Замаглената историја

05.06.2017 09:54
Замаглената историја

Од Калининград до Владивосток, руските ученици се подготвуваат за најважниот празник во годината: Денот на победата. Победата на Советскиот Сојуз над нацистичка Германија, која се одбележува секој 9 мај, власта долго ја користеше за да си обезбеди поддршка, а сè почнува од училиштата.

Учениците играат централна улога во патриотската прослава: по повод Денот на победата децата можат да купат сè, од мали униформи на Црвената армија до пиштоли-играчки. Децата исто така го предводат „Бесмртниот баталјон“, марш во кој учесниците носат портрети на своите роднини кои се бореле и загинале во Втората светска војна. На овој настан заминуваат цели училници.

Среде еуфоријата која се поврзува со парадата, наставниците во Русија се наоѓаат под притисок кога треба да се прилагодат на начинот на кој Кремљ ја толкува Втората светска војна.

„Сè што е исфорсирано – е лошо“, вели Александар Абалов, наставник по историја во угледно училиште од Москва. Абалов не е единствениот што е загрижен зашто државата се меша во неговата работа. Зашто, да се предава историја во Русија, каде архивите се затворени, а дискусиите за советското минато на земјата се дочекани непријателски, никогаш не било лесно. Уште потешко е да се предава за Втората светска војна: како што расте моќта на Путин низ годините, Русија на успева да се соочи со својата улога во борбата против Германија.

Во август 2016 година, пред почетокот на новата училишна година, беше избрана нова министерка за образование, Олга Василиева. Василиева во јавноста се доживува како поддржувач на конзервативната православна идеологија. Исто така, ја оправдуваше политиката на Советскиот Сојуз и даваше контроверзни изјави за Сталин.

Додека наставникот треба да биде оној што контролира што се случува во училницата, новите учебници по историја се контролирани од гледиштата на Василиева и Кремљ.

Министерството за образование во септември 2016 година забрани три учебници по историја во кои се зборува за злосторствата на Сталин и иницијалното сојузништво, односно Пактот со нацистичка Германија. „Мојот најголем проблем со учебниците е тоа што не ја откриваат целата вистина“, вели историчарот и наставник Леонид Катсва.

Сè уште е нејасно кој одлучува кои учебници ќе се користат. „Дали тоа е наставникот, директорот на училиштето или градот? Им го поставив тоа прашање на градските власти во Москва многу пати и не добив никаков одговор“, вели Абалов.

Многу училишта ширум земјата избрале еден од учебниците кои ги објавило Просвешение, каде лекциите за војната се фокусираат речиси исклучиво на херојската улога на Русија во втората светска војна.

Најголемиот конфликт во светската историја за Русите не почнал, како за остатокот од светот, во 1939, туку во 1941 година. Тоа што се случувало претходно, како и руската улога во тие случувања, ги подгрева емоциите и негирањето во Русија. Најконтроверзниот момент, кој Кремљ традиционално не го нагласува е пактот Молотов-Рибентроп за ненапаѓање кој го склопиле СССР и нацистичка Германија, на 23 август 1939 година, осум дена пред нападот на Германија на Полска.

Путин даваше контрадикторни изјави за пактот. Во Гдањск, Полска, 2009 година зборуваше со помирувачки тон, велејќи дека рускиот Парламент го осудил пактот. Шест години подоцна, за време на средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, рече дека пактот „имал смисла, зашто му обезбедил сигурност на Советскиот Сојуз.“

Останатите руски официјални лица исто така го бранеа советското сојузништво со нацистите: министерот за култура Владимир Медински, познат по своите псевдоисториски романи, рече дека пактот „заслужува споменик“.

Меѓутоа, јавното преиспитување на улогата на Русија во Втората светска војна, во периодот 1939-1940 е контроверзно. Оваа година еден човек во Перм, град на Урал, бил казнет со 200 илјади рубљи (3 500) долари зашто споделил статија во која точно се тврди дека Советскиот сојуз извршил инвазија на Полска во 1939 година во соработка со нацистите.

Руските учебници ја преминаа тенката линија кога го опишуваа пактот. Но, во најпопуларните изданија на учебниците од 2016 речиси и да не е ставен акцент на тајните протоколи со кои Русите и нацистите ја поделиле Источна Европа меѓу себе.

„Пишувано е со оправдувачки тон“, вели Каства. Впрочем, во текстот го нема зборот „агресија“, туку инвазијата на Источна Европа во книгата се опишува како „ослободување на Полска“ од продорната инвазија на нацистите. „Дел од Црвената армија на 17 септември добил наредба да ја премине западната граница и да ги ослободи западна Украина и западна Белорусија“, пишува во учебникот.

Учебникот дава и слично објаснување за присуството на руската војска во балтичките држави. Според авторите, руската инвазија и анексијата на три северни европски земји била резултат на демократските парламентарни избори во оние балтички земји во кои победиле комунистите. „Не се споменува фактот дека тие земји не ни имале друг избор“, вели Каства, осврнувајќи се на владите кои ги поставиле Русите во тие земји во јуни 1940.

Русите се поделени и кога станува збор за улогата на Сталин во војната. Новиот учебник признава дека репресијата на Сталин станала „централен елемент на советскиот живот“, но на тоа му посветува помалку простор отколку во претходните изданија.

„Невозможно е да се разбере што се случило 1941 година без да се знае за чистките“, вели Абалов. Зашто, се знае – руските трупи не биле подготвени за напад заради чистките на Сталин меѓу генералите. Катсва смета дека преку тешките теми се поминува затоа што улогата на Советскиот Сојуз во војната би требало да ја поттикнува националната гордост.

„Русија не е единствената која ги занемарува негативните страни на националната историја“, вели тој. Но, Кремљ отиде многу подалеку од тоа, користејќи ја улогата на Русија во војната за политички цели, што и функционира, површно гледано. За ниеден друг празник не излегуваат толку луѓе на улиците. Меѓутоа, дали Денот на победата навистина ги обединува Русите?

Наставникот по историја Абалов се сомнева во тоа. „Не постои само едно толкување на војната“, вели тој, додавајќи дека нема дискусии за човечките жртви во војната. „Идентитетот што владата се обидува да им го наметне на луѓето е погрешен“, заклучува Абалов.

Извор: https://themoscowtimes.com

ОкоБоли главаВицФото