Пукано во Тодоров, дедото на Тамара сакал да го застрела

01.06.2017 14:07
Пукано во Тодоров, дедото на Тамара сакал да го застрела

МВР потврди дека околу 12 часот е пукано во досегашниот министер за здравство, Никола Тодоров пред зградата на Министерството. Полицијата не кажува дали тој или некој друг е повреден.

Приведено е едно лице. Неофицијално, станува збор за велешанец, дедо на малата Тамара која почина од сколиоза на деветгодишна возраст. Девојчето почина пред две години, откако чекаше да добие одобрение за лекување во странство, што го вети тогашниот министер за здравство Тодоров.

Очевидци раскажуваат дека човек на околу 50 години, се обидел да стрела во Тодоров, меѓутоа, интервенирало неговото приватно обезбедување и тој бил совладан. Човекот му се приближил на Тодоров, му го вперил пиштолот во глава, нешто му рекол, по што обезбедувањето го турнало и биле испукани три истрели. Човекот бил облечен во црно.

Очевидец тврди дека Тодоров не е повреден, меѓутоа, пред влезот во Министерството за здравство Плусинфо забележува присуство на поголем број луѓе и возила на Итна помош, со пуштени сирени.

Во 12:30 часот требаше да биде извршено примопредавање на министерската функција на Тодоров на новиот министер, Арбен Таравари.

Извор: Плусинфо