Кон книгата „Со слободна рака“ на Јовица Ивановски

01.06.2017 04:47
Кон книгата „Со слободна рака“ на Јовица Ивановски

Токму кога мислиме дека сме западнале во монотонија, дека сме скокнале во средовечност со двете нозе одеднаш, трупeчки; дека далечинското ни е најблиско, децата се сѐ поголеми, а желбите сѐ помалубројни, кога почнуваме да влегуваме и во болнички, не само во своите дневни соби,.. кога „сакам(е) да не сакам(е) да се вратиме дома“, а нозете сами ни одат таму,.. се појавува поетска збирка токму за запаѓањето во монотонија, за скокањето во средовечност трупечки, за блискост со далечинското, за сѐ поголемите деца и за сѐ помалубројните желби, за болничката наспроти дневната соба, за количките и носилките, скраја да е, наспроти фотелјите и троседите,.. поетска збирка во која има стих „сакам да не сакам да се вратам дома“, се вика „Со слободна рака“, издание е на Табернакул и е најновата, тринаесетта поетска збирка на Јовица Ивановски која, како секогаш, нѐ собира сите на едно место.

Бидејќи никој не сака да биде предвидлив, ни поетот, ни читателот, ни промоторот, ни пријателот,.. мојата и средовечноста на Јовица накратко ќе ги потпикнеме под тепих и сред таква биолошки подзачистена книжевност, да видиме кој што и како пишува, и кој колку навистина е (не)предвидлив.

„Со слободна рака“ има една заглавна песна и уште 73 други распоредени во 6 циклуси. Сите заедно ни се познати барем „од извиѓење“, зашто песните на Јовица живеат во Скопје, дури се и стари скопјанки, а фактот што ги промовира една провинцијалка, дојденка во Скопје, кореспондира со општата судбина на овој град.

Двете клучни карактеристики на оваа поезија кои на различни начини ама сепак ги имаат потврдено сите критичари кои пишувале за Јовица – урбаноста и долгоредноста или деметафоризацијата на стихот, присутни се и овде, но ваквата констатација е толку широка дефинициска прегратка што не допира ниту едно рамo на конкретна песна. Во збиркава Јовица се обидува да испише совршен поетски/животен круг со слободна рака и во тој пркос да се направи нешто што е невозможно, лежи целиот шарм на настојувањето. Знаеме дека со слободна рака е неможен совршен круг, утешително е тоа што со слободна рака ем можете да имате барем некаков круг, ем го избегнувате ризикот од бодежот на шестарот. Сево ова е една суштинска метафора кај поет кому метафората главно не му значи ништо, зашто е поданик и приврзаник на метономијата во своето поетско писмо. Ако шестарот е строгиот граѓански стандард за совршен круг, животен и поетски, Јовица пркосно се откажува од него, од шестарот, од алатката, од помагалото, од правилото и протоколот, на крајот од краиштата,.. притоа никако не откажувајќи се и од кругот. Тој знае дека „веќе одамна не очекуваат да го нацрта кругот, / чекаат кругот да го доцрта него“. Ова е трејлерот на новата збирка.

И во оваа книга, Јовица е вистински и опитен поетски доктор. Си препишува најсоодветна песна за секоја болка. Никој подобро не ја објаснува неговата поезија од него самиот. И тоа со песна. Автореференцијалноста или метапоетичноста тој си ги сфаќа како свој творечки императив и затоа треба ем да се подвлечат како трета, суштинска карактеристика на неговото писмо, ем да се посочат како некакви виновници зошто постојат премалку критички текстови за овој поет кого сите подеднакво го читаме, и обичните и верзираните читатели. Сопствените поетски постулати ги ѕида во стиховите, сосем рамноправно со основните поетско метонимиски тули. Немањето метафори не смее да го одделува Јовица од академската критика, зашто херметичната метафоризација е речиси зададен стереотип во нашата книжевна традиција и книжевно-историска практика од кој треба слободно да излеземе, доколку отсуството на метафората ни најмалку не ја оневозможува песната да допре до човечката суштина на постоењето и пеењето. Мора да престанеме да мислиме дека се повредни песните што потешко ги разбираме од оние што нѐ допираат како со дланка.

