Рез

31.05.2017 09:56
Рез

Рез

Дрвена ламба
закачена на мала маса
во мракот во кино-салата
не знаеш каде со прстите
јас со погледот
Кадрите со блузерите од Чикаго
за кои зборуваш
ти го осветлуваат грбот
ти ја греат кошулата
моите лакти
усната хармоника
од платното и
твојот глас
од кантрито на педесеттите
Неколку зборови
пред да излезам на дождот
прв пат разговараме.

 

Улога

Оној што личи на одртавен Том Вејтс
ги истресе трепките
и на излезот од филмот
на познаникот му понуди цигара
Со тенките прсти
крвнички ги стисна очните капаци
од светлото
и нитните од црната кошула
блеснаа преку моето рамо
до лактите излитени
од штофот на седиштето во киното

Тој што личи на одртавен Том Вејтс
и јас
заедно пушиме до станицата
тој подгрбавен од ветерот
многу понапред
преправајќи се дека
преку моите шишки
и неговите сè уште винил-бакенбарди
не разговаравме
со зацрвенети уши
тропкајќи со дланките по фармерките
во неосветлената џез сала

Трчајќи низ улицата
исушеното солено
го бришам под образите
во ретровизорите
по ред
престарениот Том Вејтс
со шпицeста јака
ги преградува
моите распарчени колена
и своите години
на половина.

Превод од српски: Николина Андова Шопова
Тетоважа на сликата: Пабло Пуентес

Милена Илиќ (Белград, 1978), пишува песни и кратки раскази, слуша музика, оди и свирка. Работи како наставничка во основно училиште.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото