Оф фест 2017 - убаво дозиран спој на емотивното и мистичното

30.05.2017 03:30
Оф фест 2017 - убаво дозиран спој на емотивното и мистичното

Годинешното 16-то издание на фестивалот на светска музика Оф фест, ни понуди убаво дозиран спој на емотивна, мистична и енергична традиционална музика од различни страни на светот.

За време на четирите фестивалски денови, од 25 до 28 мај, Скопје повторно беше домаќин на доста квалитетни музички имиња, кои со себе ја доведоа енергијата од неколку континенти, која еруптираше во концертните сали на Младинскиот културен центар, Македонскиот народен театар и клубот Станица 26.

Оваа година дијапазонот на музички стилови беше доста широк и можеше да се најде за секого по нешто – и за љубителите на балканскиот музички фолклор, како и за оние кои сакаат малку подалечни и поекспериментални жанрови. Музичката траекторија на Оф фест тргна од Балканот, мина низ Италија и Португалија, Данска и Естонија, па сè до далечните Кореjа, Гана и Мавританија.

Првите две фестивалски вечери беа резервирани за букет од топли музички емоции од Балканот, Италија и Португалија.

Фестивалот го отвори кралот на севдахот, Дамир Имамовиќ од Босна, кој со својата тамбура и глас со неверојатен распон на октави ги отпеа најубавите севдалинки, не оставајќи никого од публиката рамнодушен. Како што и самиот истакна, тој е сосем посветен не само на интерпретирањето, туку и на проучувањето и документирањетo на севдахот со длабок и научен пристап. По него следуваа Љубојна, кои со енергичен настап и во проширен состав со гостински музичари помеѓу кои и Васил Хаџиманов, отсвиреа репертоар -комбинација од нивните добро познати песни и ексклузивни нови материјали.

Вториот фестивалски ден го донесе супстратот на италијанската и португалската музика. Легендарната „Бела чао“ ечеше во изведба на истоиментиот музички состав од Италија, кој својот настап го започна и го заврши токму со оваа песна во ритамот на ракоплескањето од публиката.

По нив следеше харизматичната Жизела Жоао од Португалија, која со својата позитивна енергија и неверојатнo моќен вокал како искален за пеење Фадo, ја распосла душата на Португалија пред македонската публика. Разбивајќи го митот дека фадото е претежно меланхолична музика, Жизела отпеа и неколку хумористични песни, преведувајќи го нивниот текст на англиски за да ѝ го долови на публиката.

Третиот фестивалски ден беше со интензивен распоред и дури три концертни настапи – два во денсинг салата на Младинскиот културен центар и еден пост-полноќен Диџеј сет на данското дуо „Ден сорте сколе“ во клубот Станица 26.

Виолинистката од Естонија, Маарја Нут, беше вистинско музичко откритие. Таа е талентирана млада композиторка, која естонските древни музички традиции и фолклорни приказни ги преработува во свој аранжман, давајќи им скоро неовоземна димензија. Маарја создаде сосема хипнотичка атмосфера со својот вокал и звуците на виолината, слоевито надградени едни врз други и проследени со електронските ефекти на Хендрик Калјујарв кој настапи заедно со неа. Тематиките на естонските бајки кои Маарја ги раскажуваше помеѓу песните, беа исто толку надреални и мрачни како и самата нејзина музика.

По нејзиниот концерт, сцената ја зазедоа „Блек стрингс“ од Кореја, кои инстантно нè маѓепсаа со скоро џезерските импровизации на своите бамбусови флејти, традиционалниот инструмент геомунго и перкусиите.

Претпоследната фестивалска вечер ја заокружија данците „Ден сорте сколе“ кои со својот диџеј настап во Станица 26 му дадоа нова димензија на фестивалот. Конгломератот од етно-жанрови вешто измешан со моќни бас линии ја држеше публиката во Станица 26 на нозе до раните утрински часови.

Последниот ден, пак, беше резервиран зa музичарите од Мавританија и се разбира, круната на секое издание на Оф фест, Африка. Со енергични настапи кои ја раздрмаа публиката, Нура Минт Сејмали од Мавританија и Кинг Ајисоба од Гана го затворија 16-то издание на фестивалот.

На последниот фестивалски ден се прикажа и документарниот филм „Секоја песна има свој крај“ во режија на Пол Чендлер, кој повеќе од една декада ги документирал звучните богатства на традиционалната музика од Мали.

Нура Минт Сејмали, носителка на атрибутот најдобар женски артист од Северна Африка, ни го донесе звукот на изворниот психоделичен сахарски блуз кој ја размрда денсинг салата во МКЦ и ја подготви публиката за ерупцијата од енергични ритми која следуваше со настапот на Кинг Ајисоба од Гана.

Кинг Ајисоба настапи во комбинација со Зea од пост панк бендот „The ex“, кој пред некоја година имаше свој концерт во МКЦ, па на дел од публиката ѝ беше веќе познат. Суровата и автентична африканска енергија со која настапи Кинг Ајисоба со својот бенд, беше вистински огномет кој го заокружи ова издание на фестивалот.

Во секој случај, како и до сега, Оф фест не потфрли во изборот на исклучително квалитетните музички имиња кои ги доведе, кои котираат високо во своите жанрови на светско ниво. Останува да видиме со што ќе нè изненадат догодина. Јасмин Хамдан можеби?

Фотографии: Татјана Ранташа