Капитализмот е во конфликт со планетата

31.05.2017 00:24
Капитализмот е во конфликт со планетата

 

Интервју со Томислав Томашевиќ од загребскиот Институт за политичка екологија.

Што е политичка екологија? Кои се нејзините извори, каков ѝ е развојниот пат и кои се нејзините политички и теоретски приоритети?

Политичката екологија, впрочем е еден истражувачки пристап, можеби тоа е најпрецизното именување, кој е особено популарен во последниве неколку децении. Меѓутоа, самиот термин е скован уште во триесеттите години од минатиот век, а во седумдесеттите години почна повеќе да се користи во различни академски дисциплини – особено во географијата која како научна дисциплина го анализира односот помеѓу човекот и природата, односно природната средина. Развојот на политичката идеологија бил поврзан и со развојот на културната екологија, која првенствено се потпирала на трудовите во антропологијата и на проучувањето на различните општествени заедници во смисла на нивно прилагодување. Пред сè, тука станува збор за прилагодување на економскиот систем и на парадигмата на таканаречениот развој која е во употреба од Втората светска војна. Политичката екологија повеќе се занимава со глобалниот економски систем и влијанието на еколошките промени и најмногу се потпира на политичката економија.

Она што е важно и по што е специфична политичката екологија можеби најдобро го прикажаа Шинид Бејли и Рејмонд Брајант, наведувајќи три фундаментални принципи на политичката екологија. Првиот е дека секоја еколошка промена нееднакво се дистрибуира во физичкиот простор, но не само во него, туку трошоците и користа од таа еколошка промена се дистрибуираат во општеството кое веќе и онака е нееднакво. Според вториот принцип, со оглед на нееднаквата дистрибуција на трошоците и користа од која било еколошка промена, доаѓа и до промена на општествената нееднаквост кон подобро или полошо – до намалување или зголемување на тие нееднаквости. Најпосле, третиот принцип вели дека со промена на општествената нееднаквост се менуваат и односите на моќта. Тоа е политичкиот дел од екологијата кој анализра како еколошките промени, без разлика дали имаат човечки фактор, влијаат и на општествената нееднаквост и на односите на моќта во општеството.

Летното издание на Зелената академија се состоеше од три модули: заедничките добра, одрастот и климатската правда. Какви се врските помеѓу тие три теми и на кој начин тие ги конституираат современите практики на политичката екологија?

Мислам дека е најдобро да се почне со прашањето на климатските промени. Ние во Институтот за политичка екологија климатските промени ги набљудуваме пред сè како општествен феномен, што е начин на кој им пристапуваме и на другите еколошки теми. Значи, принципите на политичката екологија што ги наведов претходно ги тестираме на климатските промени. Имено, кога зборуваме за климатските промени, можеме да зборуваме и за нивните причини во смисла на различното влијание на земјите од глобалниот Север и земјите од глобалниот Југ. Исто така, може да зборуваме за богатата класа и сиромашната класа во смисла на нивната потрошувачка, или за работничката класа и капиталистичката класа во смисла на корисните и штетните последици кои ги трпат од мошне централистичкиот концептуализиран развој зависен од фосилните горива.

Од перспектива на политичката екологија, особено е видливо дека ефектите од климатските промени мошне нееднакво се дистрибуираат во физичкиот простор. Тоа значи дека земјите од глобалниот Југ ќе бидат најпогодени од тие ефекти, иако најмалку придонеле за самиот проблем. Па, повторно, кога ги гледаме тие земји, некои нивни предели ќе бидат повеќе погодени од различни екстремни временски непогоди. И покрај тоа, можно е да се анализира дури и каде во кој град ќе дојде до поплави и одрони на земјиште и кои класи се населени на тие географски простори. Бидејќи доаѓа до нееднаква дистрибуција на некоја еколошка промена во просторот, доаѓа и до нееднаква дистрибуција на последиците од еколошките промени во самото општество. На пример, во нашите региони тоа можевме да го видиме за време на поплавите во Хрватска, БиХ и Србија, кога најмногу погодени беа најранливите слоеви од општеството зашто географски се наоѓаа во подрачјата кои се најранливи од влијанието на климатските промени.

