Разликата што може да ја направи еден парк

03.06.2017 12:28
Разликата што може да ја направи еден парк

Во најголемиот мексикански дел од Чикаго, наречен Мало село, на површина од осум хектари се простира паркот Ла Вилјита, некогаш индустриски реон кој служел како илегална депонија. Оттаму во стотици блиски подруми секојдневно се излевале токсични материи. Револтираните граѓани протестирале со години. Чистењето што во 2012 година го презела федералната власт е најголемиот урбанистички проект од тој вид во Америка.

Ким Васерман, извршна директорка на Организацијата за животна средина на Мало село, помогнала во убедувањето на градските власти дека на тоа место треба да се направи парк. Тој чини 12 милиони долари и денес е место за одржување на спортски натпревари и бесплатни концерти што ги организира градот. Во летниот период, помладите жители на Мало село, поранешни затвореници, го чуваат паркот Ла Вилјита и водат сметка да не го запоседнат бандите. „Заедницата се чувствува одговорна за ова место“, објаснува Васерман.

Еден од позитивните резултати од изградбата на овој парк е што, во градот познат по највискота стапка на убиства, во Ла Вилјита речиси нема никаков криминал.

Чикаго е на чело на новиот тренд во големите градови, се впушти во проекти на изградба на големи паркови и отворени простори, унапредување на игралиштата и центрите за рекреација, претворајќи ги запуштените површини во нови зелени паркови и давајќи им смисла на некогашните индуструски делови покрај реката.

Со помош на даночните средства кои наменски се одвојуваат за паркови и директно одат за оваа цел, преуредувањето и подобрувањето на јавниот простор започна со поранешниот градоначалник на Чикаго, Ричард Дејли, но се забрза откако во 2011 година функцијата ја презеде Рам Емануел.

И другите американски градови од Филаделфија до Сиетл, исто така прават паркови и јавни простори кои се погони на општествениот и економскиот напредок. Во споредба со епидемијата на убиства во кои учествуваат бандите, парковите не изгледаат како нешто итно, но обидот парковите во Чикаго да се разубават и прошират, донесе напредок на подолги патеки.

Неколку од нив сместени во центарот на градот, како урбаниот Ривервок и гламурозниот Милениум, на градот му донесоа огромна финансиска корист. И други такви проекти кои не се толку истакнувани, исто така прават разлика. Центарот за уметност и рекреација во паркот Елис во Бронзвил, еден од историските африкански краеви, се наоѓа сончевата двокатна зграда, обоена со живи бои, има големи прозорци и модерен внатрешен базен, влијаеше на подобрување на сообраќајот, јавното здравје и уличниот живот во Бронзвил. Како и Ла Вилјита, беше еден од многубројните проекти што ги сакаше и ги осмисли заедницата, а реализирани се неодамна благодарејќи на финасиските средства од различни извори, а во чиешто собирање помогна градоначалникот.

Џим Кени, градоначалникот на Филаделфија, кој на оваа функција дојде минатата година, ги собра гласовите благодарение на платформата со која се предвидува стотици милиони долари да се наменат за преуредување на околу 400 уништени зелени површини во градот.

Филаделфија има највисока стапка на сиромаштија меѓу десетте најбројни американски градови. Паркот Хантинг, кој се наоѓа во северниот дел, пред почетокот на неговото реновирање во 2009 година бил проблематично место. Оттогаш стапката на криминал паднала за 89 отсто, но веројатно не само заради унапредувањето на паркот, иако градските власти го објаснуваат намалувањетто на проституцијата и трговијата со дрога со тоа што паркот го презеле семејствата што доаѓаат таму со децата.

„Сакаме секој граѓанин на Филаделфија да има место што му вели – Го заслужуваш ова“, објаснува Кетрин От Ловел, комесарка за градски паркови.

Чикаго се обидува да ја испрати истата порака. Во населбата Бриџпорт, познатата архитектонска фирма „Студио Ганг“ дизајнирала елегантна куќа за бродови, овозможувајќи му на Бриџпорт излез на вода. Реновирани се и делови на руинираниот рекреативен центар „Алтгелд гарденс“, кој датира од дваесеттите години на минатиот век.

„Ова е заедница која жестоко се бори, ова е место каде сите се собираме“, вели Брајан Бредли, чувар на центарот, кој стои во близина на базенот со топла вода што како магнет ги привлекува постарите граѓани и децата.

Бредли, голем тивок човек, кој во слободно време на младите им држи тренинг за бокс, се присетува како паркот и рекреативниот центар му го спасиле животот кога бил момче. Застанува. Одеднаш солзи му се собираат во очите, а потоа се извинува. На рекреативиот центар „Алтгелд гарденс“ потребни му се уште поправки, но досегашните работи ја испратија пораката:

„Ако пораснете на вакво место, ќе си помислите дека никому не му е грижа, но, овие промени ќе ги убедат луѓето дека не се заборавени“, вели Бредли.

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото