Крајот на неговата слобода

01.06.2017 00:57
Крајот на неговата слобода

Влатко Ѓорчев, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ кој во крвавиот четврток се обиде да ги спречи насилниците во нивните убиствени намери (за разлика од седумтемина негови колеги што им помагаа) кон пратениците од парламентарното мнозинство, вчера му се обрати на парламентарниот спикер со овие зборови: „Господине Џафери, јас имам право на слобода на говор, слободата на говор е темелно право на Уставот на Република Македонија, тоа е слобода за која се воделе битки 1.000 години, мојата слобода не доаѓа од вашата добра волја, таа доаѓа од 1903, мојата слобода доаѓа од епопејата од 1941 до 1945 година, мојата слобода доаѓа од Уставот изгласан во ова Собрание во 1991 година“.

Замислете сега овие исти зборови да му кажеше на неговиот партиски шеф Никола Груевски. Не сега, додека полн со злоба, омраза и очај седи во собраниската клупа, гледа и не му се верува што му се случува. Туку пред седум-осум години (Влатко наместо во градинка, прво тргна во парламент) во оние пресвртни моменти кога стана очигледно дека лидерот, односно премиерот станува диктатор каков што оваа земја не видела илјада години.

Ако Ѓорчев и другите во партијата кажеа дека нивната слобода не зависи од добрата волја на Груевски, ако покажеа барем малку самостојност и достоинство, ако не се однесуваа како стадо послушници и се избореа за сопствен став, тогаш можеби ќе спасеа нешто од вредностите – и општествени и човечки – кои нивниот пастир во безмилосен поход тргна да ги гази и уништува. А можеби ќе го спасеа и него од оваа драма: додека сите други го слават крајот на тортурата и почетокот на слободата, тој и тие околу него се ежат од сознанието дека ова е почеток на крајот на нивната слобода. Можеби.

Извор: Плусинфо
Слика: Александар Ковачевски