Крај на режимот на Груевски: Македонија има нова влада!

01.06.2017 01:19
Крај на режимот на Груевски: Македонија има нова влада!

Собранието на Република Македонија вечерва со 62 гласа за, 44 против и пет воздржани ја избра новата Влада. Владиниот кабинет на премиерот Зоран Заев ќе има 25 министри.

Пред гласањето Заев истакна дека тој и неговата влада ќе работат на сплотување, а одговораше и на прашања и забелешки од дводневниот претрес за избор на влада.

Радмила Шекеринска-Јанковска е избрана за министерка за одбрана, Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски за министер за финансии, Никола Димитров за министер за надворешни работи, Рената Тренеска Десковска за министерка за образование и наука, Горан Сугаревски за министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски за министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Мила Царовска за министерка за труд и социјална политика, Дамјан Манчевски за министер за информатичко општество и администрација, Садула Дураку за министер за животна средина и просторно планирање, Крешник Бектеши за министер за економија, Билен Саљији за министер за правда, за министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, за министер за здравство Арбен Таравари и Роберт Алаѓозовски за министер за култура.

Кочо Анѓушев е избран за министер без ресор, кој како што е најавено ќе биде вицепремиер за економски прашања. Бујар Османи исто така е избран за министер без ресор, но ќе биде вицепремиер за евроинтеграции, како и Хазби Лика, кој според најавите ќе биде вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците.

За министри без ресор се избрани и Едмонд Адеми, Роберт Поповски, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зоран Шапуриќ и Зорица Апостоловска.

Гласањето за избор на владата се изврши по предлогот за состав на владата во целина со јавно гласање, по завршувањето на претресот што траеше два дена.

Мандатарот Зоран Заев во своето финално обраќање пред пратениците на Македонија им одговори на сите пратеници што дебатираа во законодавниот дом во претходните два дена.

„Благодарам за исцрпната дискусија и позитивната атмосфера. Ќе се обидам да дадам на сите по една реченица одговор. Илија Димовски вели како ќе го весламе бродот Македонија, ние нема да го весламе, ќе му ставиме мотор и ќе оди побрзо. Проблемот со Грција е реално за загрижување, ќе соработуваме со опозицијата и ќе има референдум да одговорат граѓаните.

Јас сум Македонец и ме боли исто како вас македонштината. Зеќирија Ибраими, дали знаеме што е реформа, што рециклирање... ветив дека ќе испратам барање до СЈО дали за некој има истрага, од таму известија дека за сите 25 кандидати за министри, вклучително и мене, не се под истрага.

Стефан Богоев вети поддршка и критика. Ако видите дека нешто не е во функција на граѓаните, вратете го законот. Антонијо Милошоски зборуваше со многу лош вокабулар, лекции ќе добијат сите, законот важи за сите, но секој за кој има докази ќе си одговара. Се гордеам со тоа што гласале Албанци за мене, се надевам и за пратеници Албанци ќе гласаат Македонци.

Парите има да се вратат, законите кои и денеска важат, важат во тој правец. Афтим Гаши вели сум бил ист како Груевски, ама ќе докажам дека не сум ист како Груевски.

Влатко Ѓорчев вели не гледам тим кој ќе донесе инвестиции во Македонија, па ќе нема пари во касата. Ветувам многу инвестиции, домашни и странски. Петре Шилегов вели нема да има одмазда и реваншизам, но ќе има казни. Парламентарното мнозинство ќе биде силен коректив на власта.

Ова е мојот кабинет, за мене сите министри се еднакви и ја имаат целата поддршка. Ако некој се дрзне да интервенира, да влијае врз обвинител или да влијае врз судија, подобро сам да си даде оставка или јас ќе дадам предлог за разрешување. Новата Влада има два помалку министри од претходната Влада. Беше иронично зборувано од Стевананџија како ќе ги вратиме младите, ќе ни треба помош од вас. Сите имаме свои надвор од државата и гориме да ги вратиме младите. Убеден сум дека Македонија и тоа како може подобро во економски план.

Во однос на сите навреди кон мене, времето ќе покаже. Драган Данев вели мнозинството се довело во позиција да биде опозиција, над 700 илјади граѓани еднакви по устав и закон гласаа против ВМРО-ДПМНЕ, тоа е мнозинство. Бандитизмот во претходната власт помогна да направиме Влада. Дадов писмени гаранции затоа што никој не бараше нешто спротивно од Уставот. Сè што ќе работиме ќе биде во функција на унитарноста и согласно Уставот.

Изборната програма е хартија, стоиме зад неа, дај боже 100% од неа да успееме да реализираме. Програмата е составена од програмите на сите политички партии од мнозинството, но и од сите убави работи од другите програми.

Започнува време каде сплотеноста ќе биде императив. Ќе го поздравиме и ќе го продолжиме тоа што е добро. Држете ме за збор, ќе одржиме лекција која ќе остане позитивен пример за сите граѓани во Македонија. СЈО треба да си ја заврши работата, секој за кој има докази треба да одговара. Никола Поповски вети дека ќе бидат добра и конструктивна опозиција, согласно зборовите ќе бидете добар лидер на опозицијата.

Сериозни лузни останаа во општеството, имаше албанофобија. Имам лузни на лицето, ќе поминат, треба време за да поминат лузните во општеството. Сигурен сум дека на сите им е тешко за 27 април, се надевам нема да се повтори“, рече новиот премиер на Република Македонија.

Извор: Плусинфо
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото