНОСЕН УСЛОВ?

Од другата страна стои груевизмот чиешто судство – низ „обвиненијата“ на Зврлевски и Гешковска, како и низ пресудите за насилствата во Собранието донесени од страна на Милка Ангеловска-Васевска (и, повторно, за да ја запомните: Милка Ангеловска-Васевска... значи: Милка Ангеловска-Васевска) – само пред некој ден уште еднаш ни докажа дека нивната смртоносна платформа не што не е деактивирана и онеспособена, туку дека, напротив, неказнето се охрабрува и се одржува за покренување во следната згодна прилика, за повторно да се закани и да спроведе насилства за елиминација на „непријателите“. И немојте да имате никаква илузија: кога следниот пат ќе нападнат – да речеме веќе за некоја недела, при донесување некој нов закон во Собранието за кој тие ќе сметаат дека е „предавнички“, на пример – навистина ќе има мртви, а не само полумртви.

Според тоа, инсистирањето на одговорноста на Зврлевски, Гешковска, Ангеловска-Васевска и на уште неколку дузини слични по нашите судско-обвинителски кабинети е прашање за наш опстанок, тоа е принципиелно прашање, речиси е прашање во кое нема ништо лично, бидејќи тие својски се потрудија сѐ да стане само лично!

НАТО и ЕУ ваквото прашање сега ни го поставуваат како врвен, не само политички, туку и безбедносен приоритет: или, по пат на реставрација и унапредување на институционалниот и правниот систем во државата, ќе расчистите со овие луѓе еднаш и засекогаш, или следниот пат кога ќе влезат во Собранието да убиваат ние нема да го убедуваме нивниот соучесник, човекот на чиј кабинет стои плочката „Претседател на РМ“, да не воведува вонредна состојба во Македонија!

ИЗОБИЛИЕ ОД ДОКАЗИ

Следствено – нема бегање од тоа – логичното прашање што се наметнува е дали новата власт во Македонија, во расчистувањето со правно-политичката бестежинска состојба на груевизмот, треба да го копира обемот и суровоста во однесувањето на Ердоган во Турција по тамошниот неуспешен државен удар?

Прашањето, навистина, делува логично, но е суштински обратно, бидејќи, барем мене така ми се чини, Ердоган сега се обидува во Турција токму да го устоличи овде поразениот систем на Груевски, преку екстремно правно и политички арбитрарна пресметка со своите вистински и замислени политички противници. Значи нашата, или, ако сакате, дилемата на Заев не е онаа на Ердоган, туку онаа што, евентуално, би следувала по Ердоган, ако за тоа, таму, некогаш дојде време.

Според тоа, задачата на новата власт, предводена од Заев, е врз основа на изобилието докази што ги товарат за нивните злодела, да создадат услови за правно и политичко санкционирање на сите функционери и службеници на режимот на Груевски кои учествуваа во киднапирањето на Македонија за чие ослободување за малку ќе требаше да платиме со крв по улиците.

Со други зборови, замислете го денот кога г. Груевски, на среде некој негов виртуелен настан за отворање на ново тениско игралиште во некоја од селските општини со коишто сѐ уште владеат, ќе биде прибран, пред камери, од страна на еден-двајца обични полициски службеници со валиден налог за негово приведување... а таму каде што ќе го однесат веќе да е Зврлевски и Милка Ангеловска-Васевска, седнати на клупата во судската чекалница!

За таква „одмазда“ на правната држава сонуваме! Е, дури потоа нашиот пат до „живот за сите“, а и до НАТО и ЕУ ќе биде навистина прооден.

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат