Шест белешки во врска со интервјуто на Заев

07.06.2017 03:02
Шест белешки во врска со интервјуто на Заев

Прво, прв настап на премиер во кој ја немаше темата за домашните и странски непријатели. Заев беше многу добар, најмногу според клучната емисија на добронамерност, благородност, принципиелност и оптимизам, нешто што беше апсолутно спротивно на цинизмот, злобата и бруталната конфронтација во случајот со претходниот премиер. Имам впечаток дека успеа да го елиминира радиоактивното зрачење на вмровската бомба на јавната сцена и тоа, на општо ниво, е исклучително важно и за поздравување.

Второ, составот и позициите на новинарите и уредниците, општиот впечаток за водењето на интервјуто, изборот на прашањата и другите елементи, покажаа дека радикалните кадровски промени во медиумската сфера се клучно прашање.

Трето, беа зафатени многу теми, но, важни прашања за катастрофата на Македонија, методите, формите и инструментите, заедно со целите на злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ, значи, клучните интереси на јавноста беа промашени, а кај оние што беа застапени, интонацијата, дикцијата и културата беа под нивото кое можеме да го означиме како минимум современо, пристојно и професионално. Агресијата на машата на злосторничкиот режим од Нова ТВ во копродукција со уште еден новинар, беше неподнослива, а не ми беше поднослива, макар што му ја разбрав идејата, мекоста на Заев кон тоа чудовиште.

Четврто, идејата дека со позитивност, добрина и добронамерност, може да се решаваат проблемите и да се интегрираат општеството и државата, може да се јави како фантастичен елемент на обновата и новиот просперитет, но само ако во меѓувреме се води сметка дека во разнебитеното и криминализирано и примитивизирано општество, може да биде и амбиент во кој недобронамерните и злонамерните можат да ја зграпчат својата шанса. Помирувањето е можно во победникот и во принципите кои го направиле победник, а не во православната моралност и во отстапување од споменатите принципи. Инаку ќе бидат доведени во прашање победата и иднината.

Петто, надворешно-политичките позиции беа принципиелни и за поздравување, со две забелешки: едната е околу членството на Косово во Унеско, мене ми се чини дека нема причини Македонија да не ја следи сопствената политика кон Косово како независна држава и второто, она околу името, не ми се допадна идејата дека новиот премиер може да замисли ситуација во која не би го дал срцето на измислената тема за името и идентитетот.

Шесто, не се согласувам со ставот на премиерот за судбината на Скопје 2014. Тој ја сведе работата на трошокот на можното уривање, но тоа е пред сè културно, па ако сакате и идентитетско прашање и повеќе би се заложил за меѓународен конкурс за решавање на овој капитален проблем или за директна покана до врвна архитектонско-урбанистичка инстанца, која на дистанца од нашите внатрешни конфронтации ќе каже што треба да се урне, што да да преобликува и што да се дислоцира!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Били Даркарт