Општество кое не знае да се радува: Навикнати ли сме само на порази?!

07.06.2017 01:47
Општество кое не знае да се радува: Навикнати ли сме само на порази?!

Последните седум секунди од ракометниот натпревар меѓу РК Вардар и ПСЖ беа едни од најдолгите, најстресните и највозбудливите во мојот живот. Душата ми дојде на место, дури откако се напив вода, 15 минути по победата на Вардар, бидејќи постам. По ифтар, со другар ми решивме да се приклучиме на прославата на победата на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Многу народ, сите насмеани, пеат за Вардар, во еден глас, ведри лица… Си велам, конечно, граѓанките и граѓаните слават на плоштад, а тоа да не е победа на некоја политичка партија на избори.

Меѓутоа, откако се расчисти гужвата и се разотидоа обичните фанови на Вардар, на плоштадот останаа „најтврдокорните“ навивачи „Комити“, од кои дел, во присуство на нивниот доскорашен лидер, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски, пееја: „Нека разберат клетите Шиптари, македонско име нема да загине“…

Од славеничка и еуфорична атмосфера, набрзо ситуацијата стана напната и мирисаше на инциденти. Додека се движев кон Камениот Мост за да преминам на во моментот, „побезбедната“ територија во старата Скопска чаршија, пред споменикот на Гоце Делчев забележав само двајца полицајци и десетина момчиња, маркирани со „Комити“ – маички, дуксери и качулки.

Но, не успеав ни да го поминам Камениот Мост, без инциденти! На самиот мост десетина Албанци (најверојатно, навивачи од групата „Шверцери“) почнаа да тепаат 2 – 3 момчиња од групата „Комити“. Со мојот другар ги прашавме зошто ги тепаат и што се случува? Одговорот беше дека „Комитите“ дошле од другата страна на реката Вардар, за да ги провоцираат, и дека на поштадот ги пцујат и плукаат Албанците додека поминуваа(т).

На средината на Камениот Мост се собраа десетина млади лица, да не кажам деца, кои ги враќаа случајните минувачи назад во Чаршијата, бидејќи не било безбедно за нив да одат кон плоштадот „Македонија“. По само две минути, голема група „Комити“, со запалени факели тргна да се пресметаат со „Шверцерите“. Летаа камења и стаклени шишиња. Шверцерите, околу 20-30, се повлекоа на плоштадот „Филип Втори“, каде што ги чекаше засилување од поголема група.

При повлекувањето, едно од момчињата, забележувајќи ја мојата брада им рече на останатите: „Дајте да се повлечеме, сега е Свет месец – Рамазан, не треба да правиме инциденти“. На тоа доби одговор: „Ако е Рамазан. Сега ако се повлечеме, ќе почнат и дома да ни доаѓаат и да нè тепаат. Не смее никој да се повлече!“

Со другарот успеавме да се тргнеме од толпата и да заминеме во Чаршијата, каде што главна тема беше дека има инциденти на Камениот Мост, а помладите верници што излегуваа од џамија, веднаш се упатуваа кон некогашната стоковна куќа „Мост“.

Додека бев на самото место, полиција немаше! Подоцна, интервенираа специјалците. Но зошто МВР дозволи да дојде до инциденти? МВР требаше да процени дека постои можност за инциденти! Дали и со нова влада и нов министер за внатрешни работи, уште има стари навики?

Тажно е што сè уште сме општество кое не знае да се радува! Навикнати ли сме само на порази?! Наместо прослава и зближување на сите, без разлика на етничката, верската, половата, родовата, навивачката припадност, ние сè уште не сме дораснати, се делиме на наши и на нивни… Но, како и да „пораснеме“, кога во одредени медуими има наслови кои поттикнуваат омраза, нели, Груевски навивал за Вардар (оти тој е патриот), а Заев навивал за „Шкендија“, (оти, нели, тој е предавник – навивал за „албански клуб“).

Утре ќе има сенародна прослава и дочек на ракометарите на европскиот шампион РК „Вардар“.

Верувам дека МВР ќе биде на висина на задачата и секој што ќе се обиде да направи какви било инциденти ќе биде соодветно казнет.

Време е навивачите да ги закопаат секирите и да си подадат рака за фер и спортско однесување и навивање. Време е да можеме и ние обичните смртници да уживаме во успесите на нашите омилени тимови!

Извор: civilmedia.mk
Фотографии: Екипа.мк