Дали годинава ќе се одржи фестивалот „Браќа Манаки“?

06.06.2017 08:27
Дали годинава ќе се одржи фестивалот „Браќа Манаки“?

Одржувањето на 38 издание на фестивалот „Браќа Манаки“ е доведено во прашање затоа што Агенцијата за филм на РМ и директорката Мими Ѓоргоска Илиевска, веќе неколку месеци скандалозно одбиваат да одговорат на апликацијата на Друштвото на филмски работници, кое е долгогодишен организатор на фестивалот. Ова го соопштија директорот на фестивалот Благоја Куновски-Доре, уметничкиот директор Гена Теодосиевска и Роберт Насков, претседател на здружението на филмаџиите, на прес-конференцијата на која беше објавен и првиот добитник на наградата „Златна камера 300“ за животно дело.

- Сè уште со Агенцијата за филм на РМ немаме потпишано договор за организација на овогодишното издание. Апелирам до новиот министер за култра Роберт Алаѓозовски да се заложи за решавање на овој проблем, бидејќи со Агенцијата за филм не можеме да дојдеме до никаква нормална комуникација и да објасниме дека Фестивалот мора да се подготвува подолго отколку што тие замислуваат, дека треба да ни дозволат тоа да го направиме. Агенцијата за филм на чело со директорката Мими Ѓоргоска Илиевска се однесува како да е тоа нејзина лична сопственост, како средствата што тие треба да ги одделат за организација на овој фестивал да се лично нивни и така се однесуваат. Во месец декември ние аплициравме на конкурсот за фестивали, навремено со целата потребна документација, меѓутоа, иако законскиот рок е за 60 денови тие да одговорат дали се прифаќа или отфрла нашата апликација, како што сами сведочите, поминаа 6 месеци и ние од страна на Агенцијата немаме никаков одговор. Имавме неколку разговори со директорката, но тие не вродија со плод, знаете што се случи, се појави уште една апликација на група со намера да го организира овој фестивал. Сметаме дека е тоа навистина непримерен чин од нивна страна и затоа апелираме што побрзо да се реши овој проблем. Сакам јавно да кажам дека ако во наредната недела не дојде до потпишување на овој договор, сериозно ќе биде доведено во прашање одржувањето на ова издание на фестивалот „Браќа Манаки“ - рече Роберт Насков, претседател на ДФРМ.

Најголемиот жив кинематографер, Џузепе Ротуно, кој ги сними ремек-делата на Федерико Фелини „Амаркорд“, „Казанова“, „Сатирикон“ и други, потоа и оскаровецот „Сиот тој џез“ на Боб Фос, „Волк“ на Мајк Николс и многу други, е годинешниот лауреат на „Златната камера 300“ за животно дело. Ротуно има 94 години и живее во Рим, па заради поодминатата возраст нема да може да присуствува на фестивалот во Битола.