Сакам да ви ги набројам нештата што ги има во оваа книга: препознатливиот рок и џез на секојдневието во чијшто ритам спомените и стварноста, минатото и сегашноста играат како пар; тросед не како седало туку како топос, како поетика римувана со поетот. (Она што е стихот на Радован Павловски „Дајте ми триножно столче во просторот да седнам“, тоа за Јовица е стихот „Покажете ми тросед, маста ќе му ја извадам“.) Има „болести како раштимано здравје / немоќ што се влечка во влечки“, кафетини (една од најуспешните песни во збиркава е и „Нема живот без кафетин“, заедно со „Среќата“ и „Зборовите можат сѐ“ ), „арома на здравеење и реа на умирање“, скалпели, игли и лузни; црнина, ѕиркање на смртта и совршени денови за погреб... Тука повторно е и градот, тој најблизок другар на Јовица, сосе смогот,.. песната од будење до заспивање и потаму,.. има подзаскриени љубовчиња и пороци, „почетоци на чекор до краеви“.... Но, „Со слободна рака“ не е тмурна, црна книга, туку реална и мудра, помирлива и зрела, толку многу зрела. Во неа соновите на поетот се препарирани и можеби токму оваа синтагма – препарирани соништа од песната „Птичарот“ посветена на Миро Масин, автор на цртежите и дизајнот на корицата, би можела да биде нејзино второ име, лозинка или метафоричен псевдоним.

Ние кои долгичко се занимаваме со вакво речиси непотребно интерпретирање поезија кое се нафаќа како ‘рѓа на убавите и цврсти железни стихови, си имаме свои лични мантри за помнење и скратени патчиња до адресите на туѓи книжевни писма. Патчиња за потврдување, надоврзување, коригирање или пренасочување на веќе стекнатите впечатоци. Јас, на пример, кога поет чиешто творештво го знам ќе објави нова книга, ја одбирам песната за која мислам дека е најдобра (или најтипична за него или за збирката...) и ја споредувам со исто така одбраната песна од претходната или од која било друга книга на истиот поет. Отсечката помеѓу нив е вистинското творечко растојание; а нијансите помеѓу нив нѐ водат до вистинската поетска боја, до вистинскиот поетски глас. Песната „Пред легнување “ од десеттата збирка на Јовица „Киноутро“ кога Таа на која директно ѝ се обраќа лирскиот субјект заспива полугола во дневна, а тој меланхолично, декадентно, бонвивантски, помамно еротски и грижливо зема перница и фротирка и се колеба дали да ја покрие или да ја задави; во новата книга се поврзала во отсечка со песната „На увид“, една епопеична, речиси химнична долгобрачна песна. Колку што е оддалечена емоцијата на лирскиот субјект од песната „Пред легнување“ до песната „На увид“, точно толку е оддалечена и новата книга на Јовица од претходните. Повторно се двајца во песната, повторно кревет, овојпат брачен, не троседот во дневна; двајцата лежат ко заклани, „жртви се, а не мртви“, вели поетот, ги сожалува обајцата, ги нарекува „греотки“ и со емотивно крешендо ја завршува песната „покутри се само кога се будни“. Кога едниот спие, а другиот е буден и размислува што да стори (да покрие или да задави) е една работа; сосем друго е кога двајцата не ни спијат, ама лежат како заклани. Отсечката од долгогодишни љубовници до сродени брачни другари („небаре први братучеди“) е вистинското растојание на Јовица од претходните книги до Јовица во најновата. Растојание од троседот до брачниот кревет во спалната, од страст до роднинска блискост, од улици до удобна фотелја.

Тука некаде можеби треба да се бара молкот на критиката пред ѕвонливата бучава на оваа поезија; тука некаде е моќта за избор на малкуте песни за кои мислите дека се токму за вас од многуте песни на Јовица токму за сите нас кои сме остареле со оваа поезија или за сите вас кои допрва ќе стареете со неа. Критиката сака да интерпретира, таа не сака да сака; сака да коментира, не сака да меморира. Меморирањето е сакање. Нема интерпретација на песна ако таа веќе ви се вовлекла под кожа или ви се забила в срце; нема интерпретација на песна, ако сте ја запомниле без намера и напор да го сторите тоа. Научувањето напамет на уметничкото дело е укинување на интерпретацијата или, можеби, нејзина златна круна.

Во една од песните во новата збирка, во „Поет од внатре“, Јовица вели дека од сите книги што ги има дома, 70% се поетски. Добар и логичен процент за некој кој пишува поезија. Нелогичноста почнува кога од сите книги што ги има некој кој пишува проза, најмалку 51% се поетски...

На крајот, да утврдиме што е, всушност, поезијата? Јовица и тоа го одреди наместо нас, и тоа по објавувањето на збиркава, а пред оваа промоција, во песна од завчера, 27 мај:

Поезијата е импулс под импресија,
инстинкт за преживување
помешан со талент
за умирање.

Немам што да додадам. И за мене поезијата е токму тоа.

 

Шест песни од книгата „Со слободна рака“ можете да прочитате овде.

 

Фотографии: Анита Палческа

ОкоБоли главаВицФото