Покрај тоа, тие имаа најмалку финансиски ресурси за да се соочат со тоа, во смисла на обезбедување на куќите од поплави и други непогоди, па и најмал пристап до политичките ресурси за да добијат помош и да се справат со таквите непогоди. Доколку продолжат климатските промени, секако дека ќе доаѓа до сè поголемо раслојување и до зголемување на општествената нееднаквост, па токму оние кои се најмногу погодени ќе имаат уште помала политичка моќ да се соочат со таквите последици. Земајќи го предвид тоа, рамката на климатската правда се обидува да наметне класна перспектива на анализирањето на еколошкиот проблем на климатските промени кога се зборува за причините, но и кога се зборува за последиците.

Кога почнуваме да зборуваме за системските причини на климатските промени, како дефинитивно најголеми еколошки закани за модерното општество, секако доаѓаме до прашањето за таканаречениот одраст (анг. degrowth), како фундаментална системска критика на капитализмот. Одрастот го критикува како систем на производство, потрошувачка и сопственост кој мора да расте за да опстане. Знаеме дека без економски раст во капитализмот се појавуваат различни општествени нестабилности. Се разбира, знаеме и дека тој постојано запаѓа во различни економски кризи и дека со тие кризи се соочува на различни начини. Во тоа се состои важната капиталистичка тенденција за постојан раст, без разлика дали станува збор за експанзија во физички простор (за што критички пишуваа географите како Дејвид Харви* и Нил Смит) или за комодификацијата на различните сфери од животот. Потребата за постојан раст го доведува капитализмот во конфликт со планетата кој е ограничен во смисла на своите апсорпциски и екстракциски можности и го прави еколошки неодржлив. Значи, одрастот е критика на системот кој е втемелен во растот на ограничена планета. Но, одрастот оди многу поделку од критика на растот и БДП како индикатори за „богатството“ на некое општество, и тоа во насока на алтернативните одговори и различните експериментални практики кои би можеле да нè доведат до некакво еколошки и материјално поодржливо, а воедно и поправедно општество.

Третата димензија се commons или заедничките добра. Ако климатските промени се еден од најголемите еколошки проблеми кои ќе имаат општествени последици, потоа ако одрастот е критика на структурите кои ги предизвикуваат климатските промени, тогаш заедничките добра се сместени во доменот на потенцијалните решенија кои одговараат на прашањата како да се органиизра општеството зашто нè упатуваат на различни модели на колективно управување и самоуправување со различни ресурси. Не станува збор само за природните, туку и за општествените ресурси со кои заборавивме да управуваме колективно во денешниот атомизиран свет. Во заговорот на заедничките добра може да се каже дека преку колективното управување со ресурсите се намалува еколошкиот отпечаток, се зголемува социјалниот капитал во смисла на довербата меѓу луѓето и доаѓа до порамноправна распределба на моќта во колективите. Значи, постојат различни бенефити за изградба на нешто што би можеле да го наречеме прогресивно општество.

Во поглавјето за капитализмот на Поимникот на одрастот, Диего Андреучи и Теренс Мекдоноу пишуваат дека повеќето одрастници (degrowthers) ќе се сложат околу фундаменталната инкомпатибилност на капитализмот и одрастот зашто капиталистичката идеја за безграничен раст и вечна акумулација е неспоива со какво било поимање на еколошката одржливост, но дека и покрај тоа избегнуваат експлицитно да се идентификуваат како антикапиталисти. Исто така, постои и спор дали денешниот период во развојот на планетата треба да го нарекуваме антропоцен или капиталоцен (како што сугерира Џејсон В. Мур), а во кој исто така се согледува моментот на „неодлучноста“ за кој зборуваме. Но, од друга страна, уште во следното поглавје на Поимникот остро се критикува комодификацијата, која воедно се препознава како фундаментално капиталистички процес. Со оглед на наведеното, се поставуваат две прашања. Прво, како политичката екологија го критикува капитализмот? И, второ, како политичко еколошката критика на капитализмот може да го збогати и веќе го збогатува корпусот на левите критики на капитализмот?

Прво, Поимникот е зборник на трудови од различни автори, така што разбирливо е да постојат дискрепанци и да нема некаква униформна парадигма. Одрастот е парадигма која обединува различни струи меѓу кои постои некаква врска, но постојат и значителни разлики. Би рекол дека кај поголемиот дел од оние кои се самоидентификуваат со движењето на одрастот критиката на капитализмот е фундаментална позиција, при што наследуваат мошне долга традиција на таканаречените екосоцијалистички автори како Џејмс Оконор и други. Тоа се автори кои зборуваат за „втората контрадикција на капитализмот“ која се однесува на тоа дека покрај „општествените контрадикции“ на капитализмот – дека капитализмот впрочем си ја сече општествената гранка на која седи и на тој начин е неодржлив – постои и еколошка контрадикција на капитализмот каде тој ја сече еколошката гранка на која се наоѓа економската база на општеството.

Од таа перспектива, ако зборуваме за еколошката критика на капитализмот како фундаментална, таа сигурно го збогатува веќе постоечкиот корпус на левите идеи и критики на капитализмот зашто на економските и општествените аргументи им додава еколошки аргумент. Тоа не значи дека кај сите припадници на движењето на одрастот се работи за критика на капитализмот. Кај некои можеби се задржува на критика на неолиберализмот. Од друга страна, и натаму постојат многу неразрешени прашања во рамки на стандардната лева критика на капитализмот – на пример, за односот на општеството и природата, човекот и природата, за доминацијата, модернизмот, напредокот или за статусот на другите видови. Значи, традиционалната критика на капитализмот не ја прифаќа нужно зелената критика на капитализмот – тој однос и натаму е поле на тензии. Меѓутоа, ми се чини дека постојат и бројни совпаѓања во критиките кои водат кон поврзување на левите и зелените борби во политичка смисла.

Кога станува збор за антропоценот и капиталоценот, мислам дека тука се согледува разликата помеѓу политичката екологија и социјалната екологија. Социјалната екологија исто така ги набљудува еколошките прашања како општествени феномени, но често останува на ниво на дескрипција. Од друга страна, политичката екологија ги политизира еколошките прашања и преку перспектива на конфликтите, особено општествените конфликти. Ако зборуваме за антропоценот, тогаш може да кажеме дека се работи за некаков вид деполитизација, зашто еколошките промени му се припишуваат на човекот како вид, не земајќи ги предвид конфликтите – без разлика дали се општествени, меѓугенерациски и внатрегенерациски или класни. Исто така, прогласувањето на антропоценот е нечувствително и на бројните различни оски на доминација и експлоатација. Се разбира, нема сомнеж дека појавата на човекот како вид предизвикала различни еколошки промени.

Меѓутоа, промените кои се случуваат во последните три векови – и се без преседан во однос на околу 200 000 години од појавата на анатомски модерниот човечки вид – не можеме да ги објасниме само со дејствувањето на човекот како геолошка сила. На тој начин од вид се губи она што е најважно, а тоа е дистрибуцијата на користа и трошоците на тие еколошки промени во општеството. Мислам дека политичката екологија е прогресивна токму заради инсистирањето на тој елемент. Затоа, за разлика од дескриптивната социјална екологија, таа дефинитивно е нормативна. Тоа значи дека таа ќе утврди дека постојат начини на организирање на општеството кои се поодржливи, кои се помалку експлоатативни и подразбираат помала доминација. Понатаму, прогресивна ја прави тоа што смета дека еколошките проблеми не се во доменот на индивидуите и промените на нивните животни стилови, туку дека станува збор за структурни проблеми на кои мораме да одговориме со структурни промени. Најпосле, таа е универзалистичка, а не партикуларна. Значи, од перспектива на политичката екологија нема да се ограничуваме само на заедницата и екосистемот на кој му припаѓаме – таа се обидува да го набљудува глобалниот систем во кој се наоѓа не само целото човечко општество, туку и нечовечките живи видови. Во таа смисла, таа ја апострофира солидарноста, како меѓу општествените актери на различни локации – на пример работничката класа во Хрватска и работничката класа во Пакистан, зашто тие класи ќе ги трпат последиците од климатските промени – така и меѓу луѓето и другите видови.

