Треба само да почнеш

08.06.2017 12:20
Треба само да почнеш

Нешто убаво сабајлево. Станав околу 6. Не се спие. Не знам како ми се чувствуваат другарите, ама јас бајаги растревожен, еве 3-4 дена. Не поминува.
Зиам точакот и прво на бурек, на чешма, а после ќе фатам патот. Нее... не работат. 1 мај. ОК. По пат некаде.
Облачно, студеникаво. Не дува. Тамам. Улиците се празни. Живо пиле нема, кола нема. Тоа! Можеш да правиш кристијании по сред Илинденска. И правиш. Џандари нема, пошо сеа деноноќно се зафатени со чување на згради. Празно собрание и влада. „Добиле наредба“, конечно.
Мислев да влезам у парк, а после низ него... и излегувам некаде кај „Палас“, а после? Па не е важно. Ќе видам кај е отворено за кафе. Рано е. Некаде кај фонтаната, „џогерка“. Се гледа дека не е од овде. Застана, ме гледа и ми даде знак да сопрам. Излезе дека зборува македонски, ама пак не сум сигурен дали е родена овде или само го научила јазикот.
- Во кој правец возиш?
(ѝ го кажав планот)
- Би сакал километар-два, да возиш покрај мене?
- ??
- Ме фаќа криза во првите неколку километри. Само друштво.
(запрепастен, ама не покажувам)
- Колку километри трчаш?
- Обично околу 15.
- Абе ај?
- Да, зошто?
(она тоа мене најнормално ме прашува еј, хахаха)
- Па и ја отприлика толку, ама со точак.
- Нема врска, исто е. Треба само да почнеш.
- Ахам.
Извозевме заедно колку што извозевме. После некое време само ми мафна и се изгуби на една споредна патека.
Треба само да почнеш.

***

И така една вечер...

Вечерта, сасвим ОК. Пријатна. Роденден некој, на најубавата улица. Најубава, додека имаше калдрма и дрворед како од филм. Не сакам жешко. Најмирниот пут коа идеш од рампа у град, а сенка? Батерија ти требе на пладне. Сенка!
И роденденот ОК. Среќаваш луѓе кои можда си требал да ги сретнеш и порано. Нема врска.
Дома, многу пред полноќ. Очи ти се склапаат и си викаш, што да не? Заеби и ФБ и све. Тонеш.
Најзаебано, ко и увек, заебанциите отпосле доваѓаат. Се будиш у триипол сабајле. Душа ти спие, ама очи пет банки. Болка те буди. Грч у нога.
Стално ќе ти текне нешо супер у вакви ситуации, да излезеш од глупо стање.
Празни улици. Подзасушени. Аута нема. Палам точак. Скоро 4 сабајле е.
Си ги повторуем у себе аутоматите за кафе кај шо можеш да се уџипиш по пут.
Почеток на Илинденска. Не ми се веруе. Не. Истана џогерка. Малце незгодно ми падна. Сакав сам да се збрлавам. Нејќев да ме види, ама немаше каде. Се праам будала, ја шишам у стодвајспета брзина. Коа....
- Хеееееј!
Е хебига. Хебига! Хебига! Морав да застанам. За малце ќе се оплескав. Уште мокро, чат-пат, а тркалоно „цајканска“ праи. Е праи, ко ќе стиснеш само на едната ручица, со сета сила. Океј. Супер шизички. Да се оплескав додуша, немаше баш да биде. А ми се случуе.
- Хеј. ... Шо вака рано? Ти глеаш колку е сат?
(Знаев дека е глупо прашањето, ама мораше нешо.)
- Не можев да заспијам, а супер е. Нема никој.
- Е сеа има.
(Се смеши, оноа... )
- Да да, супер што помина.
- Ахам, супер. Станат сум ниедно време и незнам шо со себе.
- Ај вози со мене.
(Си викам, шо да не? Не ми е прв пут со нездравава. Оваа и така не е со сите, ама ОК си е. И ја не сум. Ама ич не сум. Иаме слушалици, не мора муабет. Тоа е одлично.)
- Идеме. До каде овој пут?
- Па не знам, шо ти е гајле уствари?
- И не ми е.

Слика: Mateusz Urbanowicz

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото