„О“ како оргазам или Прослава на животот

31.05.2017 12:42
„О“ како оргазам или Прослава на животот

 

На 25 мај 2017 г. во галеријата „Ко-Ра“ во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје се отвори изложбата „О“ на Јана Јакимовска. На изложбата се претставени 15 дигитални принтови. За изложбата пишува Емил Алексиев.


Делата на Јана Јакимовска, без сомнение - колку и да се впечатливи, жестоки и моќни - ќе предизвикаат само громогласен молк во нашава каллива културна бара каде на површината плови цивилизацискиот отпад и одвреме-навреме избиваат смрдливите гасови од подуениот стомак на заспаното национално тело кое не може да се разбуди од вековниот сон. Без сомнение овие дела ќе предизвикаат и внимание кај оние малкумина кои се борат против провинциската зачмаеност, доброволната заостанатост (во секој поглед) и со ништо ненарушеното спокојство на нашава тажна бара. Но, сето ова се мали бранувања на површината што го одредуваат местото, но не го одредуваат значењето на делата на Јана Јакимовска.


Зад заводливата понуда да се ѕирне во спалната соба на уметникот во миг кога се случува „мистеријата на организмот“; зад фасцинацијата од разголувањето пред погледот на другиот; зад емфатичните слики од спектакуларниот емоционален калеидоскоп; зад забранетото задоволство што го предизвикува набљудувањето на туѓата интима; зад луцидните коментари на авторот, автоиронијата и хуморот; зад сите афекти и афектации, како катран што избива од заднината на огледалото (неговата заднина е вжарен амалгам на нашите желби), во делата на Јакимовска избиваат над манифестната површина многу подлабоки вистини.


Современото општество е општество на телесноста и на телото. Човековото тело е „машина што произведува желби“ (Deleuze) и човекот денес е објект сведен на самата желба - тело-машина што произведува по налог (упатство) на отпечатениот општествен код (скриен длабоко во неговата потсвест). Целото производство на желби е насочено кон задоволување на телесните страсти. Сеопфатната еротизација на светот (еротизација на човековото тело, но и еротизација на сè и на сешто - од автомобили до јавни градби) завршува во сопствената негација како порнографија.
По оргиите на модерната епоха и ослободувањето на желбите (на сите желби), исчекоривме кон транссексуалното во смисла на транспарентноста на сексот, во свет на знаци и слики што ја поништуваат секоја тајна и секоја двосмисленост. Сексот и смртта се сведени на банални хемиски процеси на размена на телесни течности и распаѓање на клетките во човековиот организам. Нема веќе тајни за нас.


Нашиот свет е порнографиран свет. Ако, вели Бодријар (Baudrillard), во порнографијата се изгубила илузијата на желбата, во современата уметност се изгубила желбата за илузија. Порнографијата веќе ништо не ѝ остава на желбата. Во еден ваков порнографиран свет делата на Јана Јакимовска се субверзивни зошто ја афирмираат одново желбата (физичка: 200.000.000 women have difficulty reaching orgasm..; метафизичка: If every orgasm is a tiny death, then maybe it brings as closer to the big death…; естетичка: My orgasm is like a non fuckable buddy: uglyon the outside but so beautiful on the inside; етичка: You are nobody. You don’t deserve pleasure; политичка: The fall of the regime feels like an orgasm, итн.).


Драматичната појава на Ерос во Светот е субверзивна појава. Фројд (Freud) го разоткрива самоуништувачкиот карактер на цивилизацијата. Културата наложува непрекината сублимација; со тоа таа го ослабува Ерос, кој, пак е градител на истата таа култура. Успешната контрола на сексуалноста (побарување на секоја култура), репресијата и десексуализацијата на општеството преку слабеење на Ерос (нагон за живот) овозможува јакнење на Танатос (нагон за смрт) и создава простор за негово уништувачко дејствување. Така цивилизацијата паѓа под владение на Танатос и нагонот на смртта го совладува нагонот за живот. Заснована врз откажување и развивана преку прогресивното откажување, цивилизацијата тежнее кон самоуништување.


