Ѓубреџија отворил библиотека од фрлени книги што ги собирал

07.06.2017 11:17
Ѓубреџија отворил библиотека од фрлени книги што ги собирал

Еден Колумбиец кој 20 години возел камион за ѓубре во Богота, собирал фрлени книги и во приземјето на својата куќа отворил бесплатна библиотека. Хозе Алберто Гутиерез го добил прекарот „Господар на книгите“ зашто во 1997 година почнал да собира книги кои граѓаните ги фрлале во канти за отпадоци.

Гутиерез, кој сега има 54 години, изјави дека првата книга која ја зел од контејнер била „Ана Каренина“ од рускиот книжевник Лав Толстој. Подоцна дома носел примероци од „Малиот Принц“, „Илијада“ и дела од најпознатиот колумбиски писател Габриел Гарсија Маркес.

Потоа, соседите почнале да доаѓаат и да прашуваат дали може да земат некоја книга, за себе или за своите деца. Во 2000 година, Гутиерез одлучил со својата сопруга да го преуреди приземјето од куќата и да го претвори во бесплатна библиотека наречена „Моќта на зборовите“.

Успехот на иницијативата ги надминал очекувањата, зашто во библиотеката почнале да доаѓаат волонтери како помош, но и странци. Бидејќи некои од книгите се во лоша состојба, сопругата на Гутиерез, кројачка, дошла на идеја да отвори „Болница на зборовите“, каде ги лепи страниците и ги менува кориците на пропаднатите книги.

Сега, библиотеката која во меѓувреме стекна светска слава и беше гостин на саемите на книгата во Чиле, Мексико и Богота, стана место за собирање деца кои внимателно ги слушаат приказните што им се читаат.

Семејството Гутиерез заради недостаток од простор патувало низ Колумбија и бесплатно им делело книги на жителите од зафрлените подрачја.

Сега ги повикуваат на помош од училиштата и другите образовни установи, дури кружат приказни дека еден претставник од бунтовничката герила ФАРК му се јавил на Гутиерез за да го замоли да издвои книги за бунтовниците кои по 50 години вооружен бунт се подготвуваат да се вратат во цивилниот живот.

Извор: http://www.b92.net