Одмор

08.06.2017 09:34
Одмор

Рита и јас тукушто поминавме двесте километри без причина. Купивме украси за градината од некоја Азијатка госпоѓа која нè предупреди дека луѓето често знаат да пукаат во градинарските мечки, толку уверливо изгледаат. А купивме и понешто од многу малиот градинарски мебел иако немаме деца – едноставно нè понесе моментот на инспирација.

Застанавме во еден Дотс ресторан и нарачавме Џеилхаус Чили, што ја освои првата награда една година порано во категоријата вкус и презентација. Не бев сосема сигурен што мислеше келнерката под презентација. Јадењето го покриваше гранче магдонос или нешто слично на тоа, своевидна зашеќерена вишна на врв од торта. Можеби жената што своевремено го послужувала била гола.

„За мене еден леден чај“, додадов.
„Нема леден чај“, ми рече келнерката. Беше слатка и имаше лонгајлендски акцент. Бевме далеку од Лонг Ајленд.
„Сезона е на леден чај“, истрајував.
„Не го служиме бидејќи градската вода смрди. Овде никој не пие вода веќе пет месеци.“
„Пукната цевка?“, испрашував.
„Цркната птица“, заминувајќи ми одговори.

Некој голем, дебел тип седеше на шанкот. Имаше околу седумдесетина години и му фалеше секој втор заб. Лицето му беше како некој да го изрежал со нож за месо од грутка палента. Ја праша келнерката: „Имате свинска коленица?“

„Ви треба виљушка?“
„Ма не, со прсти.“ Откако стигна јадењето уфрли во устата парче мускул. Потоа неколку минути зјапаше во одвратниот масен круг. Се чинеше дека во неговата дебела глава се одвива мала дискусија. Потоа сепак сето го напика в уста и го голтна. Му се смешкавме. Уживаше во животот. Беше околу три попладне и заклучив дека сите негови прехранбени потреби за тој ден се задоволени.
„Рита“, реков, „Дали сме во Грисволдвил?“

Рита гризна парче од храната и се насмеа. „Па, не сме баш на крајот на светот, но веројатно сме најблиску што некогаш ќе бидеме.“

„Ти си лошо скрпен лик, знаеш ли тоа, Рита?“
„Но никаде не одам, ако на тоа мислиш. Сè зборува дека веќе сум била овде.“

Рита долета со авион од Оклахома и беше со големина на градинарски украс, голем. На луѓето честопати им беше мета, но ни таа не се притеснуваше да им возврати со оган. Еднаш до смрт избоде ракун само зашто ја погледна.

Јас бев на одмор.

На заминување од Дотс на келнерката ѝ реков дека ќе се вратиме, но тоа беше лага. Многу места едноставно не заслужуваат враќање. Цркната птица, можеш да замислиш.

Долго ја прегледувавме картата. „Дали некогаш си бил во Малборо?“, конечно праша Рита.

„Не, но имам пешкир за плажа Малборо.“
„Во тој случај одиме.“

Ја фрли картата низ прозорец. „Само пречи“, објасни. Знаев на што мисли. Госпоѓата Азијатка што ни ја продаде мечката за Рита зборуваше како за моја жена. Рече: „Можеби вам и на вашата сопруга ова ќе ви се допадне.“ Тоа не ни пречеше, иако Рита беше малку лезбејка. Не беше многу лезбејка, а сепак, беше исклучиво лезбејка. Едвај знам за што зборувам.