Неконтролираниот Ерос е исто така опасен како и Танатос, нагонот за смрт. Неговата разурнувачка сила произлегува од тоа што тежнее кон задоволувања кои општеството не може да ги дозволи. Нагоните оттаму мораат да бидат пренасочени, да бидат спречени во својата намера наполно да се остварат. Цивилизацијата почнува таму каде нагоните се повлекуваат. Фројд ја опишува таа промена како преобразба на начелото на задоволство (pleasure principle) во начело на стварноста (reality principle). Начелото на задоволството и начелото на стварното се спротивставени. Репресивната организација на нагонот е во основа на сите историски форми на начелото на стварноста.
Оттаму уметноста денес е деструктивна, порнографска, банална, ослободена од смисла, карнална, кадаверска... Таа е мртовечки танц, Danse Macabre, над светот во агонија. Таа го слави светот на смртта и секоја појава на Убавината, Добрината и Вистината во овој свет ја смета за непријателски напад. Оттаму, делата на Јана Јакимовска се политички дела.


Наспроти смртта на Ерос, наспроти самата смрт, делата на Јакимовска се крик во темнината и студенилото на овој свет. Крик кој го повикува Ерос. Крик на задоволство и прослава на животот наспроти смртта (наспроти смртта како смрт).
Оргазмот (la petite mort; мала смрт) е разбран како миг кога се надминува телесното, кога невидливото станува видливо и душата патува во просторот на надсетилното ослободена од телото. Тоа е миг кога грдото станува убаво. Кога убавото се манифестира во материјата предизвикувајќи оргазмичко задоволство на телото.
Станува збор за тоа да се биде она што си, во својата интимност, во светлината, во сјајот на вистината и во чистата визија на надсетилното. Токму ова надминување на телесното, на минливото и распадливо тело, во вечноста на еден миг, му овозможува на убавото да се манифестира во грдото, во одбивното, во гротескното, во општата ентропија на формите или во лицето на една жена која доживува оргазам.


Во делата на Јакимовска се обединуваат две крајности - животот и формата - кои ги одредуваат поривите меѓу кои пулсира уметноста. Овде се обединети желбата за полн и интензивен живот (да се доживее животот во сета негова полнота) со искуството на трансценденцијата која го транцендентира постојаниот тек на животот.
Оргазмот - почеток и крај на телесното - го означува мигот на поништување на телото и на телесното. Привидно парадоксално, колку и да се исполнети со живот, колку и да се прослава на животот, празник на телесноста и оргазмичен климакс на животот, делата на Јана Јакимовска се дела на смртта. Тие во своето спротивставување на смртта ја разоткриваат смртта. Говорот за животот е секогаш говор за смртта. Оттаму овие дела се метафизички (настрана Спиноза и хуморот со кој се заштитува уметникот - овие дела се озбилни како што е озбилен самиот оргазам).


Ова интелигентно дело во својата homemade photo искреност (брутална провала на желбата и сексуалното уживање во светот на транссексуалниот кич спектакл) и со своите луцидни коментари отвора низа значајни прашања за односите единка-општество, приватно-јавно, тело-дух, убаво-грдо, живот-форма, секс-смрт...Навидум сведено на досетка, на провокација или на место за уживање на погледот во туѓата интимност (делото, всушност, го оневозможува граѓанското уживање во идеализираното еротско тело-како-објект на желбата) делото на Јана Јакимовска јавно ги разоткрива жешките игри со телото на политиката, на моќта и на сексот до нивно усвитување и евапорација во еден трансполитички, трансхуман и транссексуален свет. Ова дело е уметнички манифест на отпорот кон културата на смртта.

Слики: Јана Јакимовска

Слични содржини

Уметност / Теорија / Историја
Уметност / Историја
Активизам / Фотографија / Уметност

ОкоБоли главаВицФото