Очекувања

05.06.2017 12:35
Очекувања

Ме прашаа дали имам големи очекувања од политичката структура која го замени ДПМНЕ.

Проблемот не е во големите, туку во малите очекувања кои во моментов ги имам.

Во моментов, најмногу се плашам од нивото на кое се сведени моите критериуми со кои ги мерам потезите на власта.

За овие 10 години, постојано ги симнував, и симнував и симнував и критериумите и очекувањата. И сега ми е страв дека кога новата политичка структура ќе направи нешто сосема малку, нешто што мора да го направи како минимум промена, јас ќе се воодушевам и ќе припаднам во несвест.

Во изминативе 10 години, елементарното почитување на законите, најрудиментарното рационално размислување, работењето кое ги зема предвид најпростите причинско-последични врски, се претворија во недостижен идеал, и моите очекувања ги сведов на минимум.

Опасноста е дека секој исчекор може да изгледа како грандиозен напредок и да ја отапи острицата на критиката, да нè направи задоволни со ептен малку.

Да не дозволиме искривената реалност во која ДПМНЕ нè натера да животариме да се претвори во доживотен затвор од кој не можеме да излеземе дури и тогаш кога затворските чувари се тргнати на страна, а ние во раце имаме ослободителна пресуда.

Мора да настапиме со највисоки можни очекувања, барања и со критика на сè што не одговара на овие барања и очекувања.

Не да мислиме дека сè може да се промени преку ноќ, туку да поставиме висока цел со која ќе ги мериме потезите на актуелната управувачка структура.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Небојша Гелевски

ОкоБоли главаВицФото