Би рекол дека резултат на политизираната перспектива е тоа што сè повеќе доаѓа до поврзување на „зеленото“ и „црвеното“, иако меѓу нив исто така постојат историски конфликти и тензии. Дури и кога доаѓа до отворена зелена еколошка критика на капитализмот, таквата критика заради овие тензии не сака секогаш да се категоризира во таборот на социјализмот, особено не социјализмот од 20 век. Причината за тоа најпрвин лежи во продуктивистичката парадигма на реалните социјализми, иако во последно време можеме да зборуваме за сè подобра и поуспешна размена на идеи и критики. Така, на пример, денес имаме и накаква заедничка критика на постоечкиот систем, а несомнено и добра критика на неолиберализмот во поглед на приватизацијата на природните ресурси и користењето на пазарните механизми за решавање на еколошките проблеми, како што е обидот за решавање на климатските промени со механизмот за воспоставување пазари за емисија на гасови од стаклената градина во рамки на ЕУ. Значи, би рекол дека критиката на неолиберализмот е место на кое моментално доаѓа до најголема размена и соработка помеѓу зелените и црвените актери.

Во Калибан и вештерка, но и во други свои текстови, Силвија Федеричи истакнува дека угнетувањето на жените, кое се одвива преку комодификација на заедничките добра, е инаугурален момент за воспоставување на капиталистичките односи во производството. Бидејќи комунализацијата на репродукцијата е важен момент на политичката екологија од Адре Горц до денес – како политичката екологија може да придонесе за еманципација на жените и да воспостави полова рамноправност? Колку феминистичките прашања воопшто се присутни во практиките на политичката екологија?

Би рекол дека овој дел од политичката екологија кој е поврзан со движењето на одрастот има многу заеднички теми со структуралната феминистичка критика на економскиот систем. Најпрвин, тука е критиката на БДП, која од феминистичка перспектива се однесува на непризнавањето на неплатената репродуктивна работа како грижата за децата, постарите и немоќните и личностите со инвалидитет, а од еколошка перспектива на негрижата за природните ресурси, квалитетот на животот во смисла на здрава околина и трансгенерациската праведност во однос на прашањето за обновливите природни ресурси. Значи, многу е лесно да се најде „заеднички непријател“.

Сметам дека втората допирна точка е тоа што ни феминистичката перспектива ни перспективата на политичката екологија не беа добро застапени во традиционалните леви критики. Би рекол дека и феминистичката и зелената критика на капитализмот од периодот на бранот на таканаречената нова левица сè повеќе се интегрирани и во веќе постоечките перспективи кои не произлегоа од работничкото движење. Ако зборуваме за дополнителни линкови, ми се чини дека бришењето на разликите помеѓу јавното и приватното претставува генерален придонес на феминизмот за политичката теорија. Од таа перспектива и семејството станува политичко, особено ако ја посматраме политиката во најбаналната смисла како донесување одлуки за алокација на ресурси и моќ – таа алокација не се случува само во јавната сфера, туку и во семејството, а потоа и во локалните заедници кои се пошироки од семејството. Ова веќе одредено време го нагласува и зеленото движење, во смисла дека и нашата потрошувачка е политичка работа.

Мислам дека третата точка на поврзување се наоѓа во решенијата кои и ги заговараат и зеленото и феминистичкото движење. Станува збор за интеграција на невидливите економски практики, значи таканаречената невидлива работа за заедницата, односно репродуктивната работа во својот политички проект. И феминизмот и политичката екологија можат да ја согледаат таквата работа, која е работно интензивна, но не и капитално интензивна, како клуч за организација на идната одржлива структура на општеството зашто е неизбежна и се карактеризира со релативно мал еколошки белег. Уште една корист од препознавањето на репродуктивната работа, во што дефинитивно се испреплетуваат феминизмот и политичката екологија, е што препознавањето овозможува репродуктивната работа во иднина поправедно полово и класно да се распределува.

