Невладините побараа новата власт да истражи дали биле под контрола или прогон

29.05.2017 16:48
Невладините побараа новата власт да истражи дали биле под контрола или прогон

Дваесетина граѓански организации, кои последниве пет месеци беа под инспекции и контроли од институциите, побараа во најскоро време да престане, како што го нарекоа: „неправедниот политички прогон“ врз нив, а новата власт да провери дали контролата била вообичаена, или пак, како што тие се сомневаат, институциите биле злоупотребени.

„Начинот на кој се вршат овие контроли наведува дека тоа не се редовни, стандардни и професионални проверки, туку станува збор за користење и злоупотреба на институциите за политички притисок. Пример за ова е што во налозите за контролите кои ги имаме добиено, нема објаснување што и зошто се контролира, кога ги даваме документите и информациите не ни е кажано во кое својство го правиме тоа, налозите се издаваат во исти денови за различни организации“, рече на пресконференцијата Дона Костуранова од МОФ.

Зекир Абдулов од КХАМ –Делчево опиша дека од Управата за јавни приходи добивале казни за хуманитарните акции кои ги спроведувале изминатиот период.

„Со овие неправилни постапки институциите ризикуваат да се изгуби она што организациите им го даваат на граѓаните – хуманитарните донации, правната помош, бесплатните обуки за работа, но се ризикува и Македонија да ја изгуби меѓународната финансиска помош со која се помагаат институциите, а пред сè граѓаните.“

Филип Стојановски од Фондацијата „Метаморфозис“ во името на организациите, од новата власт побара да ја провери основаноста на контролите и да се истражи злоупотребата на службената должност за политички притисок и дискриминација, додека казните и записниците од овој случај да бидат уништени.

Организациите побараа поништување и на новата одлука на Владата, за доделување 800 илјади евра за одредени граѓански организации.

„Се работи за техничка Влада во заминување, која нема ни морално право ни мандат да носи вакви одлуки. Намерата е очигледна – затоа што повикот беше отворен среде политички прогон врз невладините организации –а истата Влада сака да додели фонд, повисок од кој било што досега го одвојувала за НВО. За какви ќе видиме“, рече Стојановски.

И покрај притисоците под кои работеле целиот претходен период, граѓанските организации истакнаа дека и за време на контролите, но и во иднина ќе продолжат да работат во интересот на граѓаните и ќе останат контролор на власта и институциите.

Извор: Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото