Уметноста во Русија: Под напад

14.07.2010 11:53
Јуриј Самодуров и Андреј Ерофеев

Преку судења, малтретирања и други облици на заплашување руските власти ги нападнаа кураторите и уметниците – кои, пак, за возврат, организираат изложби и проекти кои се исклучително провокативни и имаат политички контекст.

Во времето на Брежњев, кога „неофицијалните“ уметници се наоѓаа под постојана присмотра од „критичарите на уметноста во цивилка“, како што еуфемистички ја нарекуваа тајната полиција, советските интелектуалци имаа еден омилен виц: „Болшевичкиот водач Ленин и комесарот за просвета Луначарски посетиле изложба во Москва. Ленин ја погледнал сликата на Казимир Малевич и рекол: ’Што е ова? Квадрати? Триаголници? Што значи ова? Не можам да ја разберам оваа уметност.’ А Луначарски му одговорил: ’Да бидам искрен, Владимир Илич, ни јас не ја разбирам.’“

Тоа беше последната советска влада која не ја разбираше уметноста, велат циниците. Така велат бидејќи советската влада ја разбираше многу добро – толку добро што строго ја контролираше.

За кратко, во доцните 80-ти и 90-те уметничкиот живот беше ослободен од цензура или други владини интервенции. Тој период заврши во 1998 г. кога уметникот Авдеј Тер-Оганиан беше обвинет за прекршување на законот против провоцирање верски тензии, донесен уште пред револуцијата во 1917 г., кој беше специјално реактивиран за овој случај, откако Оганиан употреби православни икони во еден свој перформанс. Соочувајќи се со затворска казна, тој побегна во Чешка, каде доби политички азил.

Оттогаш луѓето од уметноста повеќе или помалку постојано се наоѓаат под нападите на властите. Токму сега две проминентни фигури се наоѓаат на судење во Москва, обвинети дека го прекршиле законот против поттикнување верска омраза. Станува збор за Андреј Ерофеев, критичар, професор и поранешен директор на Одделот на Третјаковската галерија за современи трендови, и Јуриј Самодуров, поранешен директор на музејот „Андреј Сахаров“.

Овие контроверзни московски куратори се најсвежите жртви. Нападите врз современата уметност зачестија како што младите уметници низ целата земја создаваат нов бран активизам, кој често се граничи со политичката провокација.

Неволјите на Еровеев и Самодуров започнаа со нивното организирање на изложбата насловена „Забранета уметност – 2006“ во музејот „Андреј Сахаров“ во март 2007-та. Оваа изложба претстави дваесетина дела кои биле забранети за изложување бидејќи се сметале за порнографски, антирелигиозни или премногу провокативни. Една од сликите, на пример, прикажува христијански верници како му се молат на Мики Маус наместо на Исус Христос. Веднаш по отворањето на изложбата, активисти кои и’ припаѓаат на десничарската националистичка организација „Народен Синод“ упатија поплаки и поднесоа пријава во московското обвинителство против нив, наведувајќи дека со изложбата се навредуваат верските чувства на граѓаните. Обвинителот ја прифати пријавата и го испрати случајот на суд.

Сведоците кои беа сослушувани изнесоа бизарни сведоштва. Еден сведок изјави дека неговата сопруга починала откако ја посетила изложбата бидејќи соочувањето со такво богохулие и’ ја одзело волјата за живот. Еден православен свештеник го започна своето сведочење нарекувајќи го Ерофеев „слуга на Сатаната“. Кога судијата се обиде да го прекине, присутните скандираа „уа!“. Многумина од сведоците јавно изјавија дека доколку судот не ги казни Ерофеев и Самодуров, тие самите ќе го сторат тоа.

Ерофеев и Самодуров во своја одбрана изјавија дека ја организирале изложбата за да се борат против цензурата во Русија. Судот ги осуди на парични казни: Самодуров со 200 000 рубљи (4 300 фунти), а Ерофеев со 150 000 рубљи (3 200 фунти). Судењето започна во април 2009 г. и беше жестоко критикувано од активистите за заштита на човековите права и уметниците.

Минатата недела 13 истакнати руски уметници објавија јавно протестно писмо до претседателот Медведев, барајќи од него да го стопира процесот против нив. Во писмото изјавија дека неослободителната пресуда за двајцата куратори би претставувала казна „за целата руска современа уметност“. Amnesty International минатата недела издаде соопштение во кое вели дека пресудата над уметниците „и понатаму ја поткопува слободата на изразување во Русија“. Во писмото, пак, кое минатата недела и’ го прати на Руската православна црква, Ерофеев се извини ако поставката ненамерно ги навредила христијаните во оваа земја.

Меѓутоа, „Народен Синод“, организацијата која ја поднесе пријавата против нив, го брани судскиот процес. Претставникот на организацијата, Олег Касин, за агенцијата AFP изјави дека бил згрозен од изложбата која содржела „антихристијански слики“.

„Доколку сакаш да се изразуваш слободно, прави го тоа дома и повикај ги блиските пријатели“, изјави тој. „Но од моментот кога таквата изложба ќе се одржи на јавен простор, а посебно ако содржи навреди, повеќе не претставува уметност, туку е провокација“.

Самодуров и претходно беше парично казнет поради „предизвикување верска омраза“, кога ја организираше изложбата „Внимание: Религија!“ во музејот „Андреј Сахаров“ во 2005 г.

Извор: artnews.com

Погледнете некои од делата кои беа дел од споменатата контроверзна изложба:

 

 

 

 

 

ОкоБоли главаВицФото