Шокантниот уметник се врати, дали на светот воопшто му е грижа?

08.06.2017 02:33
Шокантниот уметник се врати, дали на светот воопшто му е грижа?

По годините тишина несвојствена за него, на уметничката сцена се врати британскиот уметник Демиен Хирст, познат по провокативните дела што или ги мразите или ви се допаѓаат.

Изминатите неколку месеци тој ги помина во Венеција, облечен во црно, секое утро доаѓаше во палатата Граси за да види до каде се завршните подготовки на екстраваганцијата достојна за еден Сесил Демил – неговата прва изложба по десет години.

Се работи за подводна фантазија со скулптури и стотици други објекти кои се така уредени за да изгледаат како антиквитети извадени од длабочината на морето, изложбата носи наслов „Богатство од урнатините на Неверојатниот“. Делата се наоѓаат во палатата Граси, во музејот „Punta della Dogana“, а двете институции ги раководи Франсоа Пино, колекционер од Париз, кој е и сопственик на аукциската куќа „Кристи“.

Оваа изложба се оценува како обид на Хирст да ја распламти својата кариера која е во застој уште од 2008 година, односно од крахот на финансискиот и уметничкиот пазар во светот.

Влегувајќи во вековната романтична идеја за бродоломот, тој заедно со својот покровител, презеде голем уметнички и финансиски потфат. Хирст потороши милиони за создавање, а Пино за претставување на делата, но ниту едниот, ниту другиот не ги откриваат точните суми пари што ги вложиле.

Демиен Хирст никогаш порано не го испитал пазарот на толку широк план; затоа прашањето што го поставува уметничкиот свет е дали Хирст во Венеција ќе успее да исплива или ќе потоне.

Франческо Бонами, куратрот кој пред четири години организираше изложба на дела од Хирст во Доха, Катар, вели дека неговата последна продукција „ги преминува границите на доброто и лошото“ и додава: „Во неговиот бомбастичен и претеран манир, Демиен создава наратив со кој публиката никогаш не се сретнала. Многумина ќе го окарактеризираат како невкусно или ќе го сметаат за кич, но ова е многу повеќе од сето тоа. Ова е Холивуд.“

Во согласност со репутацијата на Демиен Хирст на сериски „шок-мајстор“, неговата изложба „Богатство од урнатините на Неверојатниот“ претставува визуелна бајка вкоренета во митологијата, теологијата и имагинацијата на уметникот. Ова е приказната: На источноафриканскиот брег во 2008 година се пронајдени остатоци од брод за кој се смета дека пренесувал скапоцености што му припаѓале на Циф Амотан II, ослободен роб од северозападот на Турција, кој живеел на преминот од првиот кон вториот век и бил многу богат. Неговата легендарна колекција на уметнички дела и артефакти била сместена во бродот „Неверојатниот“, кој подоцна потонал. Нуркачите спасиле повеќе од стотина дела – огромни скулптури на морски чудовишта опточени со корали и полускапоцени камења, златни мајмуни, еднороги желки, како и скулптура на божица чиешто лице необично потсетува на Кејт Мос и друга мермерна што личи на Ријана, фараон од син гранит што личи на пејачот Фарел Вилијамс и бронзена статуа на Мики Маус, сите покриени со остатоци на повеќевековно распаѓање.

- Дали навистина фараонот го има лицето на пејачот?
- Па, може така да се каже, целата работа е во што ќе одлучите да верувате, одговара Хирст.

Дали публиката и колекционерите ќе го загризаат мамецот? Некои веќе почнаа да креваат врева. Во март, активистите за права на животните, пред палатата Граси истоварија 40 килограми отпад, а на вратата на музејот оставија порака на која пишуваше:„Демиен Хирст, оди си дома“, иако во оваа изложба нема ниту мртви животни, ниту пеперутки кои беа заштитен знак на уметноста на Демиен Хирст.

Тие протестраат затоа што оваа изложба е, како што велат, навреда за вистинската уметност.

Сепак, колку што има критичари на Хирст, исто толку има и негови обожаватели.

„Демиен направи кариера не осврнувајќи се на кустосите и критичарите“, вели Николас Серота, директор на лондонската Тејт галерија, каде во 2012 година беше одржана ретроспективна изложба на Хирст. „Тоа во светот на музеите предизвикува само нелагода.“

Елена Геуна, кустос на изложбата, веќе четири месеци го организира бродскиот транспорт на скулптурите од ливницата во Англија, некои од нив достигнуваат тежина и од по четири тони, таа го организира и поставувањето на видео материјалите и безбројните ситни предмети со кои се пополнети повеќе од 20 стаклени витрини, секоја од нив е посебно уметничко дело.

„Како Елвис да се враќа во Лас Вегас“, вели Оливер Буркер, управник на европското „Сотби“. По повеќе од еднa деценија, Демиен повторно своите дела ги става на увид на публиката, а со тоа и многу ризикува.

Ниту едно од новите дела не е единствено; секое е изработено во три изданија, со две уметнички коректури. Секое дело е сочинето од три скулптури: една, која Хирст ја опишува како „Корал“, во смисла дека би требало да го претставува ’рѓосаниот „оригинал“ од длабочините на морето; „Богатство“, скулптурата во реставрирано издание за изложување и „Копија“, модерна музејска репродукција на оригиналот. Монументалната големина во која се изработени скулптурите може да претставува проблем за секој купец чијашто куќа не е со големина на некој музеј.

„Демиен е борец, тој преживува на запрепастувачки начин“, вели Роберт Стор, критичар, професор и поранешен декан на Школата за уметност на Универзитетот Јеил. „Веројатно ќе направи спектакл, но се сомневам дека тоа ќе биде со потрајно уметничко значење. За разлика од Џеф Кунс, Хирст сè поретко може да изненади.“

Поминаа 13 години од последната голема изложба на Хирст, тоа беше ретроспективата во Националниот археолошки музеј во Неапол. Сепак, оттогаш не беше сосема скриен од јавноста.

Хирст сака да мисли дека оваа изложба претставува одраз на актуелната политичка ситуација во светот.

„Кога сте уметник, сè што работите и размислувате има врска со светот во кој живееме денес. А сега, со сите овие лажговци што ни седат во владите, полесно е да му веруваме на минатото, отколку на иднината“, вели Хирст.

Извор: The New York Times