Такви примери, да се вратиме на прашањето на Федеричи и заедничките добра, веќе постојат. Во повеќе земји од западна Европа постојат практики на комунални детски градинки, но, на пример во Холандија и Германија, главно станува збор за феномен на средната класа – луѓето кои можат да си го дозволат тоа се организираат и едни на други си ги чуваат децата. Меѓутоа, во последно време во Барселона забележуваме примери на комунално организирање околу чувањето деца кое ги преминува класните граници кога станува збор за партиципација во таквата практика.

Сепак, кај таквите практики треба да се внимава на кој начин ги заменуваат услугите на социјалната држава, да не упаднеме во замката на неолибералната парадигма на уништувањето на „патронизирачката социјална држава“. Иако, социјалната држава навистина е патронизирачка, неправедна и во многу аспекти дисфункционална, нејзината целосна демонтажа значи деволуција во таканареченото „big society“, каде нема други опции за организирање на социјалните услуги освен самоорганизирањето и искористувањето на сопствените ресурси. Значи, би требало да бидеме многу внимателни околу практиката за напуштање на социјалната држава – се водат широки расправи за тоа дали одредени мерки кои претставуваат алтернатива на институциите на социјалната држава се прогресивни или регресивни, земајќи ја како критериум левата агенда.

Споменавте други видови жртви. Како се однесува политичката екологија кон прашањата за вегетаријанството и веганството, односно искористувањето на животните за исхраната на човекот?

Политичката екологија нуди рамка за истражување на еколошките феномени од која можеме да поставуваме прашања на кој начин токму прашањето на месната индустрија е поврзано со климатските промени, потоа каква е дистрибуцијата на трошоците и користа од месната индустрија во општеството и како тоа ги менува односите на моќта. Ако зборуваме за прашањето за користење на животните за исхрана од некоја зелено-лева перспектива како политичка, постојат различни еколошки парадигми. Постои парадигмата за длабочинска екологија која е мошне радикална во смисла на рамноправноста меѓу видовите и става знак за еднаквост помеѓу човекот и сите други видови, како и Гаја, за која целата Земја е еден жив организам кој има сопствени права. Значи, постојат различни наративи и дискурси. Меѓутоа, онаму каде што можеби сум прагматичен за таквите нешта е што не можам баш да го прифатам концептот за потполна еднаквост помеѓу човекот и другите видови, а повторно не можам да го прифатам ни концептот за потполна инструменталност на другите видови за човечките потреби.

Меѓу тие два екстреми се обидов во еден текст да се позиционирам со воведување на поимот солидарност со другите видови. Тоа би значело дека човекот мора да ги поима потребите и правата на другите видови и врз основа на тоа мора да постои некаква солидарност, што не значи дека постои потполна еднаквост.

Би рекол дека постои и проблемот на лицемерие во некои движења кои зборуваат за еднаквост на сите видови зашто и бактериите се живи организми – дали тоа значи дека нема да ги убиваме бактериите кои можат да претставуваат смртна опасност за човекот, како и вирусите, кои се наоѓаат на границата на живото и неживото и така натаму? Постојат низа етички прашања, но кога зборуваме за месната индустрија и прашањата кои се адресираат на климатските промени, ми се чини дека треба да бидеме прагматични. Мислам дека нивото кое се сведува на етикетирање и морализирање во формата „или потполно престанете да јадете месо или сте фашисти и специсти“ како тактика засега не вроди со плод. Би рекол дека за почеток е потребно освестување на луѓето од перспектива на правата на животните, а особено од перспектива на климатските промени и социјалните нееднаквости што ги причинуваат. Верувам дека е можно со таков пристап да се влијае луѓето да јадат помалку месо. Имено, би се постигнале многу големи ефекти дури и луѓето еднаш неделно да не јадат месо, а потоа можеби следниот чекор ќе биде да не јадат месо два дена. Па, три дена, па четири, па пет... Потоа, можеби ќе станат вегетаријанци, а потоа и вегани. Ако сакаме да бидеме прагматични, тоа е нешто кое ми се чини како добра стратегија.

*Дејвид Харви на Окно („Создавање урбано општо добро“, „Право на град“)

Извор: http://slobodnifilozofski.com

Слични содржини

Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Свет / Екологија
Свет / Екологија
Свет / Екологија

ОкоБоли главаВицФото