Беше прекрасен ден за брзо возење, а радиото пуштено до даска. Застанавме во неколку продавници со веќе користени предмети и купивме работи што не ни требаа. Беше важно да се обнови комуникацијата со народот, да се види има ли некакви размислувања за пропаста на светот или за новите производи. Повеќето оставаа впечаток на зачудувачки среќни луѓе. Бев вистински изненаден. Донекаде и ми олесна – претпоставувам дека тоа така би можел да го кажам. Ни мавтаа дури и луѓето што живеат во приколки. Застанавме покрај телефонската говорница и Рита се јави на некоја девојка во Норман, во државата Оклахома, да ѝ каже дека сака да има бебе со неа, отприлика. Малборо и не беше којзнае каков град – две цркви, бензиска пумпа, неколку деца на велосипеди, некој старец потпрен на дрво. Имаше мала продавница со име Втора продавница, со знакот „затворено“ на вратата. Го паркиравме автомобилот и се шетавме половина час барајќи друга продавница, но се чинеше дека неа ја нема. Мислам дека тоа можеме да го наречеме одличен пример на очајнички хумор на малите градови. Рита и јас се држевме за раце, а на домаќините веројатно им се чинеше како размислуваме за тоа да се доселиме тука, можеби дури и да отвориме продавница. Тоа не беше сосема незамисливо, барем што се однесува до мене.

„Но во оваа метропола не можеш ни пијалак да се напиеш“, забележа Рита. „Ти си гениј“, реков. „Како јас не се сетив на тоа? А исто така не можеш да изедеш ни ручек, да се издупиш, да купиш книга или плоча, или чифт чорапи. Ова е крај на светот, мало парче ништо за луѓе на кои не им е особено важно. Дали би сакала некого да интервјуираш пред да добиеме мотивација за заминување одовде и враќање во зоната на судири?“

Работникот на бензиската пумпа некое време зјапаше во нас. Рита ја подигна блузата и му ги покажа цицките. Тој возврати со мавтање. Сакам да одам на одмор со Рита. Таа е толку позитивна. Толку полетна.

Пет дена подоцна застанавме во место наречено Бакленд и нарачавме какао. И двајцата се возбудивме од келнерката. Се викаше Надин и беше висока околу сто деведесет и два сантиметри. Изгледаше како некој кој би бил од голема полза меѓу полиците во одделот со производи за хигиена во домаќинството.

„Ти во неа би исчезнала“, ѝ реков на Рита прилично сурово. „Повеќе е мој тип.“
„Се обложувам дека фрлала копје во средно училиште“, рече Рита.
„Тоа сосема ми одговара“, реков. „Корисно е.“
„Како?“
„Мислам, ако ме отпуштат. На работа. Би можела да џитне по некое копје.“
„Фрида скокаше со стап и отскокна во легенда“, рече Рита.
„Кој е, по ѓаволите, Фрида?“, прашав. Надин навистина беше висока како стап, но имаше многу поубаво тело. Изгледаше како Џејн Менсфилд на штули, само што не беше блондирана русокоса.

Всушност, таа воопшто не изгледаше како Џејн Менсфилд. Тоа беше пренагла и неточна, евтина споредба, сосема непримерна. Таа изгледа како Кони Џунг на штули, само што не е Азијатка, ни оддалеку. Родена е и одгледана во Бакленд. Што значи тоа одгледана? Дали стварно е одгледана? Знам само дека би сакал да бидам нејзиниот пастув. Рита отескогаш ме викала Патор. Таа знае дека тоа не ми се допаѓа и дека попрво би бил пастув, личен пастув на Надин, барем засега додека, како стојат работите, сме накратко заглибени овде во Бакленд.

„Фрида е моја девојка во Норман, Паторче, и сè уште ја ужива славата на државен првак во скокање со стап за жени од 1968 година.“
„Би можела понекогаш да ја земеш со себе. Би сакал да ја измерам длабочината на нејзината слава.“
„Таа е... инвалид.“
„Многу пати се дочекала на глава?“
„Помалку или повеќе, тоа е добар опис на Фрида.“
„Но се обложувам дека мисли брзо како стрела, зар не?“
„Не баш“, рече Рита гледајќи како Надин се наведнува за да ја подигне лажицата.
„Зошто не ја фрлиш крпата на под да видиш дали ќе ја подигне? Можеби би можеле да ѝ ѕирнеме во цицките. Знаеш, јас сум на одмор. Заслужувам нешто.“
„Ова е и мој одмор, Паторче. Јас сум, исто така, човечко суштество.“
„Не, не си. Послична си на мешунка. Надин е, пак, повеќе налик на човечко суштество. Или, подобро кажано, таа е десет човечки суштества, три до четири ангели и гепард, сè заедно завиткано во едно примамливо тело. Таа е небеска зоолошка градина и голема кутија кучешки колачиња.“

