Ќе ми исковаш меч

01.06.2017 14:53
 Ќе ми исковаш меч

Запрепастувачки експресивни но и актуелни песни напишани пред повеќе од триесет години! Како токму да го опишуваат нашиот политички мрак, меѓусебната закрвеност и (залудната?) потрага по вистината за себе самите.


Ќе ми исковаш меч


Ќе ми исковаш меч,
обичен меч,
што носи обична смрт.

Да нема врежан знак на него,
ништо да нема,
со еден замав да ги раздели нештата
за да не се повторува прободот.

Да има убав фат,
да се вглоби меѓу раката и раната
како обденица меѓу зората и ноќта.

Ќе ми исковаш меч,
не дека не ја чувствувам и неговата залудност
но, кој без него беше си ја измерил својата вечност?

Ноќе, прободен гледам нагоре.
Мртов? Мртви? Прашувам: мртви?
Па зошто тогај би светкале ѕвездите?


Скаменување

Сам си се заборави на каменот,
молчиш и само си — молчиш.
Не им обраќаш внимание на ветрот,
на птиците низ него,
на бубачките околу тебе;
ја изгуби смислата
да го одгатнуваш гласот што те допира;
постапно оладуваш, белееш,
некакви жилички пушта каменот низ тебе,
некои влакнести листенца
те озеленуваат, те покриваат,
и како те одминуваат луѓето
— твоето молчење се пренесува на нив,
на еден, на друг,
па забележуваш во себе
како замолчело наеднаш сè
а само до пред малку —
немаше ниту трага каменот во душата ти.

Крај?
Не!
Ќе се удриме камен од камен
колку да светне искра во мракот,
колку да се види
каков облик на исчезнување си има каменот
и колку долго памети тој.


Дијалог

Едната војска од таа страна
другата војска од оваа страна
боиштето.

— Позајмете ни малку земја колку да ги покриеме паднатите;
моли едната војска.

— Во битката земја не се позајмува зашто коските ќе ни се измешаат;
одговара другата војска.

— Позајмете ни по еден куршум
колку сами да си пресудиме прав и заборав.

— Во битката куршум не се позајмува
зашто правта трагите ќе ги покрие.

— Што да правиме?
Прашува едната војска.

— Што да правиме?
Одговара другата војска.

Едната војска од таа страна
другата војска од Оваа страна
крстот.


Ноќем. Сам покрај реката.

Ноќем. Сам покрај реката.
Ѝ велам: „не врти се, не застанувај,
оди! Земјата тебе те тера,
земјата тебе те прогонува,
ти се одмаздува за нешто...
Земјата убаво си ги распознава
своите живи грутки што шетаат по неа
и на оној кој најповеќе ја сака неа,
како на болно дете таа ќе му принесе
ковчеже полно ѕвезди
и, ќе го оземји.

Ти не врти се, оди!
Пророчка е моќта на морето.
Тоа нека одгатне
што пишуваат ноќе ѕвездите врз тебе,
тоа нека пресуди, наспроти својата вечност,
кој кого навреди повеќе:
земјата тебе, што те прогони
како неоплодена жена да исчезнеш во морето,
или пак ти — неа,
оставајќи ја како чедо мајка си,
и препуштајќи ја само
на шепотот на коските во неа...

Не врти се, оди!
Пророчка е моќта на морето.
Тоа нека каже чија рана никогаш нема да зацели.


Лузна
(На Тома Лоте)

Што призива ова болно, ова усмртено, ова бело парче на кожата,
Ова место кајшто се рааминале сонцето и месечината.
Што сака да каже овој таен крст ?

Што призива овој заумен белег на челото, на коската,
ова изгаснато огниште, овој избледен ракопис на нечија мисла,
Што сака да каже овој скаменет глас?

Што призива оваа завеана трага, оваа пепел,
Оваа прошетка низ камењар, низ суво билје,
Што сака да каже овој јагленосан знак?

Што призива оваа непрепознатлива пештера со подземни сонца,
Овие пеперутки веќе што не распознаваат оветлина,
Што сака да каже мирисот на ова осамено стебло што гние?
Што призива овој ’рѓосан меч,
Ова црно рикање на добиток во летна ноќ,
Што сака да каже оваа лузна на душата?


Вистината

Една е и налик свој нема, прилега своја нема.
Скаменета, окостена трае во времето,
Ниедно повторување не се доближило до неа.

Студена и бела.

Стои така. Неверник, чиниш, мртваја,
заборавена, исчезната: во дамнините ли,
зад нив ли... Туку одеднаш ќе ѝ се покаже трагата —
сенка не е! Над времето е!
Студена и бела — ти вглобен во неа
кричиш ко смрзната птица,
ко мртваја,
ко волчица.


Слики: Zsolt Bodoni

ОкоБоли главаВицФото