И Тамара и Тодоров злоупотребени за груевистички маркетинг

01.06.2017 21:37
И Тамара и Тодоров злоупотребени за груевистички маркетинг

Груевски и ВМРО-ДПМНЕ со својата реакција го злоупотребија денешниот напад врз ексминистерот Тодоров за да направат уште еден подмолен политички маркетинг. За нападот ги обвинија невладините организации и поранешната опозициска јавност, која протестираше поради смртта на малата Тамара (претпоставувам и мајката е виновна, оти и таа протестираше!?).

Нападот навистина е за осуда, но тоа не значи дека Тодоров не е виновен за смртта на малата Тамара. Крутиот, бирократизиран и бесчувствителен систем за распределба на помош за лекување во странство, со кој раководеше Тодоров, го однесе девојчето во смрт, иако можеше да се спаси. Со неколку десетини илјади евра, во систем во кој милиони евра се дадоа за апарати кои скапуваат неотпакувани на клиниките, зашто се купени само во „рекламни“ и коруптивни цели (за некои мечки од планина, потсетете се). Ниту овој напад нема да го измени тој факт.

Затоа Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, и неговите адвокати треба да престанат да ја трујат јавноста дека, демек, критиките кон Тодоров го поттикнале обидот за убиство врз него, затоа не требало да ги има!? Покажуваат дека и натаму одбиваат да се соочат со стварноста, со минатото, и со својата вина. Ако го негираат правото на јавноста да протестира, никогаш не можат да бидат „конструктивна опозиција“, оти очигледно тие не можат да го сфатат значењето на тој поим. Едноставно, со својата аргументација не знаат, не умеат или не сакаат да останат во рамките на коректната демократска дискусија и дебата. Ако тоа не се смени, ниту ВМРО-ДПМНЕ нема да се смени.

Инаку, сета приказна со дедото е многу жалосна. Освен што остана без внучето, сега си го зацрни и својот живот. Одбраната треба да земе предвид дека тој имал сериозни психолошки причини, односно олеснителни околности, делувал во состојба на намалена пресметливост. Од друга страна, тие полициски „алфи“ кои се изживуваа врз него и го тепаа, иако беше онеспособен, не смеат да имаат такви олеснителни околности - тие треба да одговараат за пречекорување на овластувањата и прекумерна употреба на сила.

ВМРО ќе биде нормална партија, кога во еден ваков случај, на пример, ќе најде доблест да ја сфати болката на дедото кој го изгубил девојчето и ќе ги осуди полицајците кои претерале. А во нивните изјави нема ни трага од тоа. Вака и Тамара и Тодоров се злоупотребени само за една намера - да се оцрни демократската јавност и поранешната опозиција.

Извор: Фејсбук профилот на авторот