Неколку дена потоа бевме во Конвеј. Рита мораше да ѝ се јави на Фрида во врска со нешто. Фрида требаше да ги храни мачките на Рита. Но Фрида сосема заборавила на тоа. Овојпат прислушкував. Ме интересираше како се зборува со некој кој се бања во слава и кој пролупал.

„Само пушти ги надвор“, настојуваше Рита. „Имаат околу вратот купони за јадење и можат да добијат бесплатно јадење во разни локални ресторани за миленичиња. Јас ќе се вратам за неколку дена. Чувај се, срце. Ќе ти донесам куп подароци. Да, Рим беше бучен и гласен, а Венеција целосно поплавена, но сепак се забавувавме. Баравме стари скулптури и ни се посреќи. Ќе видиш. Не, не гледавме Династија, слаб е приемот. И јас тебе те сакам.“ Кога заврши, одлучив своите мисли да ги задржам за себе. Можев нешто да кажам, но, од друга страна, не ме интересираше.
„Овој Конвеј е голема фарма на мисирки“, реков. „Последниве две минути изброив дека поминале четири камиони полни со мисирки. Дали забележа како летаа пердуви наоколу?“

Рита зјапаше во ѕвездите на своите чевли, можеби ги броеше. Се чинеше тажна.

„Како е Фрида?“, ја прашав.
„Мислам дека Фрида нема да поживее повеќе од година, а јас овде се возам со тебе и безгрижно кокетирам со келнерки. Гнида сум, Паторче. Би требала да се вратам и да внимавам да ги зема лековите и другото.“
„Оф, Рита, жал ми е. Никогаш порано не си ја спомнала Фрида.“
„Па не сме многу долго во врска. Освен тоа, во Норман тоа е тајна. Во Оклахома лезбите котираат полошо од баџанаците, а тоа нешто значи бидејќи во Оклахома и нема баџанаци.“

И понатаму стоевме онде и немавме поим што после, но така ние патуваме, Рита и јас. Настојуваме да одиме на вакво патување еднаш годишно, едноставно да се возиме каде нè носи патот и повремено да застанеме покрај некој бар или продавница за користени предмети. Таа купува многу стари шапки и бижутерија, а јас сè што ќе ми ја заскокотка фантазијата. Ја познавам уште кога беше мрсулка.

„Ние всушност не сме љубовници, туку само така изгледа.“
„Ниту нешто прашав ниту нешто претпоставив.“

Бревтајќи помина уште еден конвој со мисиркин транспорт. Многу бели пердуви лелеаво се спуштија врз нас. Извадив ситни пердувчиња од косата на Рита, а потоа таа тргна неколку пердуви од моето лице. „Ова е тажно мало место. Замисли да го поминеш животот дувајќи мисиркини пердуви од устата?“, рече Рита дувајќи пердувче од устата. „Сега добро би ми дошла рум-кола. Знам едно место во Шелбурн Фолс каде може да се седне покрај прозорец, или уште подобро на кејот, и да се гледа надолу, во реката.“

Се вративме во автомобилот, а јас нежно ја бакнав Рита в уста. Жал ми е што претходно реков дека Рита не е многу поголема од градинарски украс.

„Дајте ми уште една коленица“, рече.
„Цркната птица.“

Превод: Лавинија Шувака
Слики: Ray Caesar

ОкоБоли главаВицФото