Крај на груевизмот: реакции

02.06.2017 15:49
Крај на груевизмот: реакции

Бранко Тричковски
Ослободување

Новата власт во Македонија ќе ја цениме според многу факти, но во овој момент е важно дека екипата на Заев доаѓа како финиш на жестоката борба против злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ. Нека да се задржиме на тој епски момент, единствен во политичката историја на Европа, нека да се напиеме по една чашка, да ги ослободиме емоциите што ги потиснувавме единаесет години, за критики ќе има време!

Ова е момент на историското ослободување на Македонија од самата себе!
На претседателот на владата Заев и на неговата екипа им посакувам успех!


Стојанче Ангелов

Честитки до премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев... Колку тоа убаво звучи. После долгогодишна, жестока, нерамноправна и нечесна битка Никола Груевски најпосле е симнат од тронот од кој неприкосновено владееше обилно користејки лажен патриотизам, криминал, измами и нечесна, подла и фашистичка пропаганда. Пишувам и сè уште не ми се верува дека најпосле, после долгогодишна битка, после години и години поминати на улица, пред нашата држава пред Република Македонија се отвора реална можност да стане слободна, модерна и напредна земја, членка на НАТО и Европската Унија.

Затоа, уште еднаш, честитки до премиерот Зоран Заев, честитки до министрите во новата Влада, се разбира со неколку исклучоци кои на премиерот му беа наметнати од страна на еден од коалиционите партнери. Будно ги следам повеќето коментари, сугестии и критики за некои од министрите во новата Влада но и покрај сè можам да кажам дека новиот премиер направил одличен избор.

За крај, еден добронамерен совет до малкуте разочарани опозиционери. Секогаш може повеќе, секогаш може поинаку, секогаш може некој друг. Но, сетете се каде бевме лани а погледнете каде се наоѓаме денес. Затоа храбро и со верба, ќе биде се` во ред.
Да живее слободна, модерна и европска, Република Македонија.
Скопје, 31 мај 2017 година

Претседател на „Достоинство“
Генерал Стојанче Ангелов

 

Мирко Гавриловски

Вчера на статусот над стаусите - „Готов е“, имав знак за фуснота. Би сакал да ја напишам денес. Најверојатно нема да успеам во целост, бидејќи ќе треба да пишувам цел ден, а нели, немам толку време, зашто треба да се фрлам на спорт, но ќе се обидам. Вистина е дека Груевски веќе не е ниту официјален, ниту неофицијален премиер. Во таа смисла е готов. Но во поширока, целата борба против (сега остатоците на) режимот на Груевски е многу далеку од готова. Таа сега почнува. Денешната случка е одличен пример за раните кои му останаа на ова општество по режимот. А такви има премногу. Инаку, многу е јасно дека нападот врз поранешниот министер е само минимално делче од цехот кој останува по владеењето на Груевски и врхушката, а тие истите, уште денес бесрамно го овинуваат Заев и СДСМ за тоа. Обвинуваат за нешто за кои самите тие се криви и ќе продолжат да го прават тоа, а ќе има и многу будали кои ќе им веруваат. Новата Влада наследува еколошка, економска, безбедносна, културна катастрофа, заробена држава, извитоперена демократија, многу гнев и нетрпение. Процесот на лечење на оваа држава ќе биде многу долг и макотрпен. Она што мене најмногу ме загрижува е дека многумина нема да го сфатат тоа и ќе се однесуваат како борбата да е завршена. Една битка е завршена, но борбата е далеку од тоа. Борбата за нормална држава, за функционални и ефикасни институции, за правда, за професионална и департизирана администрација, за чесно и одговорно судство, за функционално образование, за некомпромитиран безбедносен систем, за чиста животна средина, за функционално и напредно образование, за здравство, за граѓанско општество, за права, за слободни медиуми, за вистина и слобода, мора сè уште да продолжи. Мора да се бориме и да не го спуштаме гардот, бидејќи колку и да ви звучи тоа неверојатно во овие моменти, враќањето на Груевски (и буквално и фигуративно) е многу блиску. Не смееме го заборавиме неговото владеење и не смееме да се одесуваме како сега сè да е во ред. Не смееме да заборавиме што го задржа толку долго на власт. Не смееме да го еродираме процесот на нормализирање на државата, па колку и да е тој спор и тежок, понекогаш сигурно и со грешки по патот. Не смееме да им отежнуваме на оние кои се обидуваат да ни помогнат. Не смееме незадоволството и гневот од последиците на владеењето на Груевски, да влијаат врз нашата перцепција на напредокот во долгиот и макотрпен процес кој следи. Не смееме да дозволиме будали да го искористат тоа. Не смееме да ја заборавиме реалноста и да избегаме во фантазии. Не смееме да им помогнеме на ниту еден начин да се вратат. Не смееме, ако сакаме навистина да е готов. Ако сакаме еден ден да живееме во нормална држава. Денот е далеку. Колку далеку, зависи само од нас.


Жарко Јорданоски

И од мене една желба, ако може новите министри да не крадат.

 

Џабир Дерала

За жал, Македонија од денеска нема опозиција. Наместо тоа, има криминална клика која падна, се распаѓа и треба да се дораспадне. Не само партиите, туку и хероините и хероите на граѓанскиот отпор сега се дел од парламентарното мнозинство и владата. Мила, Ивана, Фросина, Пајо... За жал, како последица од суровиот прагматизам на политиката, дел од новата власт се и партии и луѓе кои до вчера се ортачеа со старата власт.

Вемеро не е опозиција. Тоа е деструктивна, криминализирана и морално распадната структура. Тие немаат ни морално, ни политичко право да говорат за демократија. Во парламентот седат луѓе кои се соучесници во терористички напад и убиства во обид. Мора да одговараат! Тоа можат. Можат да работат и на прочистување на правното лице регистрирано како ВМРО-ДПМНЕ. Нивните критики и предупредувања се апсурдни. Донесоа лошотилак, се занимаваа со криминал и корупција, општеството го „испарцелизираа“ и го претворија во клиент...

Мирјана Најчевска

И уште на почеток да се разбереме, Владата не нуди и не спроведува проекти, туку политики.
Тоа кретеноидите од ДПМНЕ ја сведоа работата на Владата на ниво на разбирање на дете од 5 години (затоа што само тоа можат да го разберат).
Политиката за извршување на законите значи градење на услови, структури на надзор, стратегии, планови, рамка на делување, а не преземање на улогата на локалната самоуправа, на бизнис заедницата, на универзитетите, на училиштата, на болниците, на граѓанскиот сектор.
Ајде да излеземе што е можно побргу од игралиштето со песок во кое ДПМНЕ правеше колачиња од кал и не тераше сите нас да ги јадеме и да се зафатиме со работа за градење на држава, како демократска алатка за остварување на интересите и потребите на граѓаните.

Марјан Забрчанец

Честитки за граѓаните на Македонија!
Има ли подобар влог во иднината од здружениот протестен ангажман? 
Успеавме!

Бранимир Јовановиќ

Ги слушав вчера соседите како слават. Ги читав и вашите славенички постови на ФБ. Ама јас си легнав. Со солзи во очите.
Имаше радост во тие солзи, но имаше и тага, заради сѐ што изгубивме во овие 11 години, и трепет, заради она што сега нѐ очекува.
Но, денес е нов ден. Прв ден по ВМРО. Убав ден за продолжување на борбата.

Ирена Стеријовска

Македонија мора да почне да оди напред. Формирање нова влада со одговорност да донесе живот во мртвилово е крупен чекор кон тој пат и сам по себе оддава некаква свеченост. 
Мојата целосна доверба е кај Никола Димитров и кај Мила Царовска, но не со помали очекувања и надеж од сите останати министри во најава, како и од кормиларот на приказната за новата модерна Македонија, Зоран Заев.
Очекувам сите да се свесни дека ако тие оплескаат нема да има што да се спасува повеќе. Очекувам да бидат достапни за граѓаните и доследни на сликата што за себе ја создаваа овие неколку години. Слободна, праведна и за сите еднаква Македонија е наш заеднички сон и заеднички треба да го остваруваме.
Нема да честитам во оваа прилика, ќе го направам тоа кога ќе биде и формално готово оти it ain't over till the fat lady sings.


Антонио Србиновски

Силно светнал ден! СЛОБОДААА!!!
Другари и другарки, македонскиот Чаушеску испратен во историјата на НАШАТА ДРЖАВА. Ќе биде запишана како најмрачна доба, времето на неговото владеење.
Никола-е, 5-мај ќе ти го памтам до СМРТ.
А ние добивме министериште за надворешни работи Nikola Dimitrov, министерка за образование Рената Дескоска, на која може да ни завидат многу западни држави во Европа. Воедно сакам да ѝ честитам на мојата сограѓанка Beti Rabadzievska Naumovska, за претеничкиот мандат, познавајќи ја лично, сигурен сум во нејзината способност да биде одличен коректив на егзекутивата.
Мои лични претставници во законодавниот дом ќе бидат Pavle Bogoevski и Ивана Туфегџиќ, и САМО ТИЕ!!!
А до новата влада, гледавте и учевте како НЕ ТРЕБА да се управува држава, ве следиме и само да знаете, имавме страшен тренинг 4 години и УШТЕ ГО ИМАМЕ!
#ПоздравПленумци
#ШаренаРеволуција

Бојан Маричиќ


Од вековно ропство, мој народе, идеш
но носиш ти в срце дар златен и пој.
Пченицата твоја триж плодна ќе биде,
И животот твој!

(Конески)

Успеавме! Да живее Македонија!

 

Виолета Симјановска

АПЕЛ ДО ЗАЕВ! Да им порача на своите министри, СИТЕ ДО ЕДЕН, да не се однесуваат како локални шерифи, со скапи коли и дузина телохранители околу себе, и да се однесуваат како земјава да е нивна сопственост, да мислат дека се недопирливи. Денес ова пред мои очи се случи со новиот министер Хазби Лика. Паркирани дузина скапи коли, со куп чудни ликови... онака како локални мафијози... одвратно чувство! Дајте од почеток спастрете се. Во врат ќе ви дишеме!!!

Саше Ивановски

Колку ли се радувал дека неговиот портрет е најголем?! Што чоече ќе беше бе?!

* * *

Замислете кога ќе дојде ред на Ѕинго да му се замрзне имот? Шефе, зимај од катастар листови: од Куманово па до бугарска граница, сосе караулата!

* * *

Павле Богоевски

Сакаме да живееме во држава каде лошите се криминалците, а не Албанците, „соросоидите“ или „комуњарите“!

Синоличка Трпкова

Требаа десет години да ги тргнеме од власт. Би требало помалку за да ги тргнеме целосно од политичката сцена. Тоа е сè што имам да кажам.

Слики: